feature

Дубаи го продолжи договорот со тренерот Јурица Големац

Кошаркарскиот клуб Дубаи официјално соопшти дека го продолжил договорот со главниот тренер Јурица Големац, кој го предводеше тимот до сензационалната победа над европскиот првак Фенербахче со 93-69 во рамки на Евролигата.

Раководството на клубот одлучи да ја награди одличната работа на словенечкиот стратег, кој за кратко време создаде тим што демонстрира самодоверба, дисциплина и модерна кошарка.

Под водство на Големац, Дубаи игра препознатливо — со брз напад, агресивна одбрана и голема тимска енергија. Победата над Фенербахче се смета за најголемиот успех во младата историја на клубот, а продолжувањето на соработката е потврда за амбициите на проектот да стане стабилен евро-лигашки тим.

„Ова е само почеток. Играчите веруваат во системот, а клубот во нас — заедно градиме иднина“, изјави Големац по потпишувањето на новиот договор.

Дубаи веќе најави дека следната цел е пласман во плеј-офот на Евролигата, а под водство на Големац изгледа дека таа амбиција не е невозможна.


Ако Касемиро ги намали примањата, ќе добие нов договот на „Олд Трафорд“

Манчестер Јунајтед може да му го продолжи договорот на Касемиро и за наредната сезона, велат последните информации од фудбалска Англија.

Бразилецот има тековна соработка до летото во 2026 година но, „црвените ѓаволи“ размислуваат да го задржат подолго доколку се согласи на значително намалување на платата.

Играчот од средниот ред е еден од најплатените во клубот. Тој добива 300.000 фунти неделно.


Пикфорд прифати нов договор со Евертон

Голманот, Џордан Пикфорд, ќе го продолжи договорот со фудбалскиот состав Евертон. Тоа треба да се случи пред викенд дуелот со Манчестер Сити кој ќе биде одигран во рамките на Премиер-лигата.

Медиумите наведуваат дека искусниот чувар на мрежата се согласил да потпише нов четиригодишен договор.

Пикфорд ги брани боите на популарните „карамели“ од 2017 година.


Пелистер поразен од Цедевита Јуниор на стартот на ФИБА Европа Купот

Пелистер не успеа да стигне до позитивен резултат во првото коло од ФИБА Европа купот откако битолскиот клуб вечерва беше поразен во Загреб од Цедевита јуниор со убедливи 94-76. Хрватскиот тим покажа многу повеќе на теренот во арената „Дражен Петровиќ“, Пелистер имаше проблеми и со шутот од далечина и со скок-играта, ситуација во која не можеше да се стигне до изненадување вечерва во Загреб.

Домаќините го отворија мечот со брзо водство од 6-0, пред првите поени за Пелистер да ги постигне Андреј Митревски (6-2). Цедевита Јуниор за момент имаше 8-2, но Пелистер имаше одговор и во четвртата минута поведе со 8-9, прво водство на македонскиот тим на натпреварот. По ефикасниот старт се влезе во серија грешки на двете страни, Цедевита јуниор по осум минути игра водеше со 18-16, Пелистер израмни на 18-18 со забивањето на Ленгстон Вилсон, но хрватскиот тим подобро ја заврши четвртината, поведувајќи со 24-20.

Почетокот на втората четвртина мина во знакот на Стајиќ, кој најпрви асистираше до Вилсон, а веднаш потоа украде топка и рутински реализираше за 24-24. Повторно следеше период на грешки, а откако домаќинот поведе со 28-24 тренерот Даскаловски го побара својот прв тајмаут на мечот. Цедевита Олимпија имаше најубедливи 35-27, Митревски се врати на терен и постигна пет поени во низа, но следеше нов период на криза во нападот што домаќините го искористија и на одмор заминаа со 44-35, полувреме во кое домаќинот целосно доминираше под обрачите (26-13 во скокови).

