feature

Елмас доби понуда од Трабзонспор

Елиф Елмас се врати во Лајпциг по позајмицата во Торино, но неговата иднина останува неизвесна. Германскиот бундеслигаш, според последните информации, не планира да смета на неговите услуги, а интерес за Елмас сега покажува турскиот Трабзонспор.

Во последниот период Елмас беше поврзуван со неколку европски клубови, меѓу кои и шпанскиот Реал Сосиедад, но како нова и реална опција сега се појавува Турција, земја во која Елмас веќе остави силен впечаток настапувајќи за Фенербахче пред трансферот во Наполи.

Турските медиуми пренесуваат дека Трабзонспор е сериозно заинтересиран за услугите на Елмас, но потенцијална пречка може да биде отштетата. Лајпциг, наводно, бара околу 20 милиони евра за неговата слобода.

Да потсетиме, Елмас минатата сезона ја мина во италијанскиот Торино, каде што имаше солидна улога, но клубот не успеа да постигне договор со Лајпциг за откуп на неговиот договор, па македонскиот интернационалец летово повторно е во потрага по нова средина.


Повредата на Меси не е сериозна

Интер Мајами, по драматичната серија пенали, извојува победа против мексиканската Некакса во второто коло од Купот на лигата на Централна и Северна Америка, но овој успех беше засенет од повредата на Лео Меси, кој мораше да ја напушти играта по само десет минути.

Најглавно прашање сега во Интер е колку е сериозна повредата на славниот Аргентинец. По завршувањето на мечот, првите информации пристигнаа и од новинари, и од неговите соиграчи и од тренерот.

Сѐ се случи по судар со неколку фудбалери на противникот пред шестнаесетметарскиот простор на Некакса. Му беше пружена помош на теренот, но потоа беше донесена одлука дека не може да продолжи со игра.

Новинарот на ЕСПН Аргентина, Клаудио, откри дека повредата изгледа како „чувствителност во тетивите”.

”Многу е тажно за целиот тим што најдобриот играч во светот, во историјата, се повреди. Тој е важен играч. Штета. Се надевам дека не е сериозно бидејќи ни е потребен…”


Илиевски: Останува жал, мечот беше решен во последните две минути

Селекторот Марјан Илиевски не го криеше разочарувањето по поразот на Македонија синоќа од Романија со 80:72.

Премиерниот меч на македонските кошаркари во претквалификациите за Светскиот Куп 2027 одигран синоќа беше решен во самиот финиш.

„Искрено жалам за поразот бидејќи во две минути се реши овој меч. Постојано беше егал, потоа за краток период, со една две загубени топки и промашени отворени шутеви, мечот се сврте во полза на гостите. Можеби некој ќе праша зошто земавме брзи шутеви, но тоа беа отворени шутеви и јас секогаш ќе барам од кошаркарски аспект тие шутеви да се земаат, ќе им дадам поддршка на моите играчи. Примивме 25 поени од втора шанса, што е премногу. Знаевме дека тој физички аспект ќе биде главен проблем, но не успеавме да ги запреме Романците. Реков дека ќе не краси брза игра, имавме добри реализации од контранапад, но за жал тоа не беше доволно“, изјави Илиевски.

Изрази незадоволство што македонската тактика била пренесена на противникот и покрај обидите за криење на видеата од контролните мечеви со Швајцарија.

„Наше е да сработиме, да се види сето она што ќе го сработиме и сето она што за жал морам да го кажам е патетично – разочаран сум од синдромот на самоуништување. Првите два меча во Гевгелија беа од затворен карактер, настојувавме да ги сочуваме видео-анализите, но Романците стигнаа подготвени за сите наши напади, што е разочарувачки за мене како македонски селектор. Она што е проблем е ако овие играчи се важни во нашата репрезентација, а повторно имаат епизодна улога во своите клубови како и досега“, истакна Илиевски на прес-конференцијата по натпреварот во Куманово.

Македонските кошаркари и покрај поразот беа наградени со аплаузи од публиката во Куманово која целосно ги исполни трибините во реновираната сала.


Јашари не се откажува од трансфер во Милан

Швајцарскиот репрезентативец со потекло од Куманово, Ардон Јашари во текот на викендот ќе има состанок со сопствениците на Клуб Бриж на кој ќе се разговара за неговата иднина.

Јашари ќе им каже дека нема немера веќе да игра за клубот бидејќи тие не го исполниле џентлменското ветување кое му го дале.

Фудбалерот добил ветување од Бриж дека ќе прифатат понуда за него во висина од 32,5 милиони евра, но тоа не се случува.

Милан, каде што сака да се пресели Јашари понуди милион повеќе од тоа како загарантирана сума плус бонуси, но Клуб Бриж ја одби таа понуда.

Белгискиот клуб сака повеќе пари бидејќи други клубови нудат повеќе. Клуб од Премиер лигата понудил 40 милиони евра, НЕОМ од Саудиска Арабија понудил 45 милиони евра, а интерес има и од Баер Леверкузен.

Јашари е на листата на Бриж за Лигата на шампионите, но нема немра да игра во среда против Салцбург.

Тој сака трансфер само во Милан. Засега нема договор.


