Рафаел Надал стана дел од раководството на Реал Мадрид

Легендарниот шпански тенисер Рафаел Надал и официјално стана член на Управниот одбор на Реал Мадрид. Предлогот за негово вклучување во раководната структура на клубот го поднесе претседателот Флорентино Перез, а членовите на клубот едногласно ја поддржаа кандидатурата.
Надал, кој е голем навивач на Реал Мадрид и почесен член на клубот од 2011 година, ќе добие можност директно да се запознае со внатрешното функционирање и да учествува во управувањето со шпанскиот гигант.
Перез не го криеше задоволството од новиот ангажман на тениската легенда, нагласувајќи дека за Реал Мадрид е вистинска гордост да има личност со таков углед во своите редови.
Надал е еден од најголемите тенисери на сите времиња, со 22 освоени грен-слем титули, а неговото вклучување во раководството претставува уште една потврда за блиските врски со мадридскиот клуб.