feature

Неизвесност над Селхурст Парк: Гласнер сè подалеку од нов договор

Frontview of Oliver Glasner as Crystal Palace manager

Кристал Палас се соочува со растечка неизвесност околу иднината на тренерот Оливер Гласнер, кој наводно нема намера да го продолжи договорот што истекува следното лето. Англиските медиуми пренесуваат дека клубот веќе размислува за наследник, а како сериозен кандидат се споменува тренерот на Хетафе, Хосе Бордалас. Дополнителен притисок донесе и убедливиот пораз од 3 – 0 против Манчестер Сити, кој ја засили т.н. „драма Гласнер“ и ги оголи внатрешните тензии околу амбициите и трансфер-политиката на клубот.

Гласнер остави силен печат од своето пристигнување во Палас во 2024 година, носејќи историски успеси, освојување на ФА Купот токму против Манчестер Сити, како и триумф во Комјунити Шилд. Иако тимот имаше солиден старт на сезоната, зад сцената расте незадоволството поради ограничената поддршка на трансфер-пазарот и нејасната долгорочна визија на раководството. Извори блиски до клубот зборуваат за сè поголем јаз меѓу тренерот и управата, што ја објаснува и раната подготовка за можни промени.

Во потрагата по потенцијален наследник, раководството на Кристал Палас го гледа Хосе Бордалас како практично решение. Тренерот на Хетафе е ценет поради тактичката дисциплина и способноста да извлече максимум со ограничени ресурси. Неговиот договор истекува исто така следното лето, што би ја олеснило евентуалната транзиција. Сепак, неговиот тврд дефанзивен стил значително се разликува од пофлуидниот пристап на Гласнер, што предизвикува поделени реакции кај навивачите и страв од губење на моментумот стекнат во изминатите сезони.

Доколку дојде до разделба, враќање во Германија изгледа како најлогична опција за Гласнер. Клубови од Бундеслигата, како Ајнтрахт Франкфурт, со кого ја освои Лига Европа, или РБ Лајпциг, би понудиле средина со високи амбиции и конкурентност. Иако интерес од Премиер Лигата, на пример од Њукасл, не е исклучен, Гласнер веројатно ќе сака проект што нуди јасна визија и борба за врвот, наместо долготрајно заглавување во средината на табелата.


Мал удар за Челси: бразилскиот талент Естевaо надвор од терените

Estevao training for Chelsea

Челси потврди дека младиот бразилски офанзивец Естевaо добил лесна мускулна повреда и нема да биде во комбинација за претстојниот премиерлигашки натпревар против Њукасл.

Отсуството на 18-годишниот крилен напаѓач од составот за победата од 3-1 над Кардиф во четвртфиналето од Карабао Купот предизвика бројни прашања меѓу навивачите, но тренерот Ензо Мареска по натпреварот ја разјасни ситуацијата.

„Естевaо има мала мускулна повреда. Не е ништо сериозно, но нема да биде подготвен за натпреварот со Њукасл. Ќе видиме за следниот меч, мислам дека тогаш би можел да биде на располагање“, изјави Мареска.

Како најреалистична опција за негово враќање се споменува домашниот натпревар против Астон Вила на 27 декември, доколку рехабилитацијата помине без компликации.

Повредата на Естевaо доаѓа во незгоден момент за Челси, кој се соочува со напорен празничен распоред. Сепак, Мареска изврши значителна ротација против Кардиф, давајќи шанса на млади играчи како Тајрик Џорџ и Џејми Гитенс, додека головите на Алехандро Гарначо и Педро Нето во второто полувреме ја обезбедија победата и пласманот во полуфиналето.

Естевaо настапи од клупата во претходниот дуел со Евертон, а впечатокот беше дека веќе чувствува одреден физички проблем. И покрај турбулентниот период, навивачите на Челси му дадоа силна поддршка на Мареска на гостувањето во Кардиф, скандирајќи го неговото име по, како што самиот рече, „најтешките 48 часа“ пред натпреварот.


