feature

Игор Ангеловски нов селектор на Таџикистан

Поранешниот македонски селектор, Игор Ангеловски ја презеде репрезентацијата на Таџикистан. Тој, во четвртокот, официјално беше промовиран во селектор на 103-та репрезентација на ФИФА листата.

Во објавата на социјалните мрежи, на Фудбалскиот сојуз на Таџикистан, се потенцира дека Ангеловски ја однесе Македонија на Европското првенство во 2020 година. Исто така се наведува дека тој ќе го подготвува националниот тим за настап на првенството на Азија, во Саудиска Арабија наредната година.

Ангеловски во кариерата бил тренер во Работнички, Каспиј, Горица и Етникос.


Минесота го исфрли Денвер, заврши плеј-офот за Јокиќ

Минесота го елиминира Денвер од плејофот. Волците го добија шестиот меч од серијата со 110-98 и со 4:2 изборија конференциско полуфинале против Сан Антонио.

Никола Јокиќ го заврши натпреварот со 29 поени (11/19 од поле, 1/5 за три, 5/6 од пенали) со 10 асистенции и девет скока, но и четири изгубени топки. Поддршка доби само од Кем Џонсон (27 поени).

„Руди е голем човек, не игравме добро, тие имаа 19 офанзивни скока. Изгубивме многу топки, тие си играа со нас. Морав да играм подобро, ми требаше подобар ритам. Особено во првите три натпревари. Требаше да бидам подобар, тие дефинитивно беа подобри во оваа серија“, рече Јокиќ.

Исто така, беше прашан дали исходот од оваа сезона ќе влијае на неговата одлука да остане во Денвер.

„Сè уште сакам засекогаш да биде во Денвер“, одговори Јокиќ.

Потоа Јокиќ беше прашан дали пред Денвер е големо лето.

„Едноставно бевме елиминирани во првото коло. Мислам дека сме далеку од тоа што треба да бидеме. Дефинитивно, да бевме во Србија, сите ќе бевме отпуштени.“


Работнички израмни против Наковски Волеј во женскиот одбојкарски плејоф

Одбојкарките на скопски Работнички го совладаа на домашен терен Наковски Волеј со 3-1 во сетови и израмнија на 1-1 во финалната серија од плејофот за титулата.

Избраничките на Душко Деспотовски го добија првиот сет со 25-21, но струмичкиот тим брзо се врати резултатски во игра и доминираше во вториот сет за конечни 21-14.

Третиот сет донесе крајно неизвесна битка во која Работнички славеше на крајот на разлика со 26-24, а со резултатски пресврт го доби четвртиот сет со 25-23 и го израмни резултатот во финалната серија која се игра до три победи.

Домаќин на третиот натпревар ќе биде Наковски Волеј.


ФФМ го казни Тиквеш заради манипулација со младинската екипа

Дисциплинската комисија на денешната седница донесе одлука во врска со натпреварот помеѓу ФК Скопје и ГФК Тиквеш 1930, одигран во рамки на 23. коло од Младинската Суперлига.

Поради неправилен настап, односно настап со лажни податоци и користење лажни легитимации од страна на дел од играчите на ГФК Тиквеш 1930, клубот се казнува со парична казна во износ од 1.000 евра и одземање на три (-3) бода на младинската екипа.

Воедно, претставникот на ГФК Тиквеш 1930 на натпреварот, Трајче Димитриев, се казнува со забрана за извршување на функција во траење од 18 месеци.


Фит Фан Волеј останa во Првата одбојкарска лига

Одбојкарките на Фит Фан Волеј и во следната сезона ќе се натпреваруваат во Првата лига жени, откако успешно ја минаа бараж фазата. Тимот на Благоја Ставревски со 2-0 во победи се радуваше над второпласираниот тим во Втората лига, Вардар жени 2019 и го одбрани прволигашкиот статус.

Фит Фан Волеј откако со 3:1 викендов славеше на гостински терен, опстанокот во Првата лига жени го потврди попладнево со максимална победа пред својата публика.

Со ова е потврден изгледот на прволигашите за следната сезона 2026/2027, во која право на настап како шампион во Втората лига има и Фламинго Волеј.


Ешли Јанг најави заминување во пензија

Ветеранот, Ешли Јанг, пред во јули да наполни 41 година ќе стави крај на 23 години долгата професионална кариера. Кариерата ќе ја заврши во Ипсвич.

Јанг има импресивна кариера. Помеѓу 2003 и 2020 година, тој беше важен дел од тимовите на Вотфорд, Астон Вила и Манчестер Јунајтед, со кои ја освои Премиер лигата во 2013 година, ФА Купот во 2016 година и Лигата на Европа во 2017 година.

Потоа следеше италијанска авантура во Интер следната сезона, 2020/21, каде што го освои Скудетото, а потоа враќање во родната земја каде што играше уште две сезони за Астон Вила и Евертон.

Јанг играше за репрезентацијата на Англија од 2007 до 2018 година во 39 наврати и постигна седум гола. Тој играше на Европското првенство во 2012 година во Украина и Полска и на Светското првенство во 2018 година во Русија, а освои бронзен медал на Европското младинско првенство во 2007 година во Холандија.

Јанг во својата последна сезона ќе се обиде да се врати со Ипсвич во Премиер лигата. Ипсвич е во позиција сам да ја крои својата судбина и ќе се врати во Премиер лигата ако го победат Квинс Парк Ренџерс како домаќини во сабота во 13:30 часот.


Голем пех за Скариоло, заврши сезоната за Таварес

Првиот центар на Реал Мадрид, Еди Таварес, најверојатно нема да биде достапен за тимот до крајот на сезоната.

Таварес се повреди во првиот натпревар од четвртфиналната плејоф серија со Хапоел. По три минути игра тој не можеше да го продолжи натпреварот, а еден ден подоцна, по прегледите, пристигнаа лоши вести за неговата повред.

Реал, објави дека на Таварес му е дијагностицирана руптура на медијалниот колатерален лигамент (MCL) на левото колено, иако не е прецизирано дали е целосно или само делумно, што може значително да влијае на периодот на закрепнување и времето на враќање на теренот.

Во случај на целосно руптура, закрепнувањето трае од три до шест месеци, а од три до шