тенис

Ѓоковиќ апсолутен рекордер – 311 недели на врвот на АТП листата

Новак Ѓоковиќ официјално од денес стана историски број еден, односно тенисер со најголем број на недели на врвот на АТП-листата. Новак Ѓоковиќ денес ја започнува 311 седмица на врвот на АТП листата, а второто место му припаѓа на Роџер Федерер кој останува на 310 седмици. Зад нив се Пит Сампрас со 286, Иван Лендл со 270 и Џими Конорс со 268 седмици. Првпат Ѓоковиќ се искачи на првата позиција на АТП листата во 2011 година, а од тогаш до сега вкупно 311 недели бил водечки тенисер во светот. Следната цел на Ѓоковиќ во кариерата треба да биде бројот на Грен Слем титули. Во моментов зад неговото име се 18 Грен Слем титули, а пред него се Рафаел Надал и Роџер Федерер со по 20 освоени титули на големите турнири.


Федерер откажа настап на уште еден голем турнир

Великанот на светскиот тенис, 39-годишниот Роџер Федерер го откажа настапот на овогодинешниот турнир од серијата Мастерс 1000 кој ќе се игра во Мајами од 22. март до 4. април.
Според пишувањата на медиумите, менаџерот на Федерер, Тони Годсик изјави дека Федерер го планира својот прв настап сезонава да биде во Доха на турнирот кој започнува наредната недела, а потоа би требало да игра и една недела подоцна во Дубаи, но после тие два турнири му е потребен одмор.
Федерер последниот меч го одигра ушет на 30. јануари минатата година кога во полуфиналето на Австралија Опен беше поразен од Новак Ѓоковиќ. Следеа две операции на десното колено, поради кои го пропушти останатиот дел од сезоната, која беше скратена поради пандемијата на коронавирусот, но големиот тениски ас не заигра ниту на овогодинешниот Австралија Опен.
Федерер четири пати го освојуваше турнирот во Мајами, вклучувајќи го и последното издание на тој турнир пред две години.


Ѓоковиќ следната недела ќе го достигне историскиот рекорд на Федерер

Новак Ѓоковиќ го изедначи рекордот на Рожер Федерер по бројот на седмици на првото место на АТП рејтинг листата. Ѓоковиќ ја почнува 310-та недела на врвот, со што го достигна успехот на Федерер. На осми март следната недела, Ѓоковиќ ќе го надмине Федерер и ќе стане апсолутен рекордер по бројот на седмици поминати на врвот од АТП рејтингот. Српскиот тенисер прв пат во кариерата на првата позиција се најде на 4 јули 2011 година. Потоа, четири пати се враќаше на првото место, а шест пати ја завршил годината како најдобар тенисер. Како прв тенисер во светот Ѓоковиќ има скор од 387 победи и 53 порази, вклучувајќи 117 победи и 30 порази против ривали од ТОП 10. Во финалните натпревари од сите турнир има скор 39-13.


Се ближи ситуација во тенисот каква не сме виделе од 2005. година

Ако Данил Медведев дојде до финалето на АТП турнирот во Ротердам идната недела, ќе ја преземе втората позиција на АТП листата од Рафаел Надал.
Тоа ќе биде прв пат уште од 2005. година во топ 2 тенисери на светот да биде некој што не е дел од големата четворка – Новак Ѓоковиќ, Роџер Федерер, Енди Мареј и Рафаел Надал.
Последен кој успеал да се „вметне“ во одбраното друштво беше Лејтон Хјуит на 24. јули 2005. година.
Минатата недела Медведев стана 19. различен тенисер кој во последните 16 години успеал да стигне до топ 3. Зад второпласираниот Надал заостанува само 115 бодови и со пласман во финалето во Ротердам би го прескокнал легендарниот шпанец, кој се откажа од учество на турнирот.
Ѓоковиќ и понатаму останува недопирлив на врвот.


Надал го откажа учеството на турнирот во Ротердам

Светскиот рекет број два, Шпанецот Рафаел Надал е принуден да го откаже настапот на турнирот од серијата АТП 500 во Ротердам, поради болки во грбот, соопшти раководството на турнирот, закажан за 1 до 7 март. Шпанецот беше запрен на Австралија опен во четвртфиналето во кое загуби од Гркот Стефанос Циципас, што му се случи само по втор пат во кариерата на Грен Слем турнирите. Својот втор и последен настап во Ротердам, Надал го имаше во 2009 година, кога во финалето беше поразен од Британецот Енди Мареј.


