Рокада на релација Истанбул – Џеда: Канте оди во Фенер, Ен-Несири го менува Бензема во Ал Итихад?

Играчот на Ал-Итихад, Н'Голо Канте и играчот на Фенербахче, Јусеф Ен-Несири

Зимскиот преоден рок го достигнува својот врв со најава за трансфер кој би можел целосно да ја промени сликата во европскиот и блискоисточниот фудбал. Турскиот гигант Фенербахче е во завршна фаза од преговорите за ангажман на францускиот ас и поранешен светски првак, Н’Голо Канте. По две и пол години поминати во дресот на Ал Итихад, 34-годишниот играч е подготвен за враќање на големата сцена во Европа, а Истанбул се чини како неговата следна дестинација.

Преговорите добија на интензитет во последните 48 часа. Според упатените извори, не станува збор за обичен трансфер, туку за стратешка ротација меѓу двата клуба.

Главниот заплет во оваа зделка лежи во иднината на напаѓачот на Фенербахче, Јусеф Ен-Несири. Мароканскиот репрезентативец е примарна цел на Ал Итихад, кој веќе се подготвува за животот по можното заминување на легендарниот Карим Бензема. Со оглед на тоа што иднината на Бензема во Џеда е под знак прашалник, челниците на саудискиот клуб во Ен-Несири гледаат идеален наследник во офанзивата.

Структурата на договорот е веќе на маса: Н’Голо Канте плус 10 милиони евра би заминале во Истанбул, додека Ен-Несири би тргнал во спротивен правец. Оваа „трампа“ се смета за идеално решение за двете страни. Фенербахче добива мотор во средниот ред и дополнителни финансии, додека Ал Итихад обезбедува докажан стрелец навикнат на игра под висок притисок.

Откако беше постигната вербална согласност за главните точки, во моментов се прецизираат финалните детали од договорот. Се шпекулира дека Канте веќе прифатил услови за договор кој би го обврзал на верност кон Фенер до 2028 година. Неговата примарна цел е да остане во врвна форма и да биде во комбинација за составот на Франција за Светското.

Доколку не се појават неочекувани пречки, пред се поврзани со статусот на Бензема, официјализацијата на трансферот се очекува наскоро. Навивачите на Фенербахче веќе со нетрпение го очекуваат пристигнувањето на неуморниот Французин, кој би требало да биде последното парче во шампионскиот мозаик на тимот.