feature

Марјан Секуловски ќе го води Пелистер до крајот на сезоната

Oд денес битолски Пелистер има трет предводник сезонава, По Капинковски и Стојановски, десеттопласираната екипа на табелата во последните девет кола ќе ја води Марјан Секуловски.

Клубот со соопштение ги откри своите причини и намери за овој избор.

„ФК Пелистер повикува на обединување во последните два месеци од сезоната за исполнување на клупските цели. Нашата идеја е сите структури во клубот и градот да пулсираат исто за на последните девет натпревари оваа сезона Пелистер биде оној вистинскиот.

Затоа решението за излез од кризниот период го побаравме во нашите редови. Како и сите големи клубови се потпревме на оние кои најдобро знаат што е Пелистер, како се менаџира тежок период во клубот и кој е патот за излез од кризата. Марјан Секуловски од денес е нов тренер на Пелистер и ќе го води тимот до крајот на оваа сезона. Секуловски е дете на клубот, долги години играше и во водеше тимот, а својата професионала кариера го однесе во Победа, 11 Октомври, Новаци, Силекс, Македонија Ѓорче Петров, Брегалница, Мјанмар, Малдиви…“, се вели во соопштението на клубот од Битола.

53-годишниот Секуловски в среда ќе го одржи првиот тренинг, а ќе дебитира на 4 април против првакот Шкендија. Пелистер е на делба на десеттото и единаесеттото место со 22 бода, исто колку што има и Работнички.


Лина Ѓорческа поразена на првиот меч по враќањето од повредата

Лина Ѓорчевска го загуби првиот натпревар по враќањето од повредата.

Лина беше поразена со 2-0 против тенисерката Лејре Ромеро Гормаз и така го заврши својот настап уште во првата рунда од челенџер турнирот од серијата 125 кој се одигра во Дубровник.

Ѓорческа загуби со идентичен резултат во двата сета и успеа да освои по три гема во секој сет (6-3, 6-3).

За нашата тенисерка ова беше прв настап по пауза од речиси месец и половина.

Таа доживеа повреда на полуфиналето од турнирот во Порто и одлучи да се повлече се додека повредата не се санира.


Џулиус Томас нов тренер на Париз

Кошаркарскиот клуб Париз го назначи Џулиус Томас за привремен тренер до крајот на сезоната.

28-годишникот ќе го замени Франческо Табелини на таа позиција.

Досега, Томас ја извршуваше позицијата помошник главен тренер.

Тој ќе стане најмладиот тренер во историјата на Евролигата, со што Париз ја потврди репутацијата на клуб кој верува во млади таленти.

Тој е член на клубот од летото 2023 година и оттогаш придонесува за континуитетот на развојот на тимот од Париз.

Беше асистент на Томас Исало, а потоа и на Тијаго Сплитер, кои сега работат во НБА.

Томас ќе има можност да дебитира на 27 март против Дижон во француското првенство.


Ристовски херој во победата на Сараево

Сараево направи важен чекор во трката за европските позиции, откако на домашен терен извојува победа во дербито од 26. коло во првенството на Босна и Херцеговина.

Клучната улога ја имаше поранешниот капитен на македонската репрезентација, Стефан Ристовски, кој во 64. минута го постигна решавачкиот погодок и донесе вредни три бода за својот тим.

Во составот на Сараево настапи уште еден македонски интернационалец, Агон Елези.


Зидан постигна вербален договор, по Мундијалот ја презема Франција

Медиумите од Франција пренесуваат дека Зинедин Зидан кажал ДА и постигнал вербален договор со ФФФ да го презеде кормилото на „триколорите“ по крајот на Светското првенство.

Зинедин Зидан му се враќа на фудбалот, летоска ќе седне на клупата на репрезентацијата на Франција.

Популарниот Зизу често се поврзуваше со неколку гиганти ширум Европа, но прв избор му беше кормилото на „триколорите“.

И како што пренесува „Ле Паризиен“, тој конечно кажал ДА и постигнал вербален договор со Фудбалската федерација на Франција.

Соработката ќе се формализира по крајот на Светското првенство во САД.


