feature

ФИФА ќе го зголеми наградниот фонд за Мундијалот 2026

Наградниот фонд за Светското првенство во 2026 година ќе биде зголемен откако некои национални асоцијации изразија загриженост за високите оперативни трошоци за финалниот турнир.

Неколку европски репрезентации изразија загриженост дека учеството на турнирот во Северна Америка може да резултира со загуби, бидејќи се очекува трошоците да бидат значително повисоки отколку во Катар пред четири години. По ова, Светската фудбалска асоцијација (ФИФА) е во дијалог со националните асоцијации ширум светот по ова прашање и сега ќе ги зголеми и наградните фондови за земјите учеснички и финансирањето за развој од Светското првенство, кое оди кај сите 211 асоцијации-членки.

Дискусиите за деталите за зголемувањето на финансирањето се во тек.

– Пред состанокот на Советот на ФИФА во Ванкувер, Канада, на 28 април 2026 година, ФИФА може да потврди дека е во разговори со асоцијации ширум светот за зголемување на расположливите приходи. Ова вклучува предложено зголемување на исплатите за сите тимови кои се квалификуваат за Светското првенство во 2026 година и финансирање за развој достапно за сите 211 асоцијации-членки. Светското првенство во 2026 година ќе биде револуционерно во својот финансиски придонес кон глобалната фудбалска заедница, а ФИФА е горда што е во најсилната финансиска позиција во својата историја за да му користи на светскиот фудбал преку својата програма „ФИФА Форвард“. Понатамошни детали ќе бидат дадени навремено, во зависност од дискусиите, е ставот на ФИФА по ова прашање.

Во декември, ФИФА одобри рекорден награден фонд од 727 милиони американски долари што ќе биде распределен меѓу 48-те учесници на финалниот турнир, вклучувајќи 50 милиони американски долари за победничкиот тим.


Струга Трим Лум го победи Силекс и го „запечати“ третото место

Струга Трим Лум со 2-0 го победи Силекс во 29. коло од ПМФЛ, и сега ја зголеми предноста на табелата на третото место на 10 бодови. Стружани доминираа во текот на целиот натпревар, не му дозволија на противникот да направи некоја посериозна шанса, и така на крајот заслужено ги освои трите бода.

Првата шанса ја имаше Малески во 10. минута кога од одлична позиција шутираше, меѓутоа Џеков со одлична одбрана не дозволи да биде слободен.

Струга ТЛ поведе во 21. минута. Беше досуден слободен удар на 35 метри од голот на Силекс, Шабани нафрли до Маудо, кој со глава беше прецизен испраќајќи ја топката во горниот лев агол од голот на немоќниот Џеков.

Силекс имаше еден обид во финишот, но Ангелети не дозволи да биде совладан.

Мирен почеток имаше вториот дел од средбата. Двата тима како да чекаа грешка, а таа ја дочека домашниот тим. Бутуровиќ направи грешка во додавањето, па Малески ја украде топката, тргна кон голот на Силекс, го мина и Џеков и го совлада за предност од 2-0.

До крајот само уште една шанса на Силекс со удар од далечина, Ангелети не дозволи да биде совладан, и Струга ТЛ со „чиста мрежа“ ги запиша бодовите, прекинувајќи ја серијата на Силекс од четири победи


Центарот за Едукација на тренери започна со обука на нова генерација кандидати за УЕФА А лиценца

Центарот за Едукација на тренери на ФФМ во Дојран започна со обука и предавање на нова генерација кандидати за УЕФА А лиценца.

Наставата се одвиваше во 3 Модули. Првиот се однесуваше на теорија која ја презентираа директорот на Центарот за Едукација Борче Христов, професор Жикица Тасевски, професор Вујица Живковиќ и селекторот на Македонската младинска репрезентација Горан Станиќ.

Во делот на судиските правила свое излагање имаше Горан Спиркоски, а во делот наменет за превентива и справување со спортски повреди д-р Михајло Ивановски.

