Вембањама нема да игра на Мундобаскетот во август и септември

Првиот пик на годинешниот НБА драфт, Виктор Вембањама, ќе го пропушти претстојниот Мундобаскет, бидејќи сака да се подготви за својата дебитантска сезона во НБА. Францускиот репрезентативец во интервју за „Л’Екип“ вели дека тешко ја донел оваа одлука, но дека во моментов тоа е разумна одлука.

Тој пред неколку дена изјави дека намерата му била да игра во Летната лига за да се подготви за Мундобаскетот, но очигледно е дека после тоа се предомислил. Светското првенство се игра од 25 август до 10 септември, а Франција е во група со Канада, Летонија и Либан. Вембањама беше драфтуван од Сан Антонио Спарс.