Магично деби на Гендузи, Фенер го освои Суперкупот на Турција

Победата беше најавена уште во првото полувреме, кога резултатот го отвори новото засилување Матео Гендузи. Французинот, кој пристигна од Лацио, со овој погодок го обележа своето деби во дресот на Фенербахче. По паузата, работата беше комплетирана многу брзо, бидејќи Џејден Остерволде погоди по само три минути игра и му донесе голема предност на својот тим.

Галатасарај се обиде да одговори и да внесе неизвесност, но офанзивните обиди останаа без вистински ефект. Ривалот успеа да упати само еден удар во рамките на голот и немаше сила за пресврт во дербито.

Суперкуп дуелот се одигра на олимпискиот стадион „Кемал Ататурк“ во Истанбул, каде Фенербахче славеше нов значаен успех против вечниот ривал.