Серхио Рамос стави крај на репрезентативната кариера

Шпанскиот фудбалер Серхио Рамос, соопшти дека става крај на настапите за репрезентацијата. 36-годишниот дефанзивец оваа своја одлука ја образложи на социјалните мрежи.

„Дојде време да му кажам збогум на играњето за националниот тим, во нашиот црвен дрес. Ова утро добив порака од селекторот преку која ме извести дека не рачуна на мене во иднина, без разлика на кое ниво ќе бидат моите игри понатаму. Мислам дека мојата кариера заслужи да биде завршена со лична одлука, а не поради моите години и без други наведени причини“, напиша Рамос.

Шпанецот своето деби за репрезентацијата го имаше во 2005.година. Запиша 180 настапи, а постигна 23 гола. Рамос беше дел од тимот кој ги освои Еуро 2008 и 2012 година, како и Мундијалот во 2010.година.