Николов: Притисокот е кај Данска, ние одиме по изненадување

Македонската фудбалска репрезентација се подготвува за првиот плејоф натпревар против Данска за пласман на Светското првенство, а во составот повторно е Бобан Николов, кој се враќа во националниот тим по двегодишна пауза.

Искусниот играч за врска верува во квалитетот на репрезентацијата и можноста за изненадување во Копенхаген.

„Сите знаеме што значи да се игра за репрезентација. Тоа не може да се спореди со ништо, играш за својата држава и ја претставуваш. Се надевам дека ќе биде одлично и дека со моето искуство, заедно со сите во тимот, ќе придонесам да стигнеме до посакуваната цел. Искрено верувам дека можеме. Нормално е да се надеваме, а ако ни е денот, можеме и да изненадиме. Сите веруваме и дојдовме тука со таа цел. Нема да се предадеме, ако сите одиграме на највисоко ниво, можеме да сонуваме за пласман. Прво размислуваме за Данска, тоа е најважниот натпревар. Притисокот е на нивна страна, а ние немаме што да изгубиме, можеме само многу да добиеме. Ќе влеземе смирено, ќе го оставиме срцето на терен, па што биде нека биде.
Селекторот носи агресија и силна мотивација. Знае како да ги поттикне играчите и мислам дека тоа е голем плус за нас. Ако таа енергија се пренесе на терен, можеме многу да постигнеме, изјави Николов.

Натпреварот се игра на 26 март во Копенхаген, почетокот е закажан за 20 часот и 45 минути.


Горан Станиќ пред тешките гостувања: Храбро против Италија и Ерменија

Младата репрезентација на Македонија до 21 година влегува во нов предизвик од квалификациите за Европското првенство 2027 со две тешки гостувања. На 26 март во Емполи избраниците на Горан Станиќ ќе се соочат со Италија, а пет дена подоцна, на 31 март, ќе гостуваат во Ереван кај Ерменија.

Нашата селекција веќе ги започна подготовките, со делумно подмладен состав и јасна цел, поконкурентни изданија и позитивен резултат.

„Нè очекуваат две исклучително тешки гостувања, но тоа е реалноста во овој квалификациски циклус. Направивме одредени промени и го подмладивме тимот со фудбалери кои ќе бидат носители и во следниот циклус, но и со играчи кои верувам дека веќе сега можат да одговорат на барањата.

Клучно ќе биде да одиграме дисциплинирано, одговорно и борбено. Мора да ги сведеме на минимум индивидуалните грешки што досега скапо нè чинеа и да извлечеме максимум од двата натпревари. Очекувам храбар пристап, без преценување или потценување на противникот, со фокус на нашата игра“, изјави селекторот Станиќ.

Во групата од квалификациите за ЕП 2027, македонската репрезентација во шесте натпревари, запиша домашна победа против Ерменија (2:1). Против Италија, во Битола, загубивме со 0:1.


Данска го распродаде „Паркен“ за баражот со Македонија

Селекцијата на Данска на 26 март ќе ја пречека Македонија во рамки на плеј-оф натпревар за пласман на Светското првенство. Од фудбалската федерација на Данска информираа дека домаќините ќе ја пречекаат македонската репрезентација пред полни трибини.

-Голема ноќ доаѓа на „Паркен“ кога играчите ќе истрчаат на теренот пред распродаден стадион за плеј-оф натпреварот против Македонија во четврток. Со нетрпение го очекуваме натпреварот, објавија Данците.

Капацитетот на стадионот „Паркен“ во Копенхаген е 38.190 гледачи. Натпреварот против Данска е закажан за 20 часот и 45 минути.

Македонската фудбалска репрезентација денеска во 16 часот ќе го одржи последниот тренинг пред утрешното заминување за Копенхаген, кој како што најавија од ФФМ, ќе биде од отворен карактер.

Вториот натпревар во кој противник ќе ни биде Чешка или Република Ирска ќе се одигра на 31 март.


Од соништата во детската соба до тревникот на Бернабеу: Ленарт Карл излегува на мегдан со својот „омилен клуб“

Играчот на Баерн Минхен, Ленарт Карл, и логото на Реал Мадрид

Светлата на Сантијаго Бернабеу имаат моќ да направат дури и најголемите ветерани да почувствуваат тежина во нозете. Но, за Ленарт Карл, новата ѕвезда во подем за која брои цела фудбалска Европа, сенката на реновираниот мадридски храм не е извор на страв, туку остварување на долгоочекуван сон.

