feature

Репрезентативците на Алкалоид на прием кај Живко Мукаетов

Членовите на РК Алкалоид кои настапија за македонската репрезентација на Светското првенство во ракомет денес беа на прием кај генералниот директор и претседател на УО на Алкалоид АД Скопје, Живко Мукаетов.

На средбата, Мукаетов им честиташе на ракометарите и на стручниот штаб за одличното претставување на Македонија на светската ракометна сцена, за нивното професионално однесување и за постигнатите резултати. Тој ја нагласи и важноста на нивното учество како дел од националната репрезентација и нивниот придонес како членови на клубот.

По тој повод Мукаетов им додели благодарници и им посака уште поголеми успеси во иднина.

РК Алкалоид на Светското првенство 2025 го претставуваа ракометарите: Марко Кизиќ, Иван Галевски, Иван Џонов, Марко Митев, Игор Ѓоргиев, Мартин Серафимов, Мартин Велковски, Александар Петковски, Никола Маркоски, Валентин Карасманакис и Марко Стојковиќ. Во стручниот штаб на националниот тим беа: селекторот Кирил Лазаров, помошникот Билјана Црвенкоска, кондицискиот тренер Петар Баснарков и физиотерапевтот Тоше Трајковски.


Интер сервираше реванш за Фиорентина во меч преполн со полемики

Интер на „Џузепе Меаца“ ја победи Фиорентина со 2-1 (1-1) во натпреварот од 24. коло во Серија А и се доближи на бод до лидерот Наполи на табелата во италијанскиот шампионат. Интер и се реваншира на Фиорентина за тежкиот пораз пред четири дена во Фиренца (3:0).

Нероаѕурите поведоа со автоголот на 27-годишниот хрватски дефанзивец Марин Понграчиќ во 28. минута.

Матео Дармијан малку пред крајот на полувремето играше со рака во шеснаесетникот. ВАР го потврди пеналот за гостите, а најстрогата казна во гол ја претвори Роландо Мандрагора во 44. минута.

Второто полувреме го донесе и конечниот резултат на натпреварот. Марко Арнаутовиќ погоди со глава во 52.минута.

Арнаутовиќ сепак ут и засрамен го напушти теренот.

За секој играч еден вид понижување е кога тренерот ќе го внесе во игра, а потоа ќе го извади кон крајот на натпреварот, а токму тоа му се случи на Арнаутовиќ.

Симоне Инзаги го извади Арнаутовиќ од игра во 77. минута, поради што темпераментниот напаѓач реагираше бурно и одби да се ракува со тренерот.

Интер во наредното коло гпстига на Јувентус во „Дерби д’Италија“, додека Фиорентина истиот ден ќе го пречека Комо.


Плимут го доби Сити во осминафиналето на ФА Купот

Познати се двојките за следното коло од ФА Купот на Англија. Екипата на Плимут, кој го елиминираше Ливерпул во ова натпреварување, ќе се соочи со Манчестер Сити во натпревар од петтото коло на турнирот. Актуелниот носител на трофејот Манчестер Јунајтед за противник ќе го има Фулам.

Еве ги сите двојки за петтото коло од ФА Купот:
Престон – Барнли
Астон Вила – Кардиф
Кристал Палас – Милвол
Манчестер Јунајтед – Фулам
Њукасл – Брајтон
Бурнмаут – Вулверхемптон
Манчестер Сити – Плимут
Ексетер/Нотингем Форест – Ипсвич

Натпреварите од 1/8 финалето на ФА Купот ќе се играат на 1 и 2 март.


Ѓоковиќ и Мареј ќе продолжат да соработуваат и во иднина

Светскиот рекет број седум, Новак Ѓоковиќ ќе продолжи да работи со својот тренер Енди Мареј барем до Вимблдон, пишува „Тајмс“.

Во ноември, стана познато дека Британецот се приклучил на тимот на Ѓоковиќ. Тие првично се согласиле да играат одреден период од сезоната пред Австралија Опен.

На Отвореното првенство на Австралија во 2025 година, Ѓоковиќ стигна до полуфиналето, каде што се повлече поради повреда во мечот против Александар Зверев по првиот сет.

Денес 37-годишниот Србин објави дека ја санирал повредата и има намера да учествува на турнирот во Доха.

