Сериозна повреда за Смарасон од ПИК Сегед

Исландскиот ракометен велемајстор, Јанус Смарасон, доживеа посериозна повреда и ќе мора да биде надвор од терените, а засега уште не е познато колку долго ќе трае процесот на рехабилитација.

Во поразот на унгарскиот вицешампион против Татабања од 30-34, средниот бек на ПИК Сегед заработи повреда на коленото, за која првичните проценки велат дека е од сериозна природа. Доколку се потврди дека сезоната е завршена за Исланѓанецот, тренерот Апелгрин ќе мора сериозно да ја скрати ротацијата и да се потпре на дуото Готфридсон-Кукиќ.

Но, тука има уште еден проблем, затоа што Србинот Лазар Кукиќ сè уште не ја залечил целосно повредата и уште не е во добар натпреварувачки ритам.

ПИК Сегед во моментов е третопласиран тим во групата Б од Лигата на шампионите, каде се натпреварува и македонскиот шампион,Е.Пелистер.