feature

Вардар 1961 се засили со Французинот Кеита

РК Вардар 1961 продолжува да го гради тимот за наредната сезона, а најново договорено засилување е Махамаду Кеита.

Кеита е 29-годишен француски интернационалец кој во Скопје ќе пристигне од Шпанија од прволигашот Пуенте Хенил.

Тој претходно има играно и за Ла Риоха, Бенфика со која ја освои Лига Европа, додека во својата татковина беше дел од Иври и ЦСМ.

Тој ја покрива позицијата лево крило и треба да биде адекватна замена за Марко Срдановиќ.

„Црвено-црните“ претходно ги обезбедија потписите на Марек Марцинијак, Милош Валах и Виктор Јанковски.


Селтик ја освои 55-тата титула првак на Шкотска

Шампионската трка во шкотското фудбалско првенство денеска официјално заврши, откако Селтик извојува гостинска победа од 5-0 над Данди јунјатед и стекна недостижна предност пред второпласираниот Глазгов.

Селтик има 84 бодови, 18 повеќе и натпревар повеќе од второпласираниот Глазгов Ренџерс.

За Селтик ова е 55 шампионска титула во историјата, а четврта во серија.

На денешниот дуел во составот на Данди јунајтед во завршните 30 минути се најдоа македонските репрезентативци Давид Бабунски и Кристијан Трапановски


Серхио Франциско ќе го води Реал Сосиедад следната сезона

Шпанскиот фудбалски прволигаш Реал Сосиедад го назначи тренерот на резервниот тим, Серхио Франциско, за главен тренер од следната сезона, на местото на Иманол Алгуасил, кој ја напушта позицијата на крајот од тековната сезона. Алгуасил, кој седна на клупата на Сосиедад во 2018 година, го освои Купот на кралот во 2020 година и го предводеше Реал на европската сцена пет сезони по ред. Во четврток, тој го информираше клубот дека ќе ја напушти тренерската должност на крајот од сезоната, кога ќе му истече договорот.

Неговиот наследник Франциско (45) потпиша договор до 2027 година.

Реал Сосиедад е десеттопласиран на табелата во Ла Лига со 42 бодови и сè уште има шанси повторно да се квалификува за европските натпреварувања. /МИА


Голема победа на Челзи, Џексон го урна Евертон

Фудбалерите на Челзи го победија Евертон со резултат од 1-0 во натпреварот од 34-то коло од Премиер лигата.

Ттимот на Енцо Мареска стигна до важни три бода со голот на Николас Џексон во 27.минута од натпреварот.

Џексон ја затресе и мрежата на гостите во 85.минута, но тој гол беше поништен веднаш и без проверка во ВАР собата поради офсајд.

Со овој триумф, „Сините“ ги престигнаа Нотингем Форест и Њукасл и моментално се четврти со 60 бода, но и натпревар повеќе од овие два тима.

Во следната рунда, Челзи го пречекува Ливерпул во можеби клучен натпревар во борбата за Лигата на шампионите, додека Евертон ќе игра дома против Ипсвич.


Воска Спорт се повлече од Првата фудбалска лига

Управата на ФК Воска Спорт официјално соопшти дека донела одлука да се повлече од настапите во Првата македонска фудбалска лига.

Оваа одлука доаѓа откако Фудбалската федерација на Македонија жестоко го казни клубот за напуштањето на теренот на натпреварот против Вардар во минатото коло на ПМФЛ и му одзеде девет бода на прволигашот кој се бореше за опстанок во елитата.

Според управата на Воска Спорт, тимот бил оштетен во неколку наврати со судиските одлуки во текот на сезоната и затоа била донесена одлука за повлекување од најсилното фудбалско првенство.

Покрај одземените бодови, беа казнети и претседателот Нефи Усеини и тренерот Клодиан Арбри, кои добија двегодишна суспензија, а клубот дополнително ќе треба да плати парична казна во висина од 7,500 евра.


Бетис и Јунајтед преговараат за нова позајмица на Антони

Aнтони може да остане во Бетис и во следната сезона 2025/2026, пишува „Телеграф“. Бразилскиот крилен напаѓач настапува за шпанскиот тим како позајмен од Манчестер Јунајтед.

Бетис е подготвен да достави понуда за продолжување на позајмицата на играчот за сезоната. Клубот од Севиља е подготвен да го преземе поголемиот дел од платата на aнтони. Во моментов, Шпанците плаќаат 84% од платата на фудбалерот плус бонуси. Aнтони ќе започне предсезонски тренинзи со Манчестер Јунајтед доколку дотогаш не биде завршен договорот.

Aнтони му се приклучи на Бетис во јануари 2025 година. Бразилецот одигра 18 натпревари, постигна пет гола и четири асистенции.


Финалето во Купот ќе се игра на Арената „Тодор Проески“

Денес во „куќата на фудбалот“ се одржа седница на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на која беа донесени повеќе одлуки:

– Управниот одбор на ФФМ донесе одлука финалето од Купот на Македонија да се одигра на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Финалниот натпревар меѓу екипите на Вардар и Струга Трим Љум ќе се одигра на 21. мај со почеток во 20:00 часот.


Манчестер Јунајтед застана во редот за голманот на Еспањол

Медиумите од Шпанија пренесуваат дека Манчестер јунајтед остварил контакт со агентите на Жоан Гарсија, младиот голман на Еспањол има одлична сезона и со месеци се говори дека го бара „половина Европа“.

Андре Онана не ги оправдува очекувањата по трансферот од Интер, имаше нови големи киксови против Лион во Лига Европа, па се почесто се говори дека „ѓаволите“ кројат планови за ангажман на нов голман.

Последните информации велат дека Манчестер јунајтед остварил контакт со агентите на Жоан Гарсија.

23 годишниот голман на Еспањол има одлична сезона и со своите добри настапи го привлече вниманието на Барселона, Реал Мадрид, Атлетико Мадрид и многу други гиганти ширум стариот континент. Кога се пишува за неговата иднина, често се говори дека го бара „половина Европа“.

Жоан Гарсија има откупна клаузула од 25 милиони евра, која ќе порасне на 30 милиони евра во последните недели од летниот преоден рок. Сумата исто така може да порасне за дополнителни 5 милиони евра ако во меѓувреме голманот дебитира за репрезентацијата на Шпанија.


Мобли од Кливелнд е најдобар дефанзивец во лигата

Еван Мобли од Кливленд Кавалирс е прогласен за најдобар одбранбен играч на сезоната во најсилното кошаркарско првенство во светот – НБА лигата. Тој ги „победи“ Дајсон Дениелс од Атланта и Дрејмонд Грин од Голден Стејт.

Кливленд беше најдобриот тим по лигашкиот дел во Источната конференција, а Мобли одигра голема улога во освојувањето на првото место.

Мобли одигра 71 натпревар за Кавалирси оваа сезона, со просек од 0,9 украдени топки, 1,6 блокади и 7 скока.


Вујовиќ влезе во „Куќата на славните“ на АСОБАЛ лигата

Алберто Ентрериос, Кристина Фернандез Пинеиро, Лоренцо Рико, Валеро Ривера и Веселин Вујовиќ се членовите на втората генерација на Куќата на славните во шпанската АСОБАЛ лига.

Петте спортисти беа најгласани во процесот на гласање, кој започна пред неколку недели и, како и во претходното издание, вклучуваше донесување одлуки од страна на жирито составено од специјалисти на „куќата на славните“, како и и отворена гласачка фаза за навивачите.

Ентрериос, Фернандез Пинеиро, Рико, Ривера и Вујовиќ им се придружија на победниците на првото издание за елитата на шпанскиот машки клубски ракомет, тоа се Талант Дујшебаев, Енрик Масип, Хуанин Гарсија, Жота Хомбрадос, Хуан де Диос Роман, Рамон Гаљехо и Сесилио Алонсо.