Миротиќ размислува за пензија

Никола Миротиќ би можел да стави крај на својата богата кошаркарска кариера на 35 години.

Иако сè уште нема донесено конечна одлука, медиуми од Шпанија пренесуваат дека искусниот кошаркар сериозно размислува за пензионирање.

Миротиќ летово остана без клуб по разделбата со Монако.

За неговите услуги постоеше интерес од повеќе европски екипи, а меѓу клубовите кои се распрашувале за можноста да го ангажираат е и Басконија.

Според информациите од Шпанија, Миротиќ во моментов не брза со изборот на нова средина и ја разгледува и можноста кариерата да ја заврши порано од очекуваното. Басконија наводно сè уште ја следи ситуацијата, но конечната одлука останува кај искусниот крилен центар.

Минатата сезона Миротиќ настапуваше за Монако и на 31 натпревар во просек бележеше 11 поени и 4,3 скока. По промените во францускиот клуб, тој остана без ангажман, што дополнително ја отвори дилемата околу неговата иднина.