Мастерсите во Мадрид и Мајами се селат во Саудиска Арабија

Саудиска Арабија продолжува со агресивно влегување во сите пори на врвниот спорт. Откако летово почна да станува важен играч на светската фудбалска карта, сега Саудиска Арабија се обидува да пушти „корења“ и во професионалниот тенис.

Како што објавија неколку шпански весници, Саудијците оваа година ќе го организираат финалето на турнирот за млади надежи „Next Gen“ (28 ноември до 2 декември), кој ги собира осумте најдобри тенисери до 21 година, но отпочна проект и за купување на лиценците на неколку Мастерс турнири.

Според информациите, Арапите се во прва фаза на преговори за купување на лиценците за организацијата на АТП Мастерс турнирите од серијата 1000 во Мадрид и Мајами. И двете лиценци се во рацете на компанијата ИМГ, која може да се одлучи за продажба.

Саудиските власти повеќе од една година водат разговори со преставници на високи тениски позиции за можни инвестиции. На влегувањето на Саудиска Арабија во тенисот се гледа позитивно, бидејќи на овој начин и АТП и ВТА би избегнале создавање на паралелно натпреварување, како што се случи во голфот.