Беќири: Натпреварите се добиваат на терен, а не со изјави

Тренерот на Шкендија, Јетон Беќири, беше задоволен по историската победа на својот тим над романскиот ФЦСБ во Букурешт, во натпревар што привлече големо внимание на европската сцена.

„Ова е навистина голема победа за нас. Да се совлада екипа со ваков квалитет, пред ваква публика и во ваква атмосфера, не е мала работа. Сакам да им честитам на сите играчи, на клубот, на навивачите, на секој кој е дел од Шкендија“, изјави Беќири веднаш по натпреварот.

Во текот на изминатата недела имаше провокациите од страна на домашната екипа, посебно пред натпреварот, а Беќири покажа респект кон противникот.

„Импресиите се силни. И покрај сите провокации, имам голем респект за ФЦСБ. Станува збор за клуб со традиција, имаат сопственик кој вложува сериозно во фудбалот и тренер кој знае што прави. Но, јас сум научен дека фудбалот не се добива преку изјави, туку се игра и решава исклучиво на терен“, додаде Беќири.

Победата во Букурешт е голем чекор напред за Шкендија, затоа што тимот обезбеди минимум 5 милиони евра финансиска добивка, а исто така обезбеди место во групите на УЕФА.