Во поголемиот дел од обуката кандидатите имаа можност да соработуваат со гостинот од Србија, Милош Милоевиќ, еминентен тренер на преку 20 европски екипи (Црвена Звезда, Малме, Хамарби, Ландскрона, Ал Аин, Викингур, Бран, Бреидаблик, Ал Васл, Шарјах и Мјалби).

Со него кандидатите разгледуваа различни видови на систем на игра, периодизација, офанзивна и дефанзивна транзиција.

Модулот беше исполнет со повеќе нови содржини согласно новата УЕФА конвенција за тренери. Со Горан Станиќ се работеше на анализа на сопствена и на противничка екипа и секако, практичен дел на терен.

Вкупниот фонд на часови е 180 по 60 часови на Модул. Меѓу посетителите се поранешните репрезентативци Стевица Ристиќ, Владе Лазаревски, Ферхан Хасани, Илија Несторовски, Стефан Спировски.


Динамо Загреб ја врати титулата во хрватскиот шампионат

Во недела, во рамките на 32-то коло од хрватското првенство, се одигра „Јадранското дерби“ – Риека го пречека Хајдук од Сплит на распродадениот стадион „Руевица“.

На крајот натпреварот заврши без голови, што значи дека новиот шампион на Хрватска е формално познат.

Тоа е Динамо од Загреб, кој го победи Вараждин со 2-1 (0-0) во вториот натпревар од неделата програма. Се покажа дека дуелот нема никакво значење.

Пред „Јадранското дерби“ беше јасно дека само победа на Хајдук на гостински терен во Риека, заедно со евентуален пораз на Динамо, ќе ги остави играчите од Сплит во трката за шампионската титула.

На четири кола до крајот Динамо стекна предност од 15 поени во однос на Хајдук.

„Модрите“, ја освоија 26-та шампионска титула во историјата на клубот, 19-та во 21 век.


НБА лигата изрече парична казна за Никола Јокиќ

НБА лигата го казни, Никола Јокиќ со 50.000 долари за инцидентот со Џејден МекДениелс, што се случи по завршувањето на четвртиот натпревар од плејофот помеѓу Минесота и Денвер.

Покрај Јоки, НБА го казни и центарот на Минесота, Џулиус Рендл со 35.000 долари за учество во инцидентот.

Сè започна по последниот звк на сирената, откако претходно, Џејден МекДениелс реши да го нападне кошот и да поентира на 1,3 секунди пред крајот, иако играчите практично престанаа да играат.

Тој потег не остана незабележан од Јокиќ, кој тргна од центарот на теренот кон противникот, што прво предизвика туркање пред клупата на Тимбервулвс, а потоа и општ хаос на паркетот.


Баерн не сака да слуша понуди за Александар Павловиќ

Баерн Минхен ги одбил понудите за трансфер од Реал Мадрид и од Манчестер сити за играчот од средниот ред Александар Павловиќ.

Германскиот шампион нема намера да се раздели со 21-годишниот фудбалер, кој се покажа како стандарден првотимец во составот на тренерот Венсан Компани.

Германскиот репрезентативец дебитираше во Бундеслигата за Баерн во октомври 2023 година, откако помина низ академијата на клубот, а неговиот договор е со важност до 30 јуни 2029 година.

Во сезоната 2025/26, Павловиќ има постигнато од четири гола има една асистенција на 39 натпревари и во моментот изнесува околу 75 милиони евра.


Вујовиќ се врати на селекторското место во Катар

VUJOVIC Veselin Iran HANDBALL : Slovà nie vs Iran – Championnats du monde 2023 – Cracovie – 01/18/2023 LaurentTheophile/Panoramic PUBLICATIONxNOTxINxFRAxITAxBEL

Легендарниот тренер Веселин Вујовиќ повторно ќе ја преземе ракометната репрезентација на Катар.

