Барди: Многу ни значи враќањето на Пандев во репрезентацијата

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Енис Барди верува во соиграчите и очекува уште еден зрел циклус на „рисовите“ на стартот од квалификациите за пласман на СП 2026 година.

„Деновиве добро се спремивме и сакаме да го продолжиме победничкиот менталитет. Свесни сме што ни значат овие квалификации. Во модерниот фудбал нема фаворити и мора тоа да си го врежеме во глава. Треба да дејствуваме како тим и само така можеме до три бода и до целта која си ја поставивме.

Енергијата и желбата за победа сами ќе си дојдат, имаме квалитет кој може да ни донесе три бода. Нема да го потцениме противникот, ве уверувам во тоа“, рече нашиот капитен.

Потоа Барди зборуваше и за значајот со враќањето на Горан Пандев во нова улога во националната репрезентација.

„Цело време сме во контакт со Горан Пандев, многу ми помагаше цело ова време. Тој е голем човек, беше голем фудбалер и многу ќе ни помогне. Знае фудбал, знае да менаџира работи околу тимот и ќе ни биде од голема помош“, заврши Барди.