feature

Тиквеш до врв ја наполни мрежата на Шкупи

Натпреварот во Кавадарци започна одлично за домашната екипа, која уште во првата посериозна акција стигна до водство. По брзиот продор по десната страна, Лавал со прецизен удар со глава ја смести топката во мрежата на гостите од Скопје.

Веднаш потоа, Лусиано успеа да продре во шеснаесетникот на Шкупи, но неговиот обид беше запрен од гостинскиот голман. Набрзо потоа, голманот Муслиу повторно беше на висина на задачата, спасувајќи го ударот на Гуели.

Во 25-тата минута, Лавал се покажа како помоќен од противничката одбрана и упати удар кон далечниот агол, каде Лусиано само ја потврди акцијата и зголеми на 2-0.

Следен кој ја тестираше одбраната на гостите беше Стојковски, но благодарение на одличната интервенција на Муслиу, резултатот остана непроменет. Истиот епилог го видовме и во следниот дуел меѓу Муслиу и Лавал, каде младиот скопски голман повторно излезе како победник.

Сепак, во 37-мата минута, по една брза контра, Лусиано мајсторски го лобуваше противничкиот голман, постигнувајќи го својот втор гол на натпреварот за високи 3-0 во корист на домашните.

Второто полувреме започна со првиот сериозен обид на Шкупи, но ударот на Ферати заврши само покрај голот на Тиквеш. На спротивната страна, Тиквеш веднаш одговори преку Сула, чиј обид беше запрен со нозе од страна на голманот Муслиу.

Сепак, веќе во следната акција, Лусиано повторно стапи на сцена. Со неверојатна ефикасност, тој го постигна својот трет, а набрзо и четврти гол на натпреварот, носејќи му на Тиквеш убедливо водство од 4-0.

Кристијан Ѓорѓиевски беше стрелец на петтиот гол на овој натпревар додека серијата погодоци ја затвори Мартин Стојанов.


Официјално одложена „Финалисима“ меѓу Шпанија и Аргентина

Натпреварот кој меѓу Аргентина и Шпанија кој беше наречен Финалисима, е откажан затоа што не беше најдено соодветно место за одржување.

Оригиналниот план беше мечот да се одигра на 27 март во Катар, но поради ситуацијата на Блискиот Исток таквата идеја пропадна.

Втор предлог беше мечот меѓу победникот на Копа Америка и Европското првенство да се игра на Бернабеу во Мадрид, но Аргентина го одби овој предлог.

Мечот официјално е откажан, а дали понатаму ќе се одржи, останува да се види.

Досега беше одиграна само една Финалисима, во 2022 година. Тогаш Аргентина со 2-0 ја победи Италија.


Омер Јуртсевен ќе заигра во НБА лигата

Кошаркарскиот состав Голден Стејт Вориорс кој остана без вистински центар брзо реагираше и колку-толку пополни дел од празнината под обрачите.

НБА тимот објави дека го ангажирал времено Омер Јуртсевен кој во изминатата недела се врати во Соединетите Држави откако претходно играше во Панатинаикос. Турскиот кошаркар дел од сезоната ја помина со грчкиот гигант.

27-годишниот центар во 19 натпревари од Евролигата имаше просек од 6,3 поени и 3,5 скока по натпревар.


Дрејмонд Грин се повреди, Голден Стејт остана без центар

Екипата на Голден Стејт остана без уште четворица играчи поради повреди. Дрејмонд Грин ја напушти поставата на 30 минути пред почетокот на натпреварот со Минесота поради болки во долниот дел од грбот.

Центарот Ал Хорфорд исто така се повлече во соблекувалната поради проблем со листот на ногата. Бекот, Сет Кари, ја повреди тетивата во втората четвртина додека центарот, Квинтер Пост, го извитка глуждот.

Ќе потсетиме дека бекот, Стивен Кари е надвор од терените од 30 јануари поради хроничен проблем со десното колено.


Арсенал ќе тргне по Хулијан Алварез

Откако последната рекордна аквизација во нападот на Арсенал, Ѓокереш не успеа да се наметне и да ги исполни очекувањата на навивачите и на тренерот Микел Артета на „Емирати“, ова лето пристигнува нова ѕвезда.

Според шпанска „Марка“, а по најавата на „Ас“ управата на Топџиите е во завршни преговори со челниците од Атлетико Мадрид околу трансфер оштетета за купопродажба на Хулијан Алварез.

Последните најави од Пиринеите велат дека лондонскиот премиерлигаш ќе им плати на Јорганџиите 130 милиони веднаш и уште 50 милиони во рок од три години, а репрезентативецот на Аргентина ќе потпише шест годишен договор со неделна плата од околу 400.000 фунти.

Ако ова се реализира, Артета е подготвен во летниот преоден рок да ги продаде Габриел Жезус и Каи Хаверц.

Воедно Ѓокереш постигна важен гол во победата на Арсенал над Евертон од 2:0 и со ова го намали притисокот врз себе поврзан со очекувањата на навивачите од Лондон.


Медведев го совлада Алкараз и закажа финале со Синер во Индијан Велс

Данил Медведев и Јаник Синер ќе играат во машкото финале на Мастерсот во Индијан Велс.