Енрике тренер на сезоната, Донарума голман на сезоната: ФИФА ја награди доминацијата на ПСЖ

Luis Enrique and Gianluigi Donnarumma

Луис Енрике е добитник на наградата „The Best FIFA Men’s Coach“ за сезоната 2024/25, крунисувајќи една исклучителна година на клупата на Пари Сен Жермен. Поранешниот стратег на Барселона и шпанската репрезентација го предводеше ПСЖ до титула во Лига 1, трофеј во Купот на Франција и првиот трофеј од Лигата на Шампионите за клубот.

Со својот препознатлив стил: висок пресинг, контрола на топката и дисциплинирана игра — Енрике го трансформираше тимот во еден од најстрашните во Европа, замолчувајќи ги сомнежите околу реконструкцијата на клубот по заминувањето на Лионел Меси. Особено импресивна беше дефанзивната стабилност: само 22 примени голови во 38 натпревари во Лига 1, показател за неговиот сеопфатен пристап кон играта.

Успесите на ПСЖ беа заокружени со признанието за „The Best FIFA Men’s Goalkeeper“, кое му припадна на Џанлуиџи Донарума. Италијанскиот репрезентативец зад себе има сезона исполнета со клучни интервенции, сигурност и лидерство меѓу стативите.

Донарума запиша 15 „чисти мрежи“ во Лига 1 и имаше решавачки улоги во елиминациската фаза од Лигата на шампионите, вклучително и блескава партија со одбранети пенали против Манчестер Сити. Со процент на одбрани над 82% во сите натпреварувања, тој ги остави зад себе Тибо Куртоа и Давид Раја, потврдувајќи го својот статус меѓу светската елита.

Вечерта беше комплетирана со признанието за најдобар машки фудбалер, кое му припадна на Усман Дембеле. Оваа тројна круна претставува преседан за ПСЖ на доделувањето на „The Best“ наградите, оставајќи ги зад себе гигантите како Манчестер Сити и Реал Мадрид.


Дембеле на врвот на светот: Златна топка и ФИФА награда во иста година

Ousmane Dembele wins FIFA THE BEST award

Усман Дембеле официјално ја потврди својата доминација во светскиот фудбал, освојувајќи ја наградата ФИФА – Најдобар фудбалер на годината за 2025, со што ја комплетираше престижната двојна круна по освоената Златна топка во септември. Напаѓачот на Пари Сен Жермен во гласањето ги надмина Ламин Јамал од Барселона и Килијан Мбапе од Реал Мадрид, а признанието му беше врачено на свечената церемонија во Доха, Катар.

Гласовите пристигнаа од селектори, капитени, новинари и навивачи од целиот свет, а признанието доаѓа како круна на сезона во која Дембеле блесна во нова улога, како централен напаѓач.

Во сезоната 2024/25, Дембеле забележа 35 голови и 16 асистенции на 53 натпревари, водејќи го ПСЖ до историска тројна круна: Лига 1, Купот на Франција и првата титула во Лигата на Шампионите. Во елитното европско натпреварување постигна осум голови и додаде шест асистенции, меѓу кои и клучни погодоци против Ливерпул и Арсенал.

Со вкупно 14 директни придонеси за голови во Лигата на Шампионите, постави рекорд за француски клуб, а неговите настапи му ја донесоа и наградата играч на сезоната на УЕФА. ПСЖ стигна и до финалето на Светското Клупско Првенство, каде Дембеле постигна два гола, дополнително потврдувајќи ја својата важност во тимот.

Со ова достигнување, Дембеле се најде во одбрано друштво со Лионел Меси и Кристијано Роналдо, станувајќи еден од ретките фудбалери кои ги освоиле и Златната топка и наградата на ФИФА. Тој е и шести Французин во историјата со Златна топка.

