feature

Роберто Мартинез фаворит да го наследи Почетино на американската клупа

Заминувањето на Маурисио Почетино на клупата на Манчестер јунајтед значи и крај на неговата селекторска авантура со репрезентацијата на САД.

Аргентинскиот стратег не можеше да ја одбие понудата од еден од најголемите клубови во светот и реши да го напушти селекторското место, оставајќи го американскиот сојуз пред задачата да пронајде ново решение.

Кој ќе го наследи Почетино? Според пишувањето на американските медиуми меѓу кандидатите за нов селектор на американската репрезентација е и Роберто Мартинез, кој ја напушти селекцијата на Португалија по завршувањето на Светското првенство.

Мартинез има богато искуство во репрезентативниот фудбал. Со Белгија го освои третото место на Мундијалот во 2018 година, додека со Португалија не успеа да оствари позначаен резултат на најголемите натпреварувања.

Шпанскиот стратег се споменува и како едно од најреалните решенија за американската селекција, со оглед на тоа што ангажманот на Јулијан Нагелсман или Пеп Гвардиола би можел да биде финансиски и организациски недостижен. Покрај Мартинез, на листата со потенцијални кандидати се наоѓаат и Тјери Анри и Герет Саутгејт.

Американците, така, имаат неколку интересни имиња на располагање, а останува да се види кој ќе ја добие довербата и ќе ја предводи репрезентацијата во следниот период.


Игор Ангеловски ќе игра финале на Купот на Кралот со Таџикистан!

Поранешниот селектор на Македонија, Игор Анегловски со селекцијата на Таџикистан се пласираше во финалето од Купот на Кралот во Азија.

Таџикистан со гол на Шеридин Бобоев во 60. минута го победи Оман со 1-0 и избори место во финалето.

Противник на Таџикистан во финалето ќе биде Тајланд или Брунеи кои допрва ќе го играат својот меч.

Турнирот се игра во Тајланд.


Мурињо призна: Пеп е подобар тренер од мене!

Жозе Мурињо одговараше со „Да“ и „Не“ на еден предизвик, Португалецот беше прашуван кои тренери се подобри од него.

Од оние кои му беа посочени, Мурињо единствено за Гвардиола рече дека е подобар од него.

Прашањето е дали посочениот тренер е подобар од него.

Новинар: Чаби Алонсо?

Мурињо: (со насмевка) Ма ајде, јас го научив него! Не.

Новинар: Ханси Флик?

Мурињо: Не, не мислам дека е подобар.

Новинар: Диего Симеоне?

Мурињо: Не

Новинар: Микел Артета?

Мурињо: Микел? Не.

Новинар: Јирген Клоп?

Мурињо: Не.

Новинар: Пеп Гвардиола?

Мурињо: Можеби, мислам дека е.

Новинар: Тоа е да или не, Жозе?

Мурињо: Да, да!

Новинар: Луис Енрике?

Мурињо: Не.

Новинар: Но тој освои тројна!

Мурињо: Јас освоив тројна со Порто. Што ти е поентата?

Новинар: Карло Анчелоти?

Мурињо: Фантастичен тренер, џентлмен… но подобар од мене? Не.


Арсенал фаворит за потписот на Норвежанецот Нуса

Англискиот шампион Арсенал сериозно се вклучи во трката за ангажманот на крилниот напаѓач на Лајпциг, Антонио Нуса.

Арсенал ги засилил активностите за реализација на трансферот, а претставници на клубот ги следеле последните три натпревари на 21-годишниот Норвежанец.

Нуса сезонава игра во одлична форма и има шест гола и седум асистенции во сите натпреварувања.

Премиерлигашот, сепак нема да има лесна задача да го добие неговиот потпис затоа што Лајпциг бара 80 милиони евра.


Јапонија им одржа лекција на нервозните Бразилци

Јапонската фудбалска репрезентација го победи Бразил со 3-2 во уште еден пријателски натпревар меѓу двата тима.

Ова е втора победа на „самурајите“ против тимот на Карло Анчелоти во последната година, а воедно е и одмазда за поразот во осминафиналето на Светското првенство кога Бразилците тесно победија со 2-1.

Претходно, во ноември 2025 година, Јапонија ги победи Јужноамериканците со ист резултат како и денес во натпреварот одигран во Каланг, Сингапур.

Стрелци за Јапонија беа Такефуса Кубо во 15-та, Кеито Накамура во 19-та и Тацухиро Сакамото во 90+1 минута, откако Винисиус Жуниор со два гола, првиот е навистина спектакуларен, го изедначи резултатот. Во 91-та минута по третиот гол на Бразил, поради бурни протести беа исклучени селекторот Карло Анчелоти и Рафиња, кој играше до 70-та минута.


Свитолина ја преслуша Сабаленка на Мастерс Купот

Елина Свитолина долго чекаше можност да ѝ се одмазди на Арина Сабаленка по пет последователни порази, ја доби шансата и ја искористи на Завршниот турнир во сезоната во Индијан Велс.