Мареј се пензионираше во 2024 година по Олимпијадата во Париз на 37-годишна возраст.


Петар Гиноски одличен на Зимскиот младински фестивал во Грузија

Одличен почеток на македонскиот биатлонец Петар Гиноски на зимскиот младински фестивал во Бакуриани, Грузија.

Утрово тој учествуваше заедно со 64 останати натпреварувачи и имаше одличен настап.

Во првиот круг, Петар испука и погоди 5 од 5 , во вториот круг 4 од 5, а во третиот круг 4 од 5. Но, последниот круг беше пресуден за тој да заврши на 46. место.

„Бевме сведоци на одличен настап, каде Петар ги покажа своите амбиции и желба да ја претстави Македонија во најдобро светло. Неговата посветеност и упорност се неспорни. МОК максимално верува и го поддржува Петар, кој е придружуван од својот тренер Ѓоко Динески“, објавија од МОК.

Следниот настап на Петар ќе биде во петок, во 10:00 часот по грузиско време.


Сити го сака Симонс како замена за Де Брујне

Медиумите во Англија наведуваат дека фудбалерот на Манчестер Сити, Кевин Де Брујне, сериозно размислува да прифати некоја од понудите што пристигнале од Саудиска Арабија.

Според наведеното, интернационалецот од Белгија, има намера да си замине од англискиот шампион кој пак, ќе мора да бара соодветна замена.

Затоа „граѓаните“ размислуваат за потписот на Чаби Симонс од екипата на РБ Лајпциг. Биндес-тимот за неговиот потпис ќе бара најмалку 100 милиони евра.


Торино и Спартак уште не можат да се договорат за Илиќ

Италијанскиот Торино бара од Спартак Москва најмалку 25 милиони евра за потписот на фудбалерот од средниот ред, Иван Илиќ.

Во исто време „црвено-белите“ се подготвени да платат 20 милиони евра + 2 како бонуси. Играчот од средниот ред во сезонава настапи на 13 натпревари на сите турнири со ефект од еден гол и една асистенција.

Актуелниот договор на Илиќ со калчо-лигашот е до летото во 2027 година.


Сучиќ официјално парафираше со Интер

Екипата на Интер го купи младиот фудбалер, Петар Сучиќ од Динамо Загреб за вкупно 16,5 милиони евра.

На Хрватите им следуваат фиксни 14 милиони и уште два и половина преку бонуси. Играчот кој има само 21-на година, ќе ја доигра сезоната со Динамо а потоа ќе му се приклучи на Интер.

Сучиќ деновиве треба да потпише повеќегодишен договор со „нероаѕурите“, најавија медиумите во Хрватска.


Левандовски израмни рекорд на Лео Меси

Полскиот напаѓач Роберт Левандовски стана првиот играч кој постигнал 19+ голови во своите први 22 натпревари во една сезона во Примера по Лионел Меси во сезоната 2019/20 (исто така 19 гола).

Левандовски постигна гол на натпреварот од 23. коло на шпанското првенство против Севиља (4-1).

Полскиот напаѓач за Барселона настапува од 2022 година. Договорот на фудбалерот со клубот е до 2026 година. Во моментов, трансферната вредност на фудбалерот се проценува на 15 милиони евра.

Сезонава Левандовски одигра 33 натпревари во сите натпреварувања на кои постигна 31 гол и три асистенции.


Претседателот на Адана Демирспор поднесе оставка

Претседателот на Адана Демирспор, Бедирхан Дурак на својата страница на социјалните мрежи објави дека се повлекува од функцијата.

Фудбалерите на Адана Демирспор вчера во 31. минута го напуштија теренот на натпреварот од 23. коло на турското првенство против Галатасарај. Гостите не беа задоволни од досуден пенал за Галатасарај во 13. минута.

-Отсекогаш ги игнорирав деструктивните и досадни пораки на социјалните мрежи за доброто на мојот клуб. Ме растажува кога гледам дека дојдовме до точка каде што нема излез. Сакам да ве информирам дека ја напуштам функцијата пред се заради клубот, семејството, блиските и моето здравје, се вели во пораката на Дурак.

Тој ја извршуваше функцијата претседател на турскиот клуб од октомври 2024 година.

Адана Демирспор е на последното, 19. место во првенствениот поредок со пет бода.