Започна реализацијата на проектот Touch the Goal – Фудбал за секое дете

Оваа година УЕФА Фондацијата за деца ги додели своите годишни награди на 26 организации кои секојдневно работат на подобрување на животот на ранливи категории на деца. Ова признание е дел од пошироката иницијатива на УЕФА за поддршка на локални проекти кои преку фудбал и спорт создаваат подобри услови за живот и развој на децата во Европа и пошироко.

Наградите се доделуваат на организации номинирани од страна на националните фудбалски асоцијации, членки на УЕФА.

Фудбалската Федрација на Македонија, годинава го номинираше основното училиште и ресурсен центар „Иднина“, како кандидат од нашата земја кој успешно работи на создавање на инклузивни практики кои оставаат трајно влијание.

ОУРЦ „Иднина“ е меѓу добитниците од другите земји кои работат со деца со попреченост и ранливи категории на деца, како што се: Англија: Make-A-Wish UK, Германија: AMANDLA EduFootball, Италија: Soleterre, Шпанија: Babies Uganda, Шведска: Min Stora Dag (My Special Day) и многу други од земји како Австрија, Белгија, Грција, Србија, Русија, Ирска, Норвешка и др.

На 28 ноември во Холидеј ин, беше промовиран проектот ‘Touch the Goal“- “Фудбал за секое дете“, којшто се финансира од средствата од наградата. Свои обраќања на настанот имаа директорката на училиштето, Лорета Андреевска, генералениот секретар на ФФМ, Леонид Јандреоски, Сашо Огњеноски, државен секретар во Министерство за спорт и Душан Томишич, претседател на Комисија за спречување и заштита од дискриминација.

“Стратешка мисија на ФФМ е да обезбеди интегративни можности и права за сите, во безбедна, здрава фудбалска и животна средина. Тргнувајќи од нашата стратешка определба, а и поради успешната работа во поле на инклузијата на основното училиште и ресурсен центар Иднина, ги номиниравме како кандидат од нашата земја за годишната награда од УЕФА фондацијата за деца.

Проектот “Допри до голот – Фудбал за секое дете” е повеќе од подигнување на свесност, ова е градење капацитети и знаења за тоа како треба да се работи со посебни категории на деца, кои во принцип се најранливите категории на кои им треба најголема поддршка за да се почуствуваат дел од тимот. Заедно со Иднина и со другите чинители – наставници и родители ќе создаваме еднакви можности за сите, преку поддршка на ученици со аутизам и други комплексни образовни потреби.

Проектот преку фудбалот ќе ги поврзе училиштата, децата, тренерите и семејствата“, истакна во обраќањето Леонид Јандреоски.

Инклузивната фудбалска програма ќе биде наменета за поддршка на ученици со аутизам и други комплексни образовни потреби, кои често се соочуваат со бариери за учество во спортски активности.

Проектните активности ќе обезбедат: прилагодена спортска опрема за целната група, структурирана обука за наставен и стручeн кадар, организирана врсничка поддршка, со цел активно вклучување, еднакви можности и социјална интеракција преку фудбалот.

По обраќањата следуваше презентација на проектот од страна на директорката и панел дискусија со наставник по физичко, специјален едукатор и рехабилитатор и образовни асистенти.