фудбал

Руски фудбалер убиен на улица

Руските медиуми јавуваат дека фудбалерот Јегор Дробиш е убиен додека се враќал кон својот дом по ноќното излегување. 21-годишниот Дробиш, кој имаше три настапи за второлигашот Иртиш од Омск, страдаше по убод од нож во срцето. Според информациите, бил во друштво на пријател кој исто така е повреден и за неговиот живот се борат лекарите. Фудбалерот и неговиот пријател биле под дејство на алкохол, пишуваат медиумите. Мотивот за нападот е непознат. Јегор беше голем талент на Иртиш, а за првиот тим минатата сезона успеа да собере три настапи.


Чеферин потврди дека Европското првенство ќе се игра во 12 градови!

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, на состанокот на раководството на УЕФА со претставници на 12 градови домаќини на Европското првенство во фудбал, ја потврди својата намера УЕФА да го организира ЕП според претходно одобрениот распоред. Рокот за донесување одлуки поврзани со присуството на гледачи на стадионите на Еуро 2020 се одложува од март за почетокот на април. „Јас сум оптимист дека ситуацијата со вирусот ќе се промени како што се приближуваме до ЕП. Затоа, важно е да им се даде што е можно повеќе време на градовите домаќини и на раководствата на земјите домаќини на ЕП за да формираат најточна слика за тоа што може да се очекува во јуни-јули. Фановите го прават фудбалот посебен. Ние мора да си обезбедиме максимален простор за маневар за да ги вратиме љубителите на фудбалот на стадионите што е можно поскоро“, изјави Чеферин прес-службата на УЕФА.


Санчо доби дозвола да ја напушти Борусија Дортмунд!

Борусија Дортмунд во моментот се наоѓа на седмото место во Бундеслигата. Сезоната е веќе на половина, но раководството на „милионерите“ веќе размислува за неповолната ситуација во која клубот ќе се најде доколку остане без пласман во Лигата на шампионите идната сезона.
Веќе се проектирани некои продажби, сепак Борусија е клуб кој продава, но знае и одлично да надомести заминување на некоја од своите ѕвезди. Џејдон Санчо веќе една година се споменува како главна мета на Манчестер Јунајтед, а се чини дека овој трансфер конечно ќе се реализира ова лето.
Француските медиуми пак, пренесуваат дека Дортмунд ја пронајде замената за Санчо во Монако.
Се работи за Софијан Диоп, 20-годишниот француси фудбалер кој одлично се снаоѓа на крилните позиции, но знае да одигра и на „десетка“. Неговата вредност се проценува на 11 милиони евра, но јасно е дека Дортмунд ќе мора да плати барем двојно повеќе доколку го сака талентираниот фудбалер во своите редови.


Знаете ли колку годишно заработува Јирген Клоп?

Јирген Клоп кон крајот на 2019. година потпиша нов договор со Ливерпул, кој трае до 2024. година.
Одличниот германски стратег го прероди клубот од Енфилд и за нешто повеќе од пет години создаде една од најсилните екипи на светот. Клоп со Ливерпул играше финале на Лига на шампиони и Лига Европа, пред да ја освои ЛШ во 2019. година, а минатата сезона ја освои и Премиерлигата.
Откако ја освои Лигата на шампионите, Клоп доби годишна плата од 18 милиони евра, што го прави еден од најплатените тренери на светот. Но, тоа не е единствената заработка за германецот.
Франс Фудбал објави дека Клоп од спонзорските договори годишно заработува дополнителни осум милиони евра, што ја подигнува годишната заработка на 26 милиони евра. Клоп е заштитно лице на британски Скај, Опел, ВР Банк, како и пивото Ердингер.
Ова лето ќе го рекламира и Сникерс на Европското првенство, а вредноста на тој договор не е позната. Клоп е познат по тоа што го нема на социјалните мрежи, а ја одби и понудата на Амазон за Ливерпул да учествува во серијалот „Се или ништо“, во кој се влегува во приватноста на фудбалските клубови.
Иако има голем договор, Клоп сепак не е најплатен тренер. Таа титула и понатаму ја има Диего Симеоне, кој во Атлетико Мадрид заработува 22 милиони евра годишно.


Милан пикира бразилски лев бек како алтернатива за Тео Хернандез

Милан до крајот на преодниот рок сака да донесе лев бек, кој ќе биде алтернатива за Тео Хернандес.
Прв на листата желби е Нуно Мендеш. 18-годишниот дефанзивец е младински репрезентативец на Португалија и важи за еден од најголемите таленти во Европа.
Мендеш може да игра како лев бек и како стопер, а за него интерес покажуваат многу европски гиганти. Сепак, овој трансфер е тежок за реализација бидејќи Спортинг бара да биде платена откупната клаузула која изнесува 45 милиони евра.
Втор на листата желби е левиот бек на Сантос, Матијас Виња. Уругваецот со своите одлични настапи во Копа Либертадорес го привлече вниманието на многу европски клубови, а неговата цена е околу 5 милиони евра.


Алиоски преговара за трансфер во Галатасарај

Езџан Алиоски се согласил да ја продолжи кариерата во Галатсарај, објавија денеска неколку турски интернет портали.
Според наведеното, договорот на Алиоски му истекува во јуни годинава и засега нема најава дека ќе започнат преговорите за негово продолжување. Наводно, Алиоски не е задоволен од финансиските услови во Лидс и по завршувањето на сезоната сака да ја промени средината.
Турците тврдат дека Галатасарај и Алиоски постигнале начелен договор и тој за неколку месеци треба да се пресели во Истанбул.


Гаја од Валенсија е првата трансфер желба на Барселона

Барселона нема пари за зимски трансфери, но веќе размислува за летната селекција на тимот. Шпанските медиуми пренесуваат дека Каталонците стапиле во контакт со Валенсија за да го потврдат интересот кон левиот бек Хосе Гаја. Барселона бара наследник на Жорди Алба, кој полека влегува во залезот на кариерата. Валенсија пак е спремна да го продаде Гаја за 15 милиони евра. Каталонците се надеваат да го продадат Жуниор Фирпо, за кого интерес покажува Милан и така да го финансираат трансферот на Хосе Гаја.


Лампард веќе има нова понуда!

Френк Лампард и покрај неуспешната авантура во Челзи и понатаму е баран стручњак. Се споменуваше враќање во Дебри Каунти, тимот кој го водеше пред Челзи, но сега на клупата на Дерби е Вејн Руни. Англиските медиуми пренесуваат дека Лампард сега е прв фаворит да го замени Нил Ленон во Селтик. Повеќекратниот шампион на Шкотска има лоша сезона, веќе четири натпревари не знае за победа, а Глазгов Ренџерс, кој го предводи Стивен Џерард, на табелата им бега неверојатно 23 бода. Доминантниот тим од Шкотска се поврзуваше и со Рафа Бенитез, но се чини дека шпанецот ја одби нивната понуда, па Лампард останува како фаворит број еден. Џерард и Лампард имаа низа свои дуели на теренот, а беа и репрезентативни колеги. Дефинитивно би било интересно да се видат и како ривали покрај аут линијата.


Пикси Стојковиќ пред промоција за нов српски селектор

Драган Стојковиќ – Пикси ќе биде нов селектор на срската репрезентација, пренесуваат тамошните медиуми. Фудбалскиот сојуз на Србија наводно постигнал договор со Пикси, кој деновиве треба да стави потпис на договор според кој ќе заработува 1 милион евра годишно. Србија е без селектор од декември минатата година, кога се разделија со Љубиша Тумбаковиќ, кој не успеа да избори пласман на Европското првенствo Драган Стојковиќ Пикси како фудбалер играше за Црвена Звезда, Олимпик Марсеј, Верона и Нагоја. Како тренер ги предводеше екипите на Нагоја и Гванжу.


Тухел испрати јасна порака кон играчите на Челзи

Томас Тухел ќе дебитира вечерва на клупата на Челзи против Вулверхемптон во Премиерлигата, а наводно на играчите им порачал дека сите ќе имаат прилика да се докажат „од нула“, односно нема да има резервирани места во стартните 11. Германски Билд пренесува дека Тухел сака да ја засили одбраната на Челзи, а прв пик е стоперот на Лајпциг, Дајот Упамекано, кој е на мета на уште неколку европски гиганти. Она што би можело да биде пресудно во одлуката на французинот да се пресели во Лондон е тоа што Тухел течно зборува француски, а во соблекувалната ќе го дочека и поранешниот соиграч Тимо Вернер. Упамекано има откупна клаузула од 43 милиони евра која ќе важи од ова лето, меѓутоа „сините“ сакаат да го завршат овој трансфер уште месецов.