Мурињо го сака Роналдо во Фенербахче

Жозе Мурињо го контактирал Кристијано Роналдо, го прашал дали би сакал да игра под негово водство во Фенербахче следната сезона, објави „Еуроспорт“ повикувајќи се на извештаи во други медиуми. Овој обид на Мурињо изгледа како невозможна мисија, ако се знае дека португалскиот напаѓач игра во Саудиска Арабија со годишна заработка од околу 200 милиони евра.

Роналдо, кој во февруари ќе го прослави својот 40-ти роденден, е под договор со Ал Наср до крајот на јуни следната година. Вкупно за овој клуб одигра 79 натпревари со учинок од 68 гола и 18 асистенции, откако за клубот дебитираше во јануари минатата година.

Мурињо наводно му се јавил на Роналдо, му рекол дека слушнал гласини дека сака да ја напушти Саудиска Арабија, го прашал дали е среќен таму, а потоа дали ќе му се придружи во Фенербахче.

Директорот на клубот Марио Бранко,веќе е во преговори со агентот на Роналдо, Жорж Мендеш, се додава на сајтот на „Еуроспорт“.

Фенербахче е турски рекордер со 28 освоени првенствени титули. Мурињо го водеше Роналдо низ дел од кариерата во Реал Мадрид.