Перез остро ја нападна Барселона за случајот „Negreira“ и го критикува управувањето во Ла Лига

Frontview of Florentino Perez talking

Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, жестоко ја критикуваше Барселона поради скандалот „Negreira“, предупредувајќи дека случајот сериозно ја нарушува довербата во шпанскиот фудбал. Настапувајќи на Генералното собрание на клубот, Перез истакна дека:„не е нормално клуб да му плати над осум милиони евра на потпретседателот на судиската комисија во период од 17 години, без оглед на изговорот“.

Тој потсети дека времето на овие плаќања се поклопува со најуспешните години на Барселона, што, според него, отвора оправдани сомнежи за можни влијанија врз судиските одлуки. Улогата на Хосе Марија Енрикес Негреира, кој бил задолжен за оценување и унапредување судии, само ги продлабочува тие прашања за интегритетот на натпреварувањето.

Перез ја искористи приликата и да упати критики до раководството на Ла Лига, особено поради идејата за одигрување натпревари надвор од Шпанија. Како пример го посочи предложениот меч Барселона – Вилјареал во Мајами, оценувајќи дека: „не е нормално претседателот на лигата да турка вакви иницијативи“, споменувајќи и дека дури и играчи како Френки де Јонг се изјасниле против тоа.

Тој исто така го постави прашањето за можните финансиски стимулации за клубовите што би патувале во САД, предупредувајќи на потенцијални судири на интереси. Перез повторно се наврати и на договорот со „CVC“, за кој оцени дека долгорочно ќе ги оштети клубовите. Како илустрација ја посочи Барселона, која првично се противеше на проектот, но го повлече противењето кога доби олеснувања за регистрација на играчи.

Со овој остар настап, Перез уште еднаш ги нагласи длабоките тензии меѓу двата најголеми шпански клуба и ја засили позицијата на Реал Мадрид како најгласен критичар на спорните процеси во судискиот и управувачкиот систем на шпанскиот фудбал.