Ланскиот победник и актуелен светски рекет број 1, Карлос Алкарас, беше надигран од Медведев со 3-6, 6-7. Медо потсети на своите најдобри игри во кариерата и без загубен сет дојде до финалето.

На Алкарас ова му беше прв пораз во 2026 година и му заврши серијата од 34 победи по ред на тврда подлога на отворено. Русинот после оваа победа се враќа во Топ 10 на АТП листата, а ако го добие и финалето, ќе биде деветти.

Синер без загубен сет е во финалето во калифорниската пустина, во полуфиналето издоминира против Александер Зверев со 6-2, 6-4.

Синер испиша историја и им се приклучи на Ѓоковиќ, Федерер, Надал, Медведев и Мареј на листата на тенисери кои играле финале на сите турнири од Мастерс 1000 серијата.


Макс Даумен нов најмлад стрелец во Премиер лигата

Младиот фудбалер на Арсенал, Макс Даумен, испиша историја во Премиер лигата и стана најмладиот стрелец во историјата на ова натпреварување.

Даумен постигна гол на само 16 години и 73 дена во победата на Арсенал од 2-0 против Евертон. Младиот талент влезе од клупата и во самиот финиш го запечати триумфот на лондонскиот тим со погодок во судиското продолжение.

Претходниот рекорд за најмлад стрелец во историјата на Премиер лига го држеше Џејмс Вон. Тој го постави рекордот во 2005 година кога постигна гол за Евертон на натпревар против Кристал Палас, a во тој момент Вон имаше 16 години и 270 дена.

Рекордот на Вон стоеше повеќе од две децении, а сега Даумен го надмина и стана рекордер.


Томовски пак одличен, Битигхајм впиша нова победа

Македонскиот репрезентативен голман Мартин Томовски продолжува со извонредните партии во дресот на Битигхајм.

Во рамките на германската Втора лига, Томовски брилјираше на голот на својот клуб на мечот со Ферндорф со 12 успешни интервенции.

Битигхајм славеше со 39-28, а нашиот репрезентативец имаше извонредна вечер со над 30% одбранети удари.

Тимот на Томовски е лидер во Втората лига.


Мондо инкасира 1,5 милиони долари само од рекорди

Шведскиот атлетичар Арманд Дуплантис-Мондо повторно ги помести границите во скок со стап, соборувајќи го светскиот рекорд по 15. пат.

На натпреварувањето „Мондо класик“, кое го носи неговото име и се одржува во неговата шведска база во Упсала, тој прескокна 6,31 метар во својот прв обид.

Ова беше 38. негова последователна победа од август 2023 година и во тој период го собори светскиот рекорд девет пати.

Овие успеси ги вклучуваат рекордите поставени на Олимписките игри во Париз и на Светското првенство во Токио во 2025 година. Тој го постави својот прв светски рекорд во февруари 2020 година.

Дуплантис заработи 100.000 долари за соборување на овој светски рекорд, износ што го дава Светската атлетска федерација за секој соборен рекорд.

На овој начин, Дуплантис досега заработи вкупно 1,5 милиони долари.


Реми со деветмина на Баерн во Леверкузен

Фудбалерите на Баер Леверкузен и Баерн Минхен ремизираа 1-1 во дербито на 26. коло од Бундеслигата.

Актуелниот шампион го заврши натпреварот со девет играчи на теренот, со два гола поништени по проверка на ВАР поради игра со рака.

„Фармацевтите“ не можеа подобро да го започнат натпреварот, со голот на Алеиш Гарсија веќе во шестата минута. Луис Дијас направи грешка, а подоцна топката на патот кон голот на Свен Улрајх го закачи Дајо Упамекано.

Првиот гол на Баерн беше поништен од судијата Кристијан Дингерт по интервенцијата на ВАР. Стрелецот беше Џонатан Та, но залудно.

Важен детаљ се случи на крајот од полувремето, кога Николас Џексон доби директен црвен картон за остар старт врз зглобот на противникот.

Баерн, иако бројчено послаб, ја имаше првата шанса во продолжението, но Дијас не успеа да погоди.

Левер одговори преку Малик Тилман и Патрик Шик, а потоа на Баерн му беше поништен уште еден гол во 61-та минута, поради играње со рака на Хари Кејн, кој влезе на теренот неколку десетици секунди претходно.

Лошата реакција на одбраната на домашните беше казнета во 69-та минута, кога Луис Диас рутински го совлада Јанис Блашвик.

Во 84-та минута, Диас доби втор жолт картон за симулирање во шеснаесетникот на Леверкузен.

До крајот на натпреварот, домашните се обидоа преку Ибрахим Маза и Џерел Кванса, но немаше промена на резултатот.

Јонас Хофман го провери Улрајх во третата минута од судиското продолжение, но овој пат ВАР беше на страната на Баерн, кој на крајот одзеде бод.

Баерн останува прв на табелата со 67 бода, додека Леверкузен е шести со 45 бода.

Во истиот период Дортмунд го победи Аугсбург (2:0), Ајнтрахт го совлада Хајденхајм (1:0), додека Хофенхајм и Волфсбург ремизираа 1-1.