Бразил избори пласман за Светското Првенство со победа над Парагвај

Бразил обезбеди директен пласман на Светското Првенство во 2026 година, совладувајќи ја селекцијата на Парагвај со 1-0 во квалификацискиот натпревар одигран во Сао Пауло. Со оваа победа, Кариоките го продолжуваат својот импресивен рекорд – остануваат единствената репрезентација што учествувала на секое Светско Првенство досега.
Клучниот момент на натпреварот се случи пред самиот крај на првото полувреме, кога Винисиус Жуниор го постигна единствениот гол по прецизна асистенција од Матеус Куња, новото засилување на Манчестер Јунајтед. Напаѓачот на Реал Мадрид беше на вистинското место во вистинското време, и со прецизен удар од непосредна близина ја реши средбата.
Триумфот доаѓа како прва победа под водство на новиот селектор Карло Анчелоти, кој ја презеде функцијата пред само неколку дена. По безголното реми против Еквадор на неговото деби, Бразил прикажа поорганизирана и сигурна игра, што ја воодушеви домашната публика и најави стабилен почеток на новата ера.
Со освоените три бода, Бразил сега има 25 поени и математички си обезбеди место меѓу првите шест репрезентации во јужноамериканските квалификации, што носи директен пласман на Мундијалот. До крајот остануваат уште две кола, а Парагвај, иако поразен, сè уште има шанса – му е потребен само еден бод за да ја завери својата визa за Светското Првенство.