Зверев: Во Акапулко го имав најлошиот момент во животот
Германскиот тенисер, Александар Зверев изјави дека на турнирот во Акапулко ја направил најголемата грешка во кариерата, кога во излив на бес, со својот рекет удираше по столчето на главниот судија.
Трето рангираниот тенисер во светот, поради инцидентот беше суспендиран од турнирот во Мексико, парично казнет со 40 илјади долари, и доколку направи сличен проблем во наредните 12 месеци, тој ќе се соочи со суспензија во траење од осум недели.
„Сеуште се чувствувам посрамено, меѓутоа сите ние правиме грешки. Можам да гарантирам дека никогаш повеќе во животот нема да се однесувам на тој начин. Тоа беше најлошиот момент во мојот живот“, изјави Зверев.