фудбал

Борбено реми на Арсими и Тиквеш во Гостивар

Арсими и Тиквеш одиграа 1-1 во последниот натпревар од 10. коло во Првата македонска фудбалска лига.

Поделбата на бодовите е реален исход, иако двата тима имаа можности да стигнат до победата

Гаје во 24. минута ја затресе мрежата на гостите, но голот беше поништен поради офсајд.

Домашниот тим сепак поведе во 38. минута. Каба ја искористи грешката на противничката одбрана, си отвори простор и со удар од далечина го совлада гостинскиот голман за 1-0.

Тиквеш возврати пред паузата. По индивидуален продор, Лавал го проигра Сила пред казнениот простор, а тој со атрактивен удар во горниот дел од голот го совлада Силјановски и израмни на 1-1.

На почетокот од второто полувреме, Рамадани пропушти одлична можност за пресврт. Во 56. минута доби идеална топка пред голот и шутираше со глава, но топката заврши покрај стативата.

До крајот резултатот не се промени, па Арсими и Тиквеш го завршија дуелот со по еден бод. Сепак, според бројот на шансите на двете страни, натпреварот можеше да донесе и победник.


Роналдо симболично парично казнет заради репрезентативниот испад

Португалскиот репрезентативец Кристијано Роналдо ја дозна казната за самоволното напуштање на кампот на португалската фудбалска репрезентација.

Кон крајот на септември Роналдо го напушти репрезентативниот камп во Копенхаген пред натпреварот против Данска, по несогласувања со селекторот Жорже Жезус.

Португалскиот фудбалски сојуз покрена дисциплинска постапка против капитенот на репрезентацијата.

Роналдо е казнет со суспензија од 30 дена и парична казна од 255 евра. Дисциплинската комисија утврдила дека намерно ги прекршил правилата со напуштањето на репрезентативниот собир.

Сепак, суспензијата ќе истече пред следните натпревари на Португалија, против Данска на 14 ноември и против Велс три дена подоцна, па неговиот настап ќе зависи од одлуката на селекторот.

Иако Роналдо порача дека е подготвен повторно да игра за Португалија, а претседателот на сојузот, Педро Проенса, изрази желба за негово враќање, конечната одлука ќе ја донесе селекторот. Неговиот следен список на повикани фудбалери ќе покаже дали несогласувањата со капитенот се надминати.


Ако Наполи му врачи отказ ќе мора да плати 25 милиони евра

Масимилијано Алегри е под сериозен притисок по лошите резултати на Наполи, а поразот од Венеција дополнително ги засили критиките кон тренерот. Сепак, евентуалниот отказ би претставувал огромен финансиски товар за италијанскиот шампион. Алегри има договор до 30 јуни 2029 година, со годишна плата од 4,5 милиони евра нето, плус бонуси.

Според „Тутомеркато“, преостанатите обврски кон тренерот би можеле да го чинат клубот околу 25 милиони евра бруто, без да се пресметаат дополнителните трошоци за неговиот стручен штаб. На таа сума би требало да се додаде и платата на евентуалниот нов тренер. Претседателот Аурелио Де Лаурентис засега му дава поддршка на Алегри, иако незадоволството кај навивачите и јавноста расте.


Ванда Нара продава дрес на Икарди за само 12 евра

Аргентинската водителка и претприемачка Ванда Нара на својата интернет-продавница понуди дрес на аргентинската репрезентација со бројот 9, кој му припаѓал на нејзиниот поранешен сопруг Мауро Икарди.

Како што објави аргентинскиот портал „Росарио3“, дресот бил ставен на продажба по цена од 20.000 аргентински пезоси што е нешто помалку од 12 евра.

Дресот се наоѓал во делот од продавницата во кој Нара продава предмети од сопствениот гардеробер. Италијанскиот портал „Ареа Наполи“, пак, посочува дека во истата продавница маица со ликот на нејзиниот сегашен партнер, пејачот Л-Ганте, се продава за 180.000 пезоси, односно девет пати поскапо од дресот на Икарди.

Икарди за аргентинската репрезентација одигра осум натпревари во периодот од 2013 до 2018 година, при што постигна еден гол.

Ова е само уште едно поглавје од долгогодишниот јавен конфликт меѓу поранешните сопружници. Аргентинските и италијанските медиуми пишуваат дека нивниот развод неодамна бил и официјално завршен пред судот во Милано.


Наполи размислува да му врачи отказ на Алегри

Лошите резултати на Наполи на почетокот на сезоната, во Серија А и во Лигата на шампионите, сериозно ја потресоа позицијата на Масимилијано Алегри.

Претседателот на клубот, Аурелио Де Лаурентис, наводно, веќе ја разгледува можноста за предвремена смена на клупата, а во јавноста се појавија и првите имиња на потенцијални наследници на италијанскиот стручњак.

Алегри го презеде Наполи од Антонио Конте, но досега не успеа да ги оправда очекувањата и да се наметне на начинот на кој го стори тоа неговиот претходник. Напротив, тимот се соочува со бројни проблеми, како на теренот, така и надвор од него.