Домаќините го отворија второто полувреме со тројка за 47-35, Пелистер одговори со четири поени во низа, но Цедевита јуниор ја задржа контролата над играта и резултатот, со тројката под фаул на Даниелс стигнувајќи до најубедливи „плус 13“ (56-43). Во 27. Минута хрватскиот тим поведе со 59-45, по што Даскаловски беше принуден да побара уште еден тајмаут. Ситуацијата на теренот не се промени, хрватскиот тим издоминира до крајот на третата четвртина, во последните десет минути Пелистер влезе со негатива од 67-53.

Хрватскиот тим имаше контрола над резултатот, Пелистер само за момент намали на „минус десет“ (74-64), но следеше нова серија на Цедевита јуниор и разликата за две минути скокна на 20 поени (86-66). На крајот, хрватскиот тим славеше со убедливи 94-76 , за убедлив пораз од кој „пелистерци“ ќе мора експресно да извлечат многу поуки, за подобро да се претстават во ова европско натпреварување.

Прв стрелец на Пелистер во овој пораз беше Ленгстон Вилсон со 17 поени и 12 скокови, а двоцифрен ефект имаа уште и Митревски со 13, Си-Џеј Вилсон со 11 и Малешевиќ со 10 поени.


Ортега: Со ваква публика на човек му доаѓа пак да заигра!

Ракометарите на Еурофарм Пелистер се претставија добро во дуелот со европскиот великан Барселона во ракометната Лига на шампиони, но не успеаја да обезбедат позитивен резултат на домашен терен (30-34).

Двата шпански тренери го анализираа натпреварот и се осгласија дека подобриот тим победи. Исто така беа одушевени од атмосферата и амбиентот во салата.

Рубен Гарабаја
(тренер на Еурофарм Пелистер)
Игравме против можеби најдобриот тим во светот. Да ја победиш Барселона мора да си перфектен, ние имавме добар меч, но не и перфектен. Правевме некои лесни грешки, не најдовме решение да ги сопреме во одредени ситуации. Вториот дел беше многу подобар, видов борба. Имавме мала шанса на крајот на мечот, но не можевме да победиме. Мислам дека напредуваме секој ден и сме подобри, мора да го ставиме фокусот дури и на најмалиот детал во играта. Мора да го држиме фокусот, да бидеме паметни во најситните моменти. Знам дека некогаш не е лесно да се прави тоа, но мора да работиме на таквите работи за да дојдеме до нови победи.

Карлос Ортега
(тренер на Барселона)
Беше задоволство да се игра на ваков терен пред овие навивачи, ми доаѓа пак да бидам играч во овие услови. Домашната публика навистина притиска и сите екипи сигурен сум дека ќе имаат тука проблеми. Против нас го имавме и мојот поранешен играч Филип Кузмановски, сега Кузмановски е веќе зрел играч, лидер на екипата, игра извонредно со пивот и токму тој е она што му треба на Еурофарм Пелистер. Ми беше драго што повторно го видов.

По пет одиграни гола Еурофарм Пелистер е седми во групата Б со една победа и четири порази.


Брера доби суспензија за трансфери од ФИФА

Македонскиот прволигаш Брера Струмица има несакан проблем, затоа што доби блокада од Светската куќа на фудбалот (ФИФА) за трансфери во иднина.

Името на Брера Струмица се најде на листата на ФИФА и фигурира на оваа листа од последната седмица од месец септември. Забраната за трансфери трае во следните три преодни рока.

Причината за ваквите потези на ФИФА се претежно долговите кон странски играчи или тренери, кои ги пријавуват своите побарувања до централата на ФИФА, па следи потег за да бидат заштитени и да си ја добијат својата исплата.

Покрај името на Брера Струмица, на листата на ФИФА се уште стои и името на Воска Спорт, некогашниот прволигаш во македонскиот фудбал кој не е активен.


Де Јонг се обрза на соработка со Барса до 2029 година

Холандскиот играч од средниот ред Френки де Јонг официјално го потпиша својот нов договор со Барселона до 2029 година во присуство на претседателот Жоан Лапорта, пријатели, семејство и членови на спортскиот комитет на клубот.

Де Јонг, исто така, ја пофали работата на Ханзи Флик откако германскиот тренер се приклучи на клубот:

„Мојот однос со тренерот беше добар од првиот момент. Тој секогаш велеше дека верува во мене и го докажа тоа. Можам да се подобрам во многу работи и ќе продолжам да работам како и секогаш“, заклучи играчот од средниот ред.

