Елитниот фудбал не простува: Бодо и Њукасл моќно, Интер со наведната глава

Играчите на Бодо Глимт слават победа против Интер

Лигата на шампионите уште еднаш докажа дека е сцена каде што фаворитите не секогаш го имаат последниот збор. Вчерашната фудбалска ноќ донесе драма која ги надмина сите предвидувања: од историскиот подвиг на норвешкиот аутсајдер среде Милано, до гол-шоуто на Сент Џејмс Парк, ноќта заврши со неколку паднати гиганти и нови херои во осминафиналето.

Главната вест на вечерта несомнено доаѓа од Италија. Бодо/Глимт пристигна на Сан Сиро со предност од 3–1, но малкумина веруваа дека „Нероазурите“ нема да успеат да ја анулираат негативата. Сепак, дисциплинираните Норвежани одиграа меч за паметење.

По првото полувреме во кое Интер доминираше, но не ги искористи шансите преку Еспозито и Фратези, казната стигна во 58-мата минута. Јенс Петер Хауге, поранешниот фудбалер на Милан, ја искористи грешката на Мануел Аканџи и го отвори резултатот. Кога во 72-рата минута Хакон Евјен зголеми на 0–2, стадионот занеме. Почесниот гол на Алесандро Бастони беше премалку за домаќините. Со вкупни 5–2, Бодо/Глимт стана првиот норвешки клуб во осминафиналето по цели 29 години.

Додека Милано тагуваше, во Мадрид се славеше моќта на Атлетико. По ремито 3–3 во Белгија, Диего Симеоне го пушти од синџир својот најдобар стрелец. Норвежанецот Александер Серлот одигра натпревар од соништата, постигнувајќи хет-трик за целосно демонтирање на Клуб Бриж. Иако гостите кратко се надеваа по голот на Ордоњез за 1–1, „Јорганџиите“ во второто полувреме додадоа гас и со конечни 4–1 (7–4 вкупен резултат) го заверија својот пласман понатаму.

Во меѓувреме, Њукасл приреди уште една возбудлива вечер за своите навивачи. По убедливите 6–1 во првиот меч против Карабах, избраниците на Еди Хау славеа и дома со 3–2. Сандро Тонали и Жоелинтон постигнаа голови во воведните шест минути, ставајќи крај на секаква неизвесност. „Страчките“ ја завршуваат оваа фаза со рекордни 26 постигнати голови, што ги прави најефикасниот тим во досегашниот тек од натпреварувањето.

Најмирен беше реваншот во Германија, каде Баер Леверкузен одигра тактички и искусно 0–0 против Олимпијакос. Германскиот тим, потпирајќи се на предноста од два гола од првиот натпревар, не дозволи никакви изненадувања. Иако Грималдо ја погоди рамката од голот, „Фармацевтите“ беа фокусирани на одбраната и без многу мака го сочуваа резултатот кој ги носи меѓу најдобрите 16.