feature

Ѓорческа со победа го отвори турнирот во Куршумлиска бања

Лина Ѓорческа ја продолжи успешната серија откако попладнево во мечот од првото коло на W75 во Куршумлијска Бања забележа нова победа.

Таа ја совлада Ели Шоп од САД со 2-0 во сетови (6-4, 7-6/2) во меч што траеше два часа и 15 минути. Во второто коло македонската тенисерка ќе игра против Анастасија Золотарева.

Денешниот меч со квалификантката Шоп беше изедначен во двата сета. По шест одиграни гема резултатот беше 3-3, а единствениот брејк Ѓорческа го направи во седмиот гем и поведе со 4-3 за сетот да го заврши со 6-4 искористувајќи ја четвртата сет топка.

Во вториот сет Американката направи брејк за водство од 2-0, но македонската тенисерка веднаш го врати загубениот гем на сервис и изедначи на 2-2. Нерешено беше до крајот на сетот, па победничката беше одлучена во тај брејкот. Ѓорческа имаше целосна контрола над гемот и поведе со 6-1 што ѝ донесе нова победа.


Македонските ракометари двапати ќе спарингуваат со Јапонија

Македонската ракометна репрезентација ќе има двомеч со Јапонија во рамките на подготовките за Европското првенство 2026.

Јапонците во Скопје ќе дојдат за време на ЕХФ-неделата (27 октомври – 2 ноември) предвидена за тест средби.

Првиот меч ќе се одигра на 30 октомври, додека вториот е закажан на 1 ноември.


Алкалоид и Еурофарм Пелистер го закажаа меѓусебното дерби за в недела

Третата рунда во машката ракометна Супер лига, носи нов дерби дуел. Повторно еден од „актерите“ ќе биде тимот на Алкалоид.

По дуелите со Охрид и Тиквеш, составот на Алкалоид сега ќе игра против шампионот Еурофарм Пелистер.

Од тимот од Автокоманда денеска е потврден и терминот на одигрување на дербито, а тоа е недела (21 септември) од 18 часот.


Три меча како ултиматум за Аморим да остане на „Олд Трафорд“

Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Рубен Аморим, има само три натпревари за да ја спаси својата работа по разочарувачкиот почеток на новата сезона. Португалецот го има најлошиот почеток на „Црвените ѓаволи“ во Премиер лигата во последните 33 години и веќе е под зголемен притисок да ја задржи својата работа. Неговото доаѓање на „Олд Трафорд“ беше дочекано со големи очекувања пред само десет месеци, но тој ентузијазам брзо исчезна.

Според „Мирор“, Аморим и Манчестер Јунајтед мора да играат добро во следните три натпревари од Премиер лигата ако Португалецот сака да ја задржи својата работа. Иако поранешниот шеф на Спортинг Лисабон моментално ужива целосна поддршка од раководството на клубот, се верува дека ситуацијата околу тимот ќе биде разгледана за време на паузата за меѓународни натпревари во октомври.

„Мирор“ исто така истакнува дека и покрај уверенијата за доверба во Аморим, фудбалскиот менаџмент на Јунајтед му дал исти гаранции на неговиот претходник Ерик тен Хаг пред да го ослободи по деветтиот натпревар од минатата сезона – во октомври 2024 година.

Досега, Манчестер Јунајтед има само четири бода од првите четири натпревари од Премиер лигата и го зазема 14-то место на привремената табела.


Борбено реми на дербито меѓу Струга Трим Лум и Шкендија

Струга ТЛ и Шкендија остануваат непоразени и по нивната меѓусебна пресметка денеска во Струга. Во интересен натпревар во кој имаше возбудувања главно во второто полувреме, одиграа без победник 1-1.
Ова беше првиот меч во кој Струга ТЛ не успева да дојде до трите бода во ова првенство, откако досега имаше пет победи од исто толку натпревари, додека Шкендија дојде до четвртиот триумф во петиот натпревар, со оглед дека шампионот дополнително треба да го одигра одложениот меч против Работнички.

