Ечевери се повреди и ќе го скокне остатокот од клупскиот Мундијал

Фудбалерот на Манчестер сити, Клаудио Ечевери ќе го пропушти остатокот од Светското клупско првенство откако го повреди глуждот во победата од 6-0 над Ал-Аин, најави тренерот на премиерлигашот Пеп Гвардиола.

Деветнаесетгодишниот аргентински репрезентативец постигна гол од слободен удар во победата со која Сити обезбеди пласман во нокаут фазата од Светското клупско првенство, но беше повлечен од теренот на полувремето поради повреда.

„Тој има некои проблеми со глуждот. За жал, нема да може да игра две или три недели“, им изјави Гвардиола на новинарите пред денешен последен натпревар на Сити од Групата Г против Јувентус.

Манчестер сити има шест бодови, исто колку и Јувентус, но е втор на групата. Второпласираната екипа ќе игра во осминафиналето против победникот од Групата Х, во која лидер е Реал Мадрид.