Ливерпул ја затвори вратата за Баерн: Диас не е на продажба

Ливерпул решително го одби обидот на Баерн Минхен за ангажман на Луис Диас, јасно ставајќи до знаење дека колумбискиот репрезентативец не е на продажба. Челниците на клубот ја информирале германската страна дека нема да има никакви преговори за 28-годишниот офанзивец, кој останува клучен дел од плановите на Арне Слот. 

Ова не е првпат Ливерпул да одбие интерес за Диас летово. Претходно и Барселона се обиде со неформално барање, но наиде на ист одговор. Со уште две години од договорот, Диас се смета за важен дел од иднината на клубот и Ливерпул нема намера да го пушти. 

Иако минатата сезона имаше блескави настапи – постигна 17 голови и одигра значајна улога во освојувањето на титулата во Премиер Лигата – договор за продолжување на соработката сè уште не е на повидок. Диас и неговите претставници сакаат подобри услови, но клубот засега не иницирал разговори. 

Интерес има и од други клубови, вклучувајќи и од Саудиска Арабија, но и тие биле одбиени. Пораката од „Енфилд“ е јасна: Луис Диас останува, а клубот е фокусиран на задржување на клучните играчи за наредните предизвици.