Првото полувреме заврши без голови. Двата тима одиграа мирно, главно на средината на теренот без посериозни закани по головите на Ангелети и на Гаје.

Затоа возбудувањата не недостасуваа во второто полувреме, кога се случија сите три гола, а имаше и шанси и на едната и на другата страна, два поништени гола, еден досуден пенал. Тамба во 53. минута по еден убав продор успеа најдобро да се снајде и да погоди во мрежата на Ангелети.

Бесарт Ибраими во 65. минута пропушти голема шанса да донесе 2-0. Доби топка од десната страна, и беше сам на 6-7 метри, но шутираше само над голот. Шкендија во 73. минута имаше шанса и преку Латифи, кој биеше под пречката, меѓутоа Ангелети одби во корнер.

И потоа Шкендија како да запре со налетите, а Струга ТЛ ја презеде иницијативата и дојде до израмнување. Се играше 78. минута кога Ибраими играше со рака во шеснаесетникот, по што судијата досуди удар од белата точка. Сигурен реализатор беше Марјан Радески кој шутираше прецизно во долниот десен агол и го израмни резултатот.
Веднаш потоа шанса имаше Ибраими, кој шутираше прецизно, Ангелети успеа да одбрани.

Големи возбудувања и во 90. минута кога Малевски успеа да постигне гол, меѓутоа на асистенција на ВАР, истиот беше поништен поради офсајд. Претходно гол му беше поништен и на Ивковиќ, исто така поради офсајд. Возбудувањата продолжија и во последните секунди од мечот, кога Ибраими продре по левата страна, падна на земјата во дуел со голманот Ангелети, а арбитрите сметаа дека нема елементи за најстрога казна. Потоа дојде и последниот свиреж на Бењамин Ќерими за двата тима да поделат по еден бод.


Вардар го доби Новаци, а Пелистер ќе гостува во Арачиново во Купот

Во „Куќата на фудбалот“ со извлекување беа одредени паровите за 1/8 финалето од Купот на Македонија. Актуелниот бранител на трофејот, екипата на Вардар, за противник го доби тимот на Новаци. Тетовска Шкендија ќе се соочи со Тиквеш, а Македонија Ѓ.П. со ланскиот финалист, Струга Трим Лум. Локално дерби ќе се одигра на стадионот „Младост“ во Струмица, Беласица за противник го доби Детонит Плачковица.

Осминафинале

МАКЕДОНИЈА Ѓ.П. – СТРУГА ТРИМ ЛУМ
ОХРИД – ШКУПИ 1927
ВАРДАР – НОВАЦИ
БАШКИМИ 1947 – СИЛЕКС
ШКЕНДИЈА Тетово – ТИКВЕШ
РАБОТНИЧКИ – БРЕГАЛНИЦА 2008
ШКЕНДИЈА 77 – ПЕЛИСТЕР
БЕЛАСИЦА – ДЕТОНИТ ПЛАЧКОВИЦА


„Трофејот на Македонија“се враќа на сцена, ќе се игра во Охрид

Денес во просториите на Ракометната федерација на Македонија се одржа прес-конференција на која официјално беше промовиран „Трофеј Македонија“ и најавен почетокот на Ракометниот караван 2025.

Овие два значајни спортски проекти имаат за цел да го подигнат ракометот на повисоко ниво, да ја зајакнат љубовта кон спортот кај најмладите генерации и да го доближат ракометот до сите љубители низ целата наша земја.

