Одбиена жалбата на Бордо, славниот клуб ќе игра во четврта лига

Славниот француски фудбалски клуб Бордо од оваа сезона ќе игра во четвртиот ранг на натпреварување.

Оваа информација не е ништо ново, но сега ја потврдија и највисоките спортски власти во Франција, каде челниците на клубот се обидоа да издејствуваат полесна казна.

Нивната жалба вчера беше одбиена од Францускиот национален олимписки и спортски комитет.

Поради оваа причина, останува на сила веќе изречената санкција што клубот ја доби поради долгови кон играчите и финансиски колапс. Апелот до Спортско-олимпискиот комитет беше последна шанса и трошка надеж за Бордо да го избегне најлошото сценарио, иако најтешкиот период допрва доаѓа бидејќи почнуваат од „нула“.

Екипата требаше да го започне натпреварувањето викендов, но клубот го одложи натпреварот, а голема е веројатноста тоа да не биде единствениот одложен натпревар, бидејќи најголемиот дел од играчите го напуштија клубот, па ќе треба време да се доведат нови фудбалери.

Бордо шест пати беше шампион на Франција, последен пат во 2009 година.