Се повреди Дани Олмо, РБ Лајпциг подолго ќе мора без Шпанецот
Германскиот тим РБ Лајпциг ќе биде без Дани Олмо неколку недели поради изместување на рамото, соопштија од клубот.
Играчот од средниот ред ја заработи повредата во 70. минута од саботниот натпревар против Келн, кој Лајпциг го доби со 6:-0. Шпанецот влезе како резерва само седум минути претходно. „Лекарските прегледи покажуваат дека Олмо нема скршеница, но ќе биде надвор од теренот неколку недели“, се вели во соопштението на германскиот клуб. 25-годишниот Олмо се врати во составот на РБ Лајпциг по речиси еден месец неиграње поради повреда на коленото.
„Навистина е тешко за мене и за самиот играч. Би било фантастично да го имаме во следните натпревари. Играчите кои ја прават разликата мора да бидат здрави”, изјави тренерот на РБ Лајпциг, Марко Розе.
РБ Лајпциг е на петтото место на табелата во Бундеслигата со 18 бодови.