„После повеќе од една деценија ќе се одржи, а Охрид ќе биде домаќин каде на големо задоволство ќе ни гостуваат реноминирани селекции, Египет и Тунис, како и селекцијата на Грција. Ова е добар настан, кој ќе придонесе во она што сакаме да го изградиме во женскиот ракомет, но како и контрола за селекцијата која ги почнува квалификациите за СП 2026. Со турнирот ќе стартува и ракометниот караван, кој ќе се одржи во сабота, во салата „Билјанини Извори“, младите деца ќе се запознаат со ракометот како игра, мислам дека е добар старт за поголема афирмација за овој спорт. Во октомври продолжуваме во Битола и Прилеп, каде ќе ги


Вучиниќ е наследникот на Просинечки на црногорската клупа

Откако стана јасно дека легендата на хрватскиот фудбал Роберт Просинечки повеќе не е селектор на црногорската репрезентација, веднаш почнаа разговори за негов наследник. Причината за неговиот отказ се двата порази во септемвриските квалификации за Светското првенство против Чешка и Хрватска, а особено тежок е тешкиот пораз од 0:4 во Загреб.

Местото на Просинечки ќе го зазема црногорска легенда, поранешниот напаѓач Мирко Вучиниќ, кој досега беше во стручниот штаб како асистент.

Вучиниќ всушност беше асистент на претходниот селектор – Миодраг Радуловиќ, па затоа добро ја познава ситуацијата во репрезентацијата на Црна Гора.

Просинечки помина прилично долг период на чело на црногорската репрезентација, бидејќи беше назначен во февруари 2022 година. Новите квалификации за Светското првенство започнаа добро за него со победи над Гибралтар и Фарските Острови, но следеа два порази од Чешка и еден од Хрватска, со што заврши неговиот престој.


Хуисен казнет со еден натпревар заради црвениот картон во Сан Себастијан

Жалбата на Реал Мадрид за црвениот картон на Дин Хуијсен против Реал Сосиедад е одбиена, а холандскиот дефанзивец е суспендиран на еден натпревар. Одлуката го остава Чаби Алонсо со ограничени опции во одбраната, а Антонио Рудигер и Трент Александар-Арнолд исто така се надвор од игра. Клубот ќе поднесе жалба до Комитетот за жалби во последен обид да ја поништи забраната на 20-годишниот дефанзивец пред саботниот натпревар со Еспањол.

„Марка“ објави дека Комитетот за натпревари на Шпанската фудбалска федерација го потврди црвениот картон од победата од 2:1 над Сосиедад. Хуијсен беше исклучен во 32-та минута поради прекршок врз Микел Ојарзабал, а судијата Хесус Хил Манзано пресуди дека играчот на Реал Мадрид е исклучен во чиста ситуација за постигнување гол.

Реал Мадрид тврдеше дека Ојарзабал бил на околу 40 метри од голот во моментот на прекршокот, додека Едер Милитао бил блиску до покривање на нападот. Според Реал Мадрид, црвениот картон бил престрог во дадените околности.


Тиери Анри: „Времето за изговори заврши, Арсенал мора да освои титули“

Тиери Анри даде силна изјава за актуелниот состав на Арсенал по победата од 2-0 против Атлетик Билбао во Лигата на Шампионите, тврдејќи дека ниту еден тим во светскиот фудбал нема таква длабочина и квалитет оваа сезона. 

Легендарниот напаѓач на Арсенал и сегашен стручен коментатор го пофали тренерот Микел Артета за тоа што успеал да изгради тим што може да настапи со речиси две конкурентни постави, благодарение на квалитетот на стартерите и на клупата. Тоа најдобро се виде кога резервистите Габриел Мартинели и Леандро Тросар влегоа од клупа и ги постигнаа двата доцни гола што ја обезбедија победата. 

И покрај отсуството на клучни играчи како Мартин Одегард, Каи Хаверц и Букајо Сака, Арсенал изгледаше моќно, што, според Анри, покажува дека тимот веќе не е „во изградба“, туку подготвен за освојување титули. 

Но, пофалбите беа проследени со јасна порака. Според Анри, оваа сезона мора да заврши со трофеи. Завршување на второ место или минимални неуспеси веќе не се прифатливи. Времето на изговори е завршено, сега мора да се победи. 

Анри исто така ја критикуваше претпазливата игра на Арсенал во одредени големи натпревари. Тој ги повика играчите да играат со самодоверба и агресија, како вистински шампиони. Менталитетот на „да не се загуби“ не носи титули. Само тим што игра да доминира може да биде првак.