На галата во Доха, Дембеле им се заблагодари на соиграчите и стручниот штаб, нагласувајќи дека напорната работа и тимскиот дух биле клучот за успехот. Тој изрази желба повторно да се врати на сцената и во 2026 година, додека ПСЖ се подготвува за Интерконтиненталниот куп против Фламенго.

Неговата трансформација од крилен фудбалер во смртоносен реализатор ги замолкна критичарите и го постави Дембеле како еден од клучните столбови на ПСЖ и француската репрезентација во годините што следат.


Контроверзен избор на ФИФА: Ѕвезди изоставени од „најдобриот тим“

Mohamed Salah and Raphinha disappointed

ФИФА го објави ФИФПро најдобриот машки тим за 2025 година на свеченоста „The Best FIFA Football Awards“ во Доха, Катар, но наместо пофалби, изборот предизвика лавина реакции и критики меѓу фудбалската јавност.

Тимот е составен од: Џанлуиџи Донарума на голот; во одбраната Ашраф Хакими, Вилијан Пачо, Вирџил ван Дајк и Нуно Мендеш; среден ред Џуд Белингам, Кол Палмер, Витиња и Педри; а во нападот Ламин Јамал и Усман Дембеле.

Најголемо внимание привлече доминацијата на Пари Сен Жермен, кој има дури шестмина претставници во тимот: Хакими, Пачо, Мендеш, Витиња, Дембеле и Донарума (иако во меѓувреме се пресели во Манчестер Сити). Овој избор се поврзува со успехот на клубот во Лигата на шампионите и нормализираниот домашен триумф.

Ливерпул е претставен преку Ван Дајк, додека Барселона има двајца фудбалери: Педри и младиот Јамал. Белингам (Реал Мадрид) и Палмер (Челси), освојувач на Златната топка на Светското клупско првенство, го комплетираат тимот, избран од самите фудбалери врз основа на настапите од август 2024 до август 2025 година.

Реакциите на социјалните мрежи беа жестоки, особено поради изоставувањето на Мохамед Салах, кој ја предводеше Премиер лигата по голови и асистенции, како и на Рафиња, најдобар стрелец и асистент во Лигата на шампионите. Меѓу изоставените се најдоа и Хари Кејн и Жоао Невеш, што дополнително го зголеми незадоволството.

Дел од навивачите го нарекоа изборот на БелингАм „чиста кражба“, имајќи ги предвид колебливите настапи на Реал Мадрид, додека присуството на Палмер беше оспорено поради падот во формата. Особено се дебатираше и за Јамал, за кого критичарите сметаат дека добива признанија повеќе поради потенцијал отколку поради конкретен учинок.

Контроверзијата околу ФИФПро уште еднаш го отвори прашањето дали ваквите награди треба да се темелат на индивидуални бројки, тимски успеси или перцепција меѓу колегите. Додека фудбалерите гласаат според сопственото искуство на теренот, навивачите бараат признание за оние со јасна и мерлива доминација, што ја прави дебатата неизбежна и секогаш жива.


Србинот Танасковиќ се враќа во МЗТ Скопје

Екипата на МЗТ го комплетира ростерот за продолжението од сезоната со враќањето на Душан Танасковиќ, кој повторно ќе го носи „сино-белиот“. Клубот од Аеродром ја доби трката со грчки ПАОК за неговиот потпис.

Искусниот центар ќе претставува значително засилување во рекетот, особено во клучната фаза од сезоната. МЗТ Скопје ќе се бори за остварување на примарната цел – враќање во елитната АБА лига.

Танасковиќ е добро познат на навивачите на МЗТ, бидејќи беше дел од тимот во сезоната 2023/24, кога тимот ја освои тројната круна на домашната сцена. Со своите партии тој беше меѓу најконстантните и најзаслужните кошаркари за големите успеси на клубот во таа сезона.


АТП промени важно тениско правило

Машката професионална тениска федерација (АТП) објави нови правила за сезоната 2026 за да ги заштити играчите од растечкиот проблем со екстремната топлина на турнирите.