Барса го продава Касадо за да ги регистрира новите засилувања

Барселона размислува за продажба на Марк Касадо со цел да прибере средства со кои ќе влезе во правилото 1-1, и да отвори престор за регистрација на Жоан Гарсија и Маркус Рашфорд.

Марк андре тер Штеген одби да замине, купец за Роналд Араухо не се најде па „каталонците“ се подготвени да жртвуваат дете од школата за да го регистрираат Маркус Рашфорд и Жоан Гарсија.

Неколку извори објавија дека на продажба е ставен Марк Касадо, кој минатата сезона сериозно се наметна по укажаната шанса од Ханси Флик.

Но Барса верува дека е добро покриена во средниот ред, па може да си дозволи трансфер на Марк Касадо за да влезе во правилото 1-1.

Се шпекулира дека е поставена цена од 30 милиони евра, а Баерн Минхен и Атлетико Мадрид се посочуваат како клубовите кои пројавуваат интерес.

Останува да се види дали Марк Касадо ќе сака да замине, тој од мали нози е навивач на Барселона и во една изјава рече дека посакува целата своја кариера да ја помине на Камп Ноу.


Милан фаворит џза потписот на Дарвин Нуњез

Напаѓачот на Ливерпул, Дарвин Нуњез подолго време се поврзуваше со трансфер во Саудиска Арабија, но последните гласини велат дека сепак може да остане во Европа и да се пресели во Италија.

Наводно, Милан е сериозно заинтересиран за Нуњез. Росонерите се во потрага по напаѓач, го посакуваа Влаховиќ, но Нуњез би можел да биде полесна цел затоа што Ливерпул очајно посакува да го продаде и да собере финансии за ангажман на Исак.

Нуњез за три сезони во Ливерпул одигра 143 натпреварри во кои постигна 40 голови и запиша 26 асистенции. Најдобриот учинок го имаше во сезоната 2023/2024 кога оствари учинок од 23 гола и додаде 13 асистенции.


Перез го смени целиот медицински тим во Реал

Реал Мадрид во новата сезона ќе има комплетно нов медицински тим, Флорентино Перез ги отпушти сите кои работеа претходно во овој сегмент од клубот.

Поради големиот број на повреди кои Реал Мадрид ги имаше во минатата сезона, но и некои интерни конфликти во медицинскиот тим, Перез ги отпушти сите доктори и физиотерапевти.

Ангажирани се комплетно нов медицински тим, нови физиотерапевти доаѓаат од Барса, Бетис, Гранада и Малага.

Како главен доктор треба да биде Мануел Аројо кој е многу високо ценет.


Минесота ќе настапи во дрес од ерата на Кевин Гарнет

Учесникот во НБА плеј-офот од минатата сезона, Минесота повторно ќе носи дрес сличен на оној од ерата на Кевин Гарнет.

Според новинарот Еван Снајдери, следната сезона играчите на Тимбервулвс ќе настапат во црни дресови, познати од периодот на настапите на Кевин Гарнет во тимот на волците.

Гарнет ги помина првите 12 сезони од својата кариера во Минесота и го држи клупскиот рекорд за најмногу одиграни натпревари (970).


Дончиќ потпиша нов договор со Лос Анџелес Лејкерс

Словенечкиот кошаркар Лука Дончиќ ја продолжи соработката со Лос Анџелес Лејкерс.

Дончиќ потпиша договор вреден 165 милиони долари за три сезони.

Лејкерси чекаа до првиот ден кога можеа да му понудат договор (2 август) и го сторија тоа веднаш.

Во 28 натпревари, за Лејкерси по шокантниот трејд од Далас, Дончиќ забележа 28,2 поени, 8,1 скока, 7,5 асистенции и 1,6 украдени топки во просек за 35 минути на паркетот.

Во поразот од пет натпревари во плејофот против Минесота Тимбервулвс, тој имаше просек од 30,2 поени, седум скока, 5,8 асистенции и една украдена топка за 41,6 минути на паркетот.

„Тукушто потпишав продолжување на договорот со Лејкерси. Возбуден сум што ќе продолжам да работам за да освојам шампионска титула во Лос Анџелес и да ги направам навивачите горди. Благодарен сум на Лејкерси, на моите соиграчи и на сите навивачи кои ми покажаа толку многу љубов од првиот ден. Ова е само почеток“, напиша Дончиќ на социјалната мрежа „X“.


Фудбалерките на Љуботен го декласираа Пјуник и испишаа историја

Македонскиот фудбалски шампион во женска конкуренција, ЖФК Љуботен, испиша историски успех со пласман во втората рунда од квалификациите во Лигата на шампионите на УЕФА.

Фудбалерките на Љуботен денеска славеа против екипата на Пјуник со 4-0 во финалето на претквалификацискиот турнир во Скопје и со тоа се изборија за пласман во следната квалификациска рунда во најквалитетното женско клупско натпреварување во Европа.

Хава Мустафа беше автор сите четири гола за Љуботен во денешната убедлива победа. Оваа победа му носи на Љуботен пласман во втората квалификациска рунда, каде сигурно ќе добие потежок противник, но нашиот шампион ќе има нова шанса за уште поголем прогрес во елитното натпреварување на УЕФА.