Нов тенисер во куќата на славните, голем ден за поранешниот рекет број еден

Легендарниот австралиски тенисер Лејтон Хјуит е нов член на Тениската куќа на славните со седиште во Њупорт, потврди ИТФ.
Хјуит, кој во моментот е селектор на Дејвис куп тимот на Австралија, рече дека ова за него е огромно признание.
„Исклучително почестен сум што ќе бидам дел од Тениската куќа на славните. Кога се натпреварувате, концентрирани сте на тренинг и резултатите во текот на неделата или годината, не гледате на работи како оваа. Кога сето тоа ќе се собере и дојдете до кандидатура, чувствувате огромно признание како играч.“ – вели Хјуит.
Поранешниот број еден на чело на АТП листата помина вкупно 80 недели, освои 30 сингл титули, меѓу кои и УС Опен во 2001. година.
„Во Куќата на славните се сите оние кои ми беа идоли во текот на кариерата, како Тони Роуч, Џон Њујомб и Род Лејвер, но и многу други. Сите тие ме мотивираа и да се биде дел од тениската историја заедно со нив е неверојатна чест.“ – додаде Хјуит.
Членови на Куќата на славните, тениски новинари и историчари, а делумно и навивачи, земаат учество во гласањето на кандидатите.
Лејтон Хјуит последниот гренд слем натпревар го одигра во 2016. година на Австралија Опен, а последната титула ја освои во 2014. година на трева токму во Њупорт.


Мареј: Младите тенисери не им се дораснати на Новак и Рафа

Енди Мареј, не е изненаден што Новак Џоковиќ лесно ја освои деветтата титула на Австралија опен. Според него, помладите тенисери не се доближиле до „големата тројка“.
„Очекував финалето да биде поконкурентно иако знам колку е добар Новак кога е мотивиран. Страшно е тоа што помладите момчиња не покажаа дека се доближуваат до првите тројца на светов“, потенцираше Мареј.
33-годишниот Британец кој има три Грен слем титули, додаде дека не го гледал поголемиот дел од турнирот во Мелбурн бидејќи бил разочаран што не играл.


Иванишевиќ: Рафа и Новак ќе го надминат Роџер на врвот

Горан Иванишевиќ, тренерот на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, по победата на Ноле на Австралија опен, вели дека Шпанецот Рафаел Надал и Ѓоковиќ ќе го престигнат Федерер по бројот на освоени трофеи. „Пред неколку години реков дека Рафа и Новак ќе го поминат Федерер. И сè уште сум сигурен во тоа. Овие момци ме изненадуваат секој ден. Рафа дефинитивно ќе освои барем уште еден турнир, се надевам дека нема два. Тие се неверојатни. Момците играат сè подобро и подобро. Младите тенисери се се поблиску, но големата тројка е се подобра. Не знам кога ќе заврши нивната доминација. Можеби тие ќе ги надминат резултатите на Маргарет Корт и Серена, но, она што го прават на теренот е неверојатно. Импресивно е како тие играат на најважните натпревари“, вели Иванишевиќ.


Мелбурн во „локдаун“, на сред турнир укината публиката на АО

Австралиската сојузна држава Викторија оди во целосен локдаун. Од вечерва (петок) на полноќ се воведува карантин кој ќе трае до среда, како би се спречило ширењето на британскиот сој на коронавирусот. И покрај тие мерки, тенисот на првиот гренд слем сезонава во Мелбурн продолжува, но без публика на трибините.
Организаторите на турнирот во соопштението потврдија дека на гледачите до среда ќе им биде забранет пристапот на стадионите. Досега, по 30 илјади навивачи дневно можеа да присуствуваат на натпреварите.
Австралија Опен трае до 21. февруари, а публиката веќе беше ограничена на 50 отсто од вообичаениот капацитет.
Премиерот на сојузната држава Викторија, Даниел Ендрус изјави дека британскиот сој на коронавирусот не потекна од хотел во кој се сместени тенисерите.
„Краток, но строг локдаун ќе биде ефикасен. Се работи за најзаразната варијанта на коронавирусот.“ – изјави премиерот.


Ќе го издржи ли грбот на Надал првиот гренд слем сезонава?

Рафаел Надал го совлада Ласло Џере во рамки на првото коло на Австралија Опен, имаше убедливи 3:0, а шпанскиот тенисер се надева дека ќе може да стигне далеку на овој турнир. „Остварив максимална победа и тоа е добро. Секогаш е тешко кога долго време немате одиграно официјален натпревар. Ова е добар почеток, задоволен сум.“ – изјави Надал. Рафа го пропушти АТП купот поради повреда на грбот, а зборуваше и за таа ситуација. „Ситуацијата и понатаму не е идеална, како што реков и пред неколку дена. Денеска не беше сјајно, морав малку да го променам движењето при сервис. Сега ќе имам слободен ден, па нов натпревар. Морам да размислувам позитивно. Ќе се трудам да останам на турнирот, секој ден е се поголема шансата дека ќе се опоравам.“ – вели шпанскиот тенисер.