Главната промена е воведувањето на десетминутни паузи за време на натпреварите, мерка што е во сила на женската професионална организација (ВТА) повеќе од три децении, а доаѓа како одговор на бројни поплаки и здравствени проблеми од играчи како Новак Ѓоковиќ и Јаник Синер, пишува „Скај Спортс.“

Одлуката на Управниот одбор на АТП следеше по драматичните сцени на турнирите, особено на Мастерсот во Шангај во октомври, кога бројни играчи повикаа на воведување упатства за играње во екстремна топлина и влажност. Во тоа време, бранителот на титулата Јаник Синер беше принуден да се повлече поради силни грчеви во нозете, додека 24-кратниот освојувач на грен слем турнирите Новак Ѓоковиќ се пожали на условите, откако повраќаше за време на еден натпревар.

„Брутално е кога имате над 80 проценти влажност ден за ден“, рече Ѓоковиќ во тоа време, „особено за момците кога играат преку ден на топлина, на сонце“. Проблемите не им избегаа на другите. Младата ѕвезда во подем, Теренс Атман, го предаде својот натпревар во првото коло во Шангај по само осум одиграни гема.


Гвардиола не смета на Рико Луис и Оскар Боб

Манчестер Сити е подготвен да разгледа понуди за дефанзивецот Рико Луис пред јануарскиот преоден рок, поради растечката неизвесност околу неговата улога.

Според одредени извори, покрај Луис, напаѓачот Оскар Боб исто така би можел да го напушти тимот на Манчестер Сити оваа зима. Местото на 22-годишникот во тимот моментално е под знак прашалник. Кристал Палас изрази интерес за Норвежанецот, со опција или да го позајми или да го купи.

Луис одигра 12 натпревари во сите натпреварувања оваа сезона, при што имаше две асистенции. Боб одигра 14 натпревари, при што имаше една асистенција.


Португалското гран-при се враќа во Формула 1 календарот

Организаторите на Формула 1 објавија дека Големата награда на Португалија ќе се врати во календарот со двегодишен договор за 2027 и 2028 година.

Трките ќе се одржат во Портимао кој беше домаќин во текот на пандемиските сезони 2020 и 2021 година кога Луис Хамилтон ја оствари рекордната 92-ра победа со што го истисна Михаел Шумахер од врвот на листата.

Големата награда на Португалија ќе го заземе местото на трката во Зандворт откако Холанѓаните објавија дека ќе се повлечат на крајот на 2026 година.


Шифрин победи на слаломот во Куршевил

COURCHEVEL, FRANCE – DECEMBER 21: Mikaela Shiffrin of Team United States in action during the Audi FIS Alpine Ski World Cup Women’s Slalom on December 21, 2023 in Courchevel, France. (Photo by Alain Grosclaude/Agence Zoom/Getty Images)

Микаела Шифрин победи во ноќниот слалом од Светскиот куп за жени во Куршевел. Американката, која водеше по првото возење, ја постигна својата 105-та победа на Големиот кристален глобус и својата четврта последователна победа во техничката дисциплина.

30-годишната Шифрин повторно ја демонстрираше својата висока класа на патеката во францускиот центар и заврши за 1:42,50 минути (49,77 и 52,73 секунди).

Петкратната победничка на Светскиот куп беше 1:55 пред Камил Раст од Швајцарија и 1:71 пред Германката Ема Ајхер, која ги комплетираше првите три места на трката. Шифрин постигна рекордна седма победа на патеката во Куршевел.

По изминатите 11 трки, во генералниот пласман за Големиот кристален глобус продолжува да води фаворитот Микаела Шифрин со 558 поени, пред Алис Робинсон од Нов Зеланд со 394. На третата позиција досега е Камил Раст со 343 поени.

Шифрин е исто така лидер во пласманот на Малиот кристален глобус во слалом со 400 поени, додека Лара Колтури е втора со 220 поени.

Следните трки во сезоната за жените се спуст и супервелеслалом и ќе се одржат на 20 и 21 декември, во Вал д’Изер (Франција).