Во директен дуел за место во полуфиналето, Украинката беше подобра со резултат 3-6, 6-3, 6-1, со што ја елиминираше втората тенисерка во светот од понатамошното натпреварување.

Свитолина, која ја заврши групната фаза со две победи и еден пораз, во полуфиналето ќе се соочи со Линда Носкова, која ја освои втората група, додека Мира Андреева (резултат од 3-0) и Џесика Пегула (2-1) ќе се сретнат во второто полуфинале.

Мира Андреева го заврши првиот дел од натпреварувањето со максимален учинок, откако ја победи Дијана Шнајдер во последниот натпревар од групата со резултат 6-2, 6-1.

Таа го заврши дуелот по само 56 минути игра против тенисерка која доби можност да игра натпревар на финалето на ВТА откако Каролина Мухова го откажа настапот поради проблеми со стомакот.

Првото полуфинале помеѓу Пегула и Андрејева ќе се игра вечерва во 21 часот, додека второто помеѓу Носкова и Свитолина е закажано за 22:30 часот.


Галијани фаворит за претседател на Италијанската федерација

Поранешниот долгогодишен извршен директор на Милан и Монца, 82-годишниот Адријано Галијани, официјално ја поднесе и му беше прифатена кандидатурата за нов претседател на Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ).

Галијани и официјално влегува во изборната трка за прв човек на италијанскиот фудбал.

Негов единствен противкандидат на претстојните избори ќе биде 67-годишниот Џовани Малаго, актуелниот привремен комесар на ФИГЦ и поранешен претседател на Италијанскиот олимписки комитет (КОНИ).

Изборното федерално собрание на кое ќе се бира новиот предводник на ФИГЦ е закажано за 14 декември 2026 година, а според официјалните информации, Галијани во оваа трка влегува со силна поддршка од Здружението на италијански фудбалери (АИЦ) и Здружението на италијански тренери (АИАЦ), кои заедно контролираат 30 отсто од гласачкото тело во собранието.


Вардар во финишот го „скрши“ Алкалоид

Ракометарите на Вардар 1961 славеа против Алкалоид со 36-31 во дербито на 10 коло во Суперлигата, во натпревар со многу пресврти и неизвесност во најголемиот дел од второто полувреме.

„Црвено-црните“ подобро го отворија дуелот и поведоа со 7-4, но Алкалоид постепено се врати во игра. На полувремето се отиде крајно израмнето, 17-17, а во продолжението гостите успеаја и да израмнат и на 22-22. Сепак, домашниот состав ја презеде контролата во завршницата, направи серија од неколку голови и стигна до заслужена победа.

Најефикасен во Вардар беше Матео Фадуил со 11 погодоци од исто толку обиди, од кои осум од седум метри. Вукашин Воркапиќ постигна шест, а Леон Љевар пет гола. Кај Алкалоид, Никола Костески реализираше осумпати, Марко Митев постигна седум, а Урош Борзаш пет гола.

Натпреварот го одбележа и црвениот картон за Иван Џонов во 33. минута.


Холанѓанецот Сердар Ѓозубују ќе ни суди против Словенија

Познати се судиите за натпреварот меѓу Македонија и Словенија, кој ќе се одигра во понеделник, 16 ноември, со почеток во 20:45 часот, на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, во рамките на шестото коло од Лигата на нации.

Главен судија ќе биде Холанѓанецот Сердар Ѓозубујук. Неговите сонародници Патрик Иниа и Рохир Хониг ќе бидат негови помошници, додека четврти судија е Денис Хиглер.

Во ВАР-собата ќе бидат Клеј Руперти и Мартин Фос, исто така од Холандија.

Натпреварот Македонија – Словенија е последен за двете селекции во групата Б1 од Лигата на нации, а ќе се игра на Националната арена „Тодор Проески“, со почеток во 20:45 часот.


Злато за Македонија – Узеир е европски шампион во кик-бокс

Македонија го освои првиот златен медал на Европското кик-бокс првенство за сениори во Скопје, откако Нелсон Узеир славеше во финалната борба против српскиот претставник Милош Даковиќ со 2-1.

Узеир уште еднаш ја покажа својата храброст, борбеност и пожртвуваност, максимално влегувајќи во секоја размена и заслужено стигнувајќи до најголемиот успех во својата досегашна кариера. Со оваа победа, тој се искачи на европскиот врв и донесе голема радост за македонскиот кик бокс.

Претходно, Силвио Мировски не успеа да се закити со златото, откако во финалето загуби од Црногорецот Немања Чадењовиќ со 1-2, па мораше да се задоволи со сребрениот медал.

Македонската репрезентација го завршува шампионатот со вкупно девет медали – еден златен, два сребрени и шест бронзени.

Покрај европскиот шампион Нелсон Узеир, сребрени медали освоија Силвио Мировски и Стефан Михајловски, додека бронзените одличја им припаднаа на Петар Велков, Наум Додевски, Марија Димовска, Теа Велковска, Викторија Варадинова и Анастасија Јанчевска.