Резултатите се далеку од очекуваните. Наполи веќе претрпе три порази во првите натпревари од првенството, додека по првите две кола од лигашката фаза од Лигата на шампионите, не освои ниту еден бод. Покрај тоа, имаше медиумски шпекулации дека односите на Алегри со одредени играчи се сериозно нарушени.

Поразот против последнопласираната Венеција дополнително ја продлабочи кризата, а италијанскиот тренер јавно објави по натпреварот дека тимот мора да биде трпелив со играчите што ги има на располагање во моментов.

Според весникот „Газета дело Спорт“, следните два натпревари би можеле да бидат одлучувачки за иднината на Алегри. Наполи прво очекува дуел со тимот на Бодо/Глимт во Лигата на шампионите, а потоа дербито со Рома во Серија А.


Бекам ќе му биде противкандидат на Инфантино за врвот на ФИФА

Легендарниот англиски фудбалер Дејвид Бекам би можел да стане главен противник на актуелниот претседател на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, објавува германскиот „Скај спортс“.

Според германските медиуми, зад потенцијалната кандидатура на поранешниот капитен на репрезентацијата на Англија стои моќна коалиција предводена од Европската фудбалска унија (УЕФА), Германската фудбалска асоцијација (DFB) и КОНКАКАФ, конфедерација што ги собира националните асоцијации на Северна и Централна Америка и Карибите.

Незадоволството од работата на актуелниот претседател на ФИФА е сè поизразено, особено по најновите контроверзии во врска со комерцијалните права за Светските првенства.

Инфантино е обвинет за наводен обид за тајно продажба на дел од тие права, како и за избегнување директни одговори на прашањата на членовите на Советот на ФИФА, до кои се обратил исклучиво писмено.


Нуно Мендеш е повреден, ќе го скокне дуелот со Барса

Фудбалерот на ПСЖ, Нуно Мендеш, речиси сигурно ќе го пропушти натпреварот од Лигата на шампионите против Барселона на 20 октомври.

Тој заработи повреда на бутниот мускул за време на синоќешниот дуел против Стразбур, кој заврши со победа на парижаните од 1-3

Првично изгледаше дека повредата на Португалецот не е сериозна, но прегледот направен утрово откри посериозна ситуација.

Нема конкретна информација колку ќе треба да паузира Нуно Мендеш, но дефинитивно нема да биде во составот за следниот меч.


Лацио со три гола и три бода се враќа од Торино и дербито со Јуве

Јувентус претрпе нов удар во Серија А, откако пред своите навивачи беше поразен од Лацио со 0-3. Римскиот тим одигра сигурен натпревар, ги искористи своите шанси и заслужено си замина од Торино со целиот плен.

Лацио уште еднаш покажа дека се наоѓа во одлична форма, наметнувајќи го својот ритам во најголемиот дел од средбата. Гостите беа поконкретни во нападот, а првата награда за таквата игра стигна во 37. минута, кога Постгард ја погоди мрежата на Викарио за водство од 0-1. Тоа беше и резултатот со кој двата тима заминаа на пауза.

„Старата дама“ се обиде да одговори на почетокот од второто полувреме, кога го имаше својот најдобар период на натпреварот. Сепак, притисокот на домаќините не донесе посакуван резултат, а Лацио знаеше како да ја искористи својата шанса.

Во 66. минута Исаксен ја затресе мрежата на Јувентус за 0-2 и стави крај на надежите на домашниот состав дека може да избегне пораз. Пред крајот на дуелот Делебаширу со првиот сезонски гол само стави точка на натпреварот.

За Јувентус ова е сериозен неуспех, со оглед на тоа што по седум одиграни кола останува на осмата позиција со 11 бодови. Лацио, од друга страна, продолжува со одличните резултати и сега има 19 бодови, исто колку и лидерот Интер.


Матеус: Кимих е незаменлив на теренот

Легендата на Баерн Минхен, Лотар Матеус, по вчерашната убедлива победа против Лајпциг во Бундес-лигата, проговори за  еден од најискусните фудбалери во баварскиот состав, Џошуа Кимих.

„Тој е апсолутен лидер, не само денес, туку и со години. Секој што е водечки играч во Баерн може да ја преземе оваа улога и во националниот тим“ – рече Матеус.

„Кимих прави клучни работи и носи потребна енергија и харизма. Тој има сè што е потребно за да продолжи да ја игра оваа улога во Баерн и во репрезентацијата“ – рекол Матеус.


Арсенал од еден удар до победа во Нотингем

Арсенал освои важни три бода на гостувањето кај Нотингем Форест, откако славеше со 1-0 во седмото коло од Премиерлигата. Херој на лондонскиот тим беше Нони Мадуеке, кој го постигна единствениот гол на натпреварот во 80. минута.

Првото полувреме не донесе многу возбудувања, а двете екипи тешко создаваа сериозни шанси пред противничкиот гол.

Решавачкиот момент се случи na 10 минути пред крајот. Мадуеке упати удар кон голот, топката се одби и го измами голманот на домаќините, Матс Селс.

По постигнатиот погодок, Арсенал успеа да ја задржи предноста и да не му дозволи на Нотингем Форест да се врати во натпреварот, иако Вуд и Муриљо имаа сериозни шанси пред гостинскиот гол.

Арсенал со оваа победа скокна до втората позиција и има 18 бодови, односно три помалку од лидерот Манчестер сити.