Ашаданов по пет години си замина од клупата на женската кошаркарска репрезентација

Селекторот Александар Ашаданов по пет години на клупата поднесе оставка од клупата на женската кошаркарска репрезентација.

Ашаданов заминувањето го потврди со објава преку социјалните мрежи во која истакна дека во секој момент го давал максимумот за да ја претставува Македонија во најдобра светло.

„По пет години посветеност, работа и неизмерна љубов кон женската кошарка, дојде моментот да го завршам мојот селекторски пат со женската сениорска репрезентација на Македонија. Овие пет години беа исполнети со предизвици, одговорност, тешки одлуки, многу работа, и моменти што ќе останат дел од мојата кариера. Во секој момент се трудев да го дадам максимумот од себе, да ја претставувам Македонија со достоинство и да придонесам за развојот на женската кошарка.Посебна благодарност до сите кошаркарки кои беа дел од овој пат, до мојот стручен штаб и до сите кои искрено веруваа во идејата и работеа за заедничката цел. Секогаш верував дека функциите се минливи, но делата, односот и трагата што ја оставаме зад себе, остануваат. Од оваа позиција заминувам со гордост за се што вложив, со почит кон националниот дрес и со верба дека женската кошарка во Македонија има потенцијал за поголеми достигнувања. Пет години не се само период, тоа е дел од животот, од кариерата и од мене како човек и тренер. Благодарам за довербата, заедничкиот пат и сите моменти што ги споделивме“, објави Ашаданов.