ФФМ на Конгрес на ФИФА: Активно учествуваме во креирањето на иднината на фудбалот

Првиот човек на Фудбалска федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, присуствува на 76. Конгрес на ФИФА кој се одржува во Ванкувер, каде заедно со генералниот секретар Леонид Јандреоски и македонската фудбалска легенда Горан Пандев активно учествуваат во носењето на важни одлуки за иднината на светскиот фудбал.
Претседателот Масар Омерагиќ истакна дека на Конгресот главен фокус е ставен на финансиската стабилност и развојните политики, како и на усвојување на извештаите за изминатата година. Дополнително, се дискутира и за дефинирање на буџетите за циклусот 2027-2030, што претставува клучен период за глобалниот развој на фудбалот.
„На 76. Конгрес на ФИФА во Ванкувер, заедно со генералниот секретар, Леонид Јандреоски и Горан Пандев, активно учествуваме во носењето одлуки кои директно влијаат врз иднината на светскиот фудбал. Во фокусот се финансиската стабилност и развојните политики, усвојување на извештаите за минатата година, дефинирање на буџетите за циклусот 2027-2030, како и клучни прашања за управувањето и интегритетот на фудбалот. Нашето присуство значи активно учество во креирањето на иднината на фудбалот и зајакнување на соработката на меѓународно ниво“, напиша првиот човек на ФФМ, Масар Омерагиќ.
На Конгресот се разгледуваат и прашања поврзани со управувањето и интегритетот на фудбалот, што дополнително ја нагласува важноста на настанот, на кој претставниците на националните федерации имаат можност директно да влијаат врз насоката во која ќе се движи светскиот фудбал во наредните години.