Кејн не успеа да го израмни рекордот на Роналдо

Хари Кејн беше на само еден погодок до израмнување на историскиот рекорд на Кристијано Роналдо, но серијата на англискиот напаѓач заврши синоќа во Мадрид. Баерн Минхен го победи Атлетико со 2-0, а Кејн, иако учествуваше во акцијата за вториот гол, не успеа да ја продолжи својата голгетерска низа. Така, Роналдо останува единствениот фудбалер со голови на 11 последователни натпревари во елитното европско натпреварување.
Кристијано Роналдо и понатаму го држи едно од највпечатливите достигнувања во историјата на Лигата на шампионите. Португалската суперѕвезда останува единствениот играч кој постигнал најмалку еден гол на 11 натпревари по ред во најсилното европско клупско натпреварување, откако Хари Кејн не успеа да го повтори неговиот подвиг на гостувањето на Баерн Минхен кај Атлетико Мадрид.
Кејн пристигна во шпанската престолнина со голема мотивација. По фантастичните настапи во претходните европски натпревари, напаѓачот на Баерн имаше можност да се израмни со рекордот на Роналдо, но Атлетико успеа да го запре. Рекордот на Кристијано Роналдо датира од сезоната 2017/18, кога го носеше дресот на Реал Мадрид. Неговата серија започна со два гола во победата од 4-1 над Јувентус во финалето на Лигата на шампионите во јуни 2017 година. Потоа Португалецот продолжи со неверојатна голгетерска константност. Постигна гол на сите шест натпревари од групната фаза во сезоната 2017/18, а потоа беше стрелец и на двата дуела против Пари Сен Жермен во осминафиналето, како и на двата натпревари против Јувентус во четвртфиналето. Вкупно, Роналдо постигна 17 гола во тие 11 последователни натпревари. Неговата серија заврши во полуфиналето, кога не успеа да се запише меѓу стрелците против Баерн Минхен. Интересно, Реал Мадрид и покрај тоа продолжи понатаму и на крајот ја освои титулата, совладувајќи го Ливерпул во финалето.