Шредер негира потпис со Баерн Минхен
Капитенот на германската кошаркарска репрезентација Денис Шредер изјави денес дека играњето во Баерн Минхен откако ќе се врати од НБА лигата не е опција за него.
„Нема шанси, Брауншвајг е мојот тим и кога ќе дојдам во Германија, ќе играм само за Брауншвајг. Нема да играм за ниту еден друг клуб“, изјави 31-годишниот кошаркар на Бруклин во интервју за германските медиуми.
Шредер во минатото го носеше дресот на Брауншвајг, а воедно поседува и акции во својит поранешен клуб.
„Дефинитивно морам да се вратам во Брауншвајг. Оттаму почнав. Тоа би го направило клубот поголем. Сакаме да го достигнеме врвот во Европа. И Баерн беше на почетокот, а сега е многу високо. Го гледам Баерн – фудбал и кошарка – како им оди. Секако дека сакам да внесам и НБА шмек“, изјави Шредер, кој со Германија ја освои титулата на Светското првенство во 2023 година и беше прогласен за најкорисен играч.
По овогодишниот олимписки турнир во Париз кормилото на германската репрезентација го напушти селекторот Гордон Херберт, кој седна на клупата на Баерн, а на негово место дојде Шпанецот Алекс Мумбру.