Шкендија повторно не победи, само бод од гостувањето во Кратово

Силекс му „откина“ на тимот на Шкендија уште два бода во битката за титулата во ПМФЛ. Денеска во Кратово двата тима одиграа нерешено 1-1. Тетовската екипа ги исупушти трите бода во претпоследната минута од регуларниот дел, кога кратовскиот тим успеа да израмни.
Првата шанса беше претворена во погодок и тоа во корист на Шкендија. Од левата страна проби Љатифи, ја упати во петерецот каде што стигна Ндзенгуе пред Џеков, и ја смести во мрежата.
Шкендија имаше повеќе од играта и во 27. минута имаше шанса за 0-2 преку Ндзенгуе, кој излезе во поволна позиција пред голот на Џеков, меѓутоа голманот на Силекс со помош на Шуберт интервенираше.
Следуваа минути на Силекс. Најпрво непрецизен удар на Ангелески, а потоа и најзрелата шанса за домашниот тим. Најпрво Донов шутираше, одбрани Гаје, а голманот на Шкендија потоа го одбрани и шутот на Димитриевски.
Во вториот дел Силекс ја презеде иницијативата, но првата шанса ја создаде дури во 70. минута преку Пиреш, кој со глава ја упати топката само милиметри крај голот. Веќе во следната минута Силекс добива бројчана предност на теренот, откако беше исклучен Тамба кој доби втор жолт картон.
Тоа го искористи тимот на Силекс кој во 89. минута успеа да израмни. После една акција Алиќ шутираше, одбрани Гаје, а одбиената топка стигна до нововлезениот Мишов кој ја смести во мрежата.
Така Шкендија загуби два бода во битката за титулата, и сега првопласираниот Вардар има шанса утре да ја зголеми разликата на шест бодови ако го совлада Башкими во Гостивар.