Френки де Јонг пристигна во Барселона во летото 2019 година од холандскиот гигант Ајакс, каде што се етаблираше како еден од најперспективните играчи од средниот ред во Европа.


Еурофарм Пелистер херојски парираше, но Барса ги однесе бодовите од битолскиот „вулкан“

Ракометарите на Еурофарм Пелистер одиграа одличен натпревар, но претрпеја пораз во Лигата на шампионите, откако вечерва загубија од повеќекратниот европски првак Барселона со 30-34 (13-17).

Битолчани беа равноправен противник против фаворитот во поголемиот дел од првиот дел, а резултатот беше нерешен девет пати до 9-9. Во тој период македонскиот првак во четири наврати имаше водство од еден гол. По 9-9 Барселона направи серија од 6-1 за водство од 10-15, што само ја навести победата на шпанскиот тим.

Во второто полувреме Барселона во неколку наврати имаше предност од +7, а во финишот битолчани намалија на 30-33, но гостинот го задржа водството.

Најефикасни на дуелот беа Дејан Манасков и Ник Хенигман од Еурофарм Пелистер со по осум голови, а кај победничката екипа Дика Мем и Домен Макуц постигнаа по шест. Голманот на Еурофарм Пелистер, Никола Митревски дуелот го заврши со тринаесет одбрани.

Во следното шесто коло следниот четврток Еурофарм Пелистер гостува кај Магдебург.


Сергеј Милинковиќ Савиќ мета на Челзи оваа зима

Италијанскиот „Кориере дело спорт“ денес објави бомбастична информација – Челзи сака да го доведе Сергеј Милинковиќ-Савиќ како слободен играч.

Според овој извор, Челзи сака да ја зголеми конкуренцијата во средниот ред, а Сергеј, кој станува слободен на лето, е сериозна мета.

И во минатото Челзи покажуваше интерес за Сергеј, но Србинот секогаш остануваше во Рим и на крајот го избра – Ал Хилал.

Сега ситуацијата е поинаква, клубот за Сергеј не мора да плати обесштетување.

Србинот се поврзува и со Јувентус во последните недели, но клубот од Торино досега не повлекол конкретни потези.

Да ве потсетиме дека Сергеј пристигна во Ал Хилал во летото 2023 година за 40.000.000 евра, а одигра 102 натпревари за клубот од Саудиска Арабија со учинок од 30 гола и 26 асистенции.


УЕФА го менува квалификацискиот систем за Европското првенство

Челниците на УЕФА се одушевени од тоа како сега изгледаат Европските купови, што започнаа консултации за воведување сличен формат и квалификациите за Европското првенство.

Како би изгледало тоа? Наместо сегашните 12 групи, во кои некои имаат по четири, некои пет учесници, сите би биле сместени во две групи. И би се играло според швајцарскиот модел, би имало две табели и најдобрите би оделе на Европското првенство.

Зошто промената? Според претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, сегашниот квалификациски модел е застарен, предвидлив и неинтересен за телевизиските куќи.

„Претходно, дури и во Лигата на шампионите, знаевме, штом ќе започне групната фаза, кој ќе оди понатаму. Сега имаме неизвесност до последното коло“, објасни Чеферин.

Беа одржани првите разговори на таа тема, учествуваа 28 генерални секретари од европски земји.

„Сигурно е дека ќе има промени. Луѓето постојано бараат нешто ново, а кога ќе го започнете процесот на промена, веднаш сите викаат „не, не“. Не ни недостасува храброст, ќе разговараме со сите, сите ќе бидат вклучени. Форматот на Европското првенство нема да се промени, но квалификациите веројатно ќе се променат. Нема да има повеќе натпревари, само ќе биде понеизвесно“, објасни Чеферин за „Тајмс“.

Сепак, сето тоа нема да важи за квалификациите за следното Европско првенство, кое ќе се игра во 2028 година, туку потоа. Но, се чини дека е сигурно нешто што ќе се случи.