Радичевиќ најави дека ја игра последната сезона во кариерата

Црногорската ракометна репрезентативка Јованка Радичевиќ најави дека претстојната сезона ќе и биде последна во нејзината кариера.

„Сакам да кажам дека ќе играм уште една сезона. Потоа ќе останам во ракометот и верувам дека ќе можам да се пронајдам во друга улога. Се надевам дека ќе можам на младите генерации да им го пренесам долгогодишното искуство“, изјави Радичевиќ за РТЦГ.

Кариерата ја започна во Будуќност, играше две сезони во унгарскиот Ѓер, пет сезони во дресот на Вардар, а потоа беше дел од ЧСМ Букурешт, Кастамону, и во моментот игра за Крим.

Со Црна Гора освои злато на ЕП 2012 година, сребро на ОИ истата година, како и бронза на ЕП 2022 година.