Македонија Ѓ.П. со важен триумф против Работнички

Македонија Ѓ.П. го совлада Работнички со 2-1 во денешниот натпревар од 29. коло во Прва МФЛ. „Лавовите“ освоија многу важни три бода и остануваат во трката за опстанок во елитата.
Тимот на Македонија Ѓ.П. поведе по првата опасна акциja во втората минута. По нафрлувањето, Кабаркас погоди со глава и ја затресе мрежата на Работнички. Во 14. минута, Сухељ Мухарем имаше одлична шанса за израмнување, но шутираше непрецизно. Лазаревиќ во 22.минута од корнер ја погоди гредата од голот на Работнички.
Една минута подоцна и Софијаноски со удар со глава го погоди дирекот. Шансите продолжија и на двете страни, се до 63. минута, кога Џангаровски, по одличен соло пробив успеа да постигне втор гол за Македонија Ѓ.П.
Пет минути подоцна, Сухељ Мухарем успеа да намали на 2-1 со прецизен удар од непосредна близина. Манојлов во 78.минута имаше шанса за израмнување, но не успеа.
Македонија ЃП останува претпоследна, но сега со 27 бодови, односно само еден бод помалку од Работнички, а два од Пелистер, кој е прв над линијата за место во баражот. До крајот има уште четири кола, а во следната рунда тимот од Ѓорче ќе гостува кај испаднатиот Шкупи, додека Работнички го очекува директен дуел против Пелистер.