Емилиано Мартинез во фокусот на Челси

Челзи ја зголемува потрагата по нов голман, вклучувајќи се во трката за Емилијано Мартинез од Астон Вила. По сезона исполнета со нестабилни настапи меѓу стативите, лондонскиот клуб го гледа искусниот Аргентинец како потенцијално решение за тековните проблеми.
Роберт Санчез не успеа да се покаже како прв избор, а Филип Јоргенсен не остави значаен впечаток, што го натера Ензо Мареска да побара поискусна и посигурна опција. Мартинез, светски првак со Аргентина, сега е во фокусот на „сините“.
Но, Челси не е сам во трката. Манчестер Јунајтед исто така покажува сериозен интерес, а се верува дека Мартинез би бил отворен за трансфер на Олд Трафорд. Интерес покажуваат и Галатасарај и Атлетико Мадрид, што дополнително ја комплицира ситуацијата.
Челзи претходно се обиде да го донесе Мајк Мањан од Милан, но разговорите не донесоа резултат. Сега, искуството на Мартинез во Премиер Лигата и неговите лидерски квалитети го прават главен кандидат. За 32-годишниот голман би можело да се бара отштета од околу 40 милиони фунти, а клучна улога ќе има и ставот на Астон Вила.
Со отворањето на летниот трансфер период, станува јасно дека Челзи сака сериозно да го засили голманското место. Дали Мартинез ќе се пресели на Стемфорд Бриџ ќе зависи од понудите и неговите лични амбиции.