Поранешниот селектор на Македонија и екс-тренер на Вардар веќе отпатувал во Доха, каде ќе го започне својот нов мандат на клупата на националниот тим, кој го водеше и во периодот 2024–2025.

На Светското првенство во 2025 година, Катар заврши на 21. место, меѓу другото и со пораз од Македонија.

Во меѓувреме, селекцијата ја водеше Валеро Ривера, но поразот во финалето на Азиското првенство од Бахреин, по серијата од шест титули, не ги задоволи челниците на федерацијата.


Труење со храна на тенискиот Мастерс во Мадрид

Повеќе тенисери на престижниот турнир, кој во моментов се игра во Мадрид, се пожалија на стомачни болки, а дел од нив повраќаа дури и за време на натпреварите, најверојатно како последица на расипана храна што им се служела во ресторанот за играчите, јави медиумот „Тенис ченел“.

Голем број учесници се повлекоа од натпреварите поради болки во стомакот и исцрпеност, така што натпреварите се презакажуваат.

Според медиумите, кои разговарале со играчите, изворот на инфекцијата најверојатно се такосите со ракчиња што се служат во ресторанот на играчите.

Најтешките сцени се случија за време на натпреварот помеѓу Коко Гоф и Сорана Кирстеа.

Во еден момент, американската ѕвезда почна да повраќа среде теренот, но некако најде сила да „преживее“ и да го добие натпреварот, иако беше видливо исцрпена.


Салах ја скина тетивата, ќе се врати непосредно пред Мундијалот

Фудбалерот на Ливерпул, Мохамед Салах, ќе го пропушти остатокот од сезоната 2025/26 поради повреда на тетивата заработена во поразот од 3:1 од Кристал Палас во англиската Премиер лига во 34. коло, објави Ројтерс, повикувајќи се на директорот на египетската репрезентација, Ибрахим Хасан.

Триесет и тригодишниот Салах, кој го објави своето заминување од Ливерпул на крајот од сезоната, повеќе нема да игра за „Црвените“.

-Тој има скината тетива и ќе му бидат потребни четири недели лекување, го цитира „Ројтерс“ Хасан.

Според Хасан, Салах ќе биде подготвен за Светското првенство 2026 година, каде што Египет ќе игра во групата Г со Белгија, Нов Зеланд и Иран. Салах е решен да натсапи на Мундијалот кој започнува на 11 јуни.

Во сезоната тековната сезона напаѓачот постигна 12 гола и имаше пет асистенции во 39 натпревари. Неговиот договор со Ливерпул важи до 30 јуни 2027 година.


Македонија до 15 години со убедлив старт на турнирот во Италија

Младата репрезентација на Македонија до 15 години со победа го отвори настапот на престижниот турнир Torneo delle Nazioni во Италија, совладувајќи ја селекцијата на Молдавија со убедливи 3-0 (2-0).

Избраниците на селекторот Горан Станковски одиграа сигурен натпревар и со три погодоци најавија успешен настап на турнирот.

Стрелци за Македонија беа Мубин Мустафа, Доротеј Христов и Гораст Ристовски.

Македонија до 15 години: Огнен Божиновски, Адел Мустафи, Ејман Емини, Давор Танески (к), Дин Рожајац, Калин Аврамоски, Драган Петков, Павел Димоски, Мубин Мустафа, Доротеј Христов, Јоан Ѓорѓиевски;

Јован Даноски, Амар Незири, Фисник Амити, Гораст Ристовски, Аријан Исаку, Јетмир Асани, Димитар Ламбро Анастасовски, Дијар Алиу, Васко Трајков, Андреја Блажев, Константин Тренов.

Македонија во групата ќе одигра уште два натпревари на 27 април против Велс и на 29 април се соочуваме со Шкотска.

Во зависност од пласманот во групата, селекцијата ќе разигрува за конечен пласман на 1 мај.