За Ленарт Карл, ова не е само уште еден натпревар во календарот, туку кулминација на неговите амбиции. Во интервју, младиот играч не можеше да ја сокрие насмевката која стана негов заштитен знак.

„Многу сум возбуден! Едвај чекам да играм против Реал Мадрид“, призна Карл. Неговата поврзаност со шпанскиот гигант не е тајна. Уште минатиот јануари, тој ги преплави социјалните мрежи со искрената исповед дека Реал е неговиот „клуб од соништата“, чувство вкоренето уште од деновите кога како дете ги гледаше „Галактикос“ како доминираат во Европа. Сега, тој стапнува на истата трева, но не како навивач, туку како директна закана.

Модернизираниот Сантијаго Бернабеу, со својата футуристичка челична конструкција и застрашувачка атмосфера, претставува најголем тест за секој млад талент. Сепак, Карл делува повеќе импресионирано отколку уплашено. „Бернабеу е навистина кул стадион“, изјави тој со самодоверба на играч кој чувствува дека му припаѓа на најголемата сцена. Аналитичарите веќе предвидуваат дека неговиот стил на игра: смирен, технички супериорен и секогаш насочен напред — би можел да блесне токму под силните рефлектори во Мадрид.

Наративот за овој дуел почна да се пишува пред неколку месеци. Кога Карл во јануари јавно проговори за својата пасија кон „Кралскиот клуб“, многумина тоа го протолкуваа како отворена покана за трансфер. Денес, додека стои во тунелот на стадионот кој го идолизираше, неговата приказна добива филмски крај. Без разлика дали е тука на своевидна „аудиција“ за во иднина или само да докаже дека може да се носи со своите идоли, едно е јасно: Ленарт Карл не е дојден на екскурзија, тој е дојден да го освои Мадрид.


Езе надвор од комбинација за Англија: Арсенал потврди повреда на листот

Играчот на Арсенал, Еберечи Езе

Арсенал и англиската репрезентација се соочуваат со сериозен проблем откако беше потврдено дека Еберечи Езе дефинитивно ќе ги пропушти претстојните меѓународни натпревари. Креативецот на „Топчиите“ заработи повреда на мускулот на листот, што претставува голем удар за плановите на Микел Артета, но и за националниот тим.

Езе беше принуден да го проследи вчерашното финале во Лига купот од трибините, каде неговото отсуство беше евидентно во играта на Арсенал. Иако медицинскиот тим до последен момент се надеваше на позитивен исход, деталните прегледи покажаа дека повредата е од поопасна природа, принудувајќи го фудбалерот на принудна пауза токму пред дуелите со Уругвај и Јапонија.

Фокусот на Арсенал сега е насочен кон побрзо закрепнување на нивната ѕвезда. Според официјалните информации од Емиратите, Езе ќе биде подложен на дополнителни прегледи за 6 до 7 дена, кога прецизно ќе се дефинира должината на неговото отсуство. Овој период е критичен, бидејќи клубот влегува во решавачката фаза од сезоната, каде ги очекуваат четвртфиналните пресметки во Лигата на шампионите и трката за титулата во Премиер лигата.

За Англија, тајмингот на оваа повреда е особено неповолен. Овие пријателски натпревари се последната вистинска проверка за селекторот Томас Тухел пред финализирање на списокот за Светското првенство.

Поради отсуството на Езе, Томас Тухел реагираше експресно и во националниот тим го повика крилниот фудбалер на Њукасл, Харви Барнс. Барнс, кој игра во животна форма и веќе постигна 14 гола оваа сезона за „Страчките“, денеска и официјално се приклучи на тренинг-кампот во Сент Џорџ Парк.

Ова е огромна шанса за Барнс повторно да се наметне во репрезентацијата по подолга пауза. Додека Езе ја започнува својата рехабилитација во Северен Лондон, фудбалерот на Њукасл добива „златна“ можност да ги покаже своите квалитети пред Тухел и да си обезбеди билет за претстојниот Мундијал во Северна Америка.