Македонскиот првак Е. Пелистер синоќа на домашен терен загуби од Висла Плоцк во 11. коло од Лигата на шампионите. По натпреварот искусниот голман на „зелено-белите“, Никола Митревски даде своја оценка за дуелот.
„Конфузен натпревар, со многу грешки. Двапати се враќавме во натпреварот од негатива од пет гола, но во тие моменти не успеавме да израмниме. Особено имавме шанса во 45 минута, бидејќи во тој случај во финишот ќе влезевме во егал, но во тие моменти направиме грешки во нападот и промашивме зицери. Сè уште треба да работиме доста, ни претстојат уште три натпревари во Лигата на шампионите и плеј-офот во Суперлигата. Нè чека многу работа и многу натпревари до крајот на сезоната“, изјави Митревски.
Полјаците подобри во фестивалот на грешки, Еурофарм Пелистер поразен од Висла
Еурофарм Пелистер го претрпе деветтиот пораз на единаесеттиот натпревар во Лигата на шампионите, овојпат од екипата на Висла Плоцк која вечерва славеше со 25-28.
Македонскиот првак почна лошо и првиот гол го постигна по шест миниути игра кога бркаше негатива од 0-3, па во таква насока продолжи и останатиот дел од првото полувреме, кое Пелистер го заврши со негатива од 9-13..
Гостинскиот тим си создаде солидна предност и истата продолжи да ја гради со 15-20, а тогаш следеше најдобрата серија на домашниот тим. Еурофарм Пелистер успеа да се приближи на само минус еден со серија од 4-0, но кога требаше да направи завршен исчекор кон пресврт, едноставно снема сила и енергија во домашниот табор. Висла Плоцк одново се дистанцираше и стигна до комотна предност, па на крајот заслужено славеше со 25-28 за прва победа во Битола.
Најпрецизни кај победничкиот тим беа Митја Јанц со седум и Герго Фазекаш со шест гола, додека по четири погодоци за Еурофарм Пелистер постигнаа Тајник, Петар Атанасијевиќ и Пешевски. За полскиот тим ова е седма победа во Лигата на шампиони, додека Еурофарм Пелистер остана на две на три кола пред крајот.
Во следното 12. коло Еурофарм Пелистер гостува кај првакот на Данска – ГОГ Гудме.
Домен Тајник од следната сезона ќе игра за Слован Љубљана
Словенечкиот репрезентативец и ракометар на Еурофарм Пелистер, Домен Тајник од следната сезона ќе го носи дресот на Слован Љубљана, откако потпиша тригодишен договор со клубот предводен од Урош Зорман.
Тајник реши да си замине од Еурофарм Пелистер по три сезони поминати во Битола, период во кој двапати ја освои титулата во македонското првенство и беше едно од клучните играчи на шампионот. Неговиот договор истекува на крајот од сезоната, а ракометарот реши да прифати нов предизвик и да се врати во својата земја.
Домен тајник можеше истото да го направи и минатата година кога имаше можност да потпише за Слован, но тогаш реши да остане во Пелистер, со кој сезонава повторно настапува во домашниот шампионат и во Лигата на шампионите.
Алушовски: Висла е моќен ривал, но ние сме конкурентни против секој ривал
Еурофарм Пелистер се подготвува за дуелот против Висла Плоцк, кој е во рамките на Лигата на шампиони. Македонскиот првак игра на домашен терен, а билетите за овој натпревар веќе одамна се пуштени во продажба.
Мечот со полскиот тим ќе биде прв во Лигата на шампионите за Стевче Алушовски во кам-бекот на клупата на битолчани. Свесен е за квалитетот на противникот, но најави максимална борба потенцирајќи дека Пелистер е секогашн конкурентен и против најсилните кога игра пред своите навивачи.
Стевче Алушовски
(тренер на Еурофарм Пелистер)
Чест и задоволство ми е што пак сум тренер на матичниот клуб Пелистер. Кога овој клуб ве повикува, нема размислување, веднаш го прифаќате предизвикот, а тоа значи домашно првенство и Лига на шампиони. Првиот меч против Висла ќе биде исклучително тежок. Ова е екипа која играше извонредно и е третопласирана во групата. Игра цврст ракомет, со добра одбрана и одлична транзиција. Моите очекувања се со техничка дисциплина и тимски дух, сплотеност и заедништво да извојуваме позитивен резултат. Ги знаеме добрите и лошите страни на Висла. Се надевам на извонредна атмосфера, па со помош на нашите навивачи да дојдеме до успех. Мислам дека во периодот зад нас имавме мали кадровски проблеми. Пред се мислам на репрезентативците кои долго беа отсутни. По нивното враќање имавме мали проблеми со повреди. Павле Атанасијевиќ беше повреден, а Словенците доцнеа повеќе од другите. Имавме доволно време за подготовка, оваа екипа тренирала заедно шест месеци пред моето доаѓање. Не изменивме многу, туку само додадовме некои елементи за да се подобриме, пред се за натпреварот со Висла. Низ една позитивна и добра работна атмосфера сакаме да се покажеме во добро светло прво против полскиот ривал, а потоа и во домашното првенство. Сакам да ги повикам навивачите да дојдат да не бодрат, а нашиот тим ќе возврати со добра и пожртвувана игра.
Дејан Манасков
(ракометар на Еурофарм Пелистер)
После подолго време се враќаме во Лигата на шампионите. Пред нас е еден многу тежок натпревар, во специфичен момент за екипата. Имаме нов тренер, но се трудиме да бидеме максимално подготвени за предизвикот. Работиме на усовршување на деталите за кои сметаме дека можат да го одлучат натпреварот и се надеваме дека можеме да победиме пред нашите навивачи. Висла игра многу агресивно во одбраната, нивните халфови излегуваат многу високо, затоа ќе мораме да имаме брз проток на топката и солиден напад во простор без топка. Ако дозволиме да прават многу фаули и прекини на играта, мислам дека ќе биде доста тешко за нас. Мораме да имаме одлична дефанзива и да знаеме што сакаме во нападот.
Правдата на средбата во „Боро Чурлевски“ ќе ја делат Томас Барисас и Повилас Петрусис. Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Висла Плоцк се игра на 19 февруари со почеток од 20:45 часот.
Вардар поразен во Лисабон, „црвено-црните“ примија 40 гола
Ракометарите на Вардар го загубија првиот натпревар од групата во главната фаза од Лига Европа, откако вечерва загубија на гостувањето кај Бенфика во Лисабон со 40-35 (24-16).
Една од причините за поразот тренерот Иван Чупиќ треба да ја бара во тоа што негоавта екипа направи десет технички грешки повеќе од противникот (22-12).
„Црвено-црните“ имаа добар почеток на дуелот и до 10.минута беа во водство последен пат 8-7, а претходно имаа и три гола предност (7-4).
Но, од тој момент до крајот на првиот дел Бенфика буквално „мелеше на теренот“ и со серија од 16-6 стигна до највисоките 23:14.
Во второто полувреме предноста на домашниот тим најчесто беше меѓу пет и седум голови, а Вардар успеа да намали и на четири негатива (38-34).
Најефикасен на дуелот беше Дмитро Хорига од Вардар со 9 голови, додека кај Бенфика најмногу голови – 7 постигна Микита Ваилупау.
Во следното коло Вардар го пречекува Мелсунген на 24 февруари во Скопје, а во сабота му гостува на Алкалоид во дербто на Супре лигата.
Јауковиќ се врати во Будуќност
Црногорскиот ракометен шампион, Будуќност, полека го склопува играчкиот ростер за наредната сезона, во која ќе влезе со големи амбиции.
Како прв потег беше договорот со левиот бек Ѓурѓина Јауковиќ, која ќе замине од романскиот првак ЧСМ Букурешт на лето и ќе се врати во својата татковина.
Покрај Јауковиќ, Будуќност ја ангажира и српската репрезентативка Јована Скробиќ, потоа репрезентативката на Фарските Острови – Суна Хансен, Хрватката Хана Вуљакм додека договорите ги продолжија Армел Атингре, Марија Марсениќ…
Иако годинава не обезбеди место во осминафиналето на Лигата на шампионите, за наредната сезона формира тим за повисоки дострели.
Охрид ја декласира Дукла и се доближи до четвртфиналето на ЕХФ Купот
Македонскиот ракометен тим Охрид одигра одличен натпревар на домашен терен и убедливо славеше против Дукла Прага од Чешка (30-21) во рамки на првиот натпревар од осминафиналето на ЕХФ Купот, третото по ранг натпреварување во европскиот ракомет.
Ракометарите на Охрид пред домашната публика покажаа квалитет и сила и покажаа дека сакаат да одат по патот на Алкалоид кој минатата година го освои овој трофеј.
Од почеток до крај на мечот во „Билјанини Извори“ беше јасно кој ќе биде победник на оваа средба. Тоа ГРК Охрид го најави со самиот старт кога отворија со серија од 6-0. Дукла во текот на целиот натпревар ја бркаше предноста на Охрид која во вториот дел беше и двоцифрена.
Дарко Ѓукиќ со осум постигнати гола беше најдобар кај Охрид, а друштво му правеше Анте Иванковиќ со седум гола, а кај Дукла, Јири Војтела и Лукас Мелих дадоа по четири гола. Реваншот во Чешка помеѓу екипите на ГРК Охрид и Дукла Прага кој треба да биде само формалност се игра на 21 февруари.
Гидсел третпат е најдобар светски ракометар
Данскиот ракометар Матијас Гидсел по третпат во кариерата е избран за најдобар ракометар на светот за 2025 година, во изборот на Меѓународната ракометна федерација (ИХФ).
Тој доминираше во гласањето и доби убедливо најмногу гласови.
Гидсел имаше феноменална година, беше клучен играч за данската репрезентација и го предводеше тимот до значајни успеси на меѓународната сцена, вклучувајќи ги и големите натпреварувања каде се истакна како еден од најефикасните стрелци и највредни учесници на теренот.
Прилеп долго време беше рамноправен, но пелагониското дерби го добија битолчани
Ракометарите на Еурофарм Пелистер извојуваа победа во пелагониското дерби. Дуелот од 21. коло на Суперлигата со Прилеп донесе повеќе грижи од вообичаено. но во последните десетина минути Тајник и Кузмановски ги вратија работите на свое место и домаќинот извојува победа од 32-27 (16-12). Прилеп долго време парираше, на одмор имаше -4, а во 45. минута дури и израмни. Сепак, поискусната и поквалитетна екипа на Стевче Алушовски стигна до бодовите. Гостите не издржаа до крајот, па Еурофарм Пелистер со солиден финиш успеа да го реши победникот и да го затвори дуелот со пет гола разлика.
Кузмановски со девет голови ги предводеше стрелците кај Еурофарм Пелистер, додека Димитриоски стигна до осум погодоци во редовите на Прилеп. За шампионот не настапија Манасков (казна) и Радивојевиќ и Видомски (повреда).
Ракомет
Суперлига 2025/26
коло
Еурофарм Пелистер – Прилеп 32-27 (16-12)
Спортска сала „Боро Чурлевски“ – Битола
Гледачи: 500
Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски