Битолчанката Крстевска ќе ја претставува Македонија на Балканското првенство во крос-кантри
Дарија Крстевска, членка на АК Олимп од Битола, ќе ја претставува Македонија на Балканското првенство во крос-кантри. Клубот ја објави веста и ја поддржа младата битолчанка во обидот да се избори за најдобро свое постигнување во кариерата.
„Имаме чест да споделиме одлични вести од АК Олимп – макотрпната работа, посветеноста и најуспешната сезона на нашата атлетичарка Дарија Крстевска резултираа со нејзиниот прв повик во дресот на македонската репрезентација.
АК Олимп е горд на својот талент, а цела Македонија ќе навива за Дарија во нејзината мисија да го претстави нашето знаме и да се натпреварува со најдобрите атлетичари од Балканот. Ѝ посакуваме успех и инспиративен настап на Балканското првенство, со целата поддршка и гордост што ја заслужува“, се пофалија од битолскиот атлетски клуб.
Дарија ќе ги брани боите на Македонија на претстојното Балканско првенство во крос-кантри, кое ќе се одржи на 9 ноември во Камплунг, Романија. Во категоријата У20 години, таа ќе се натпреварува во дисциплината трчање на 6 километри, покажувајќи ги своите способности и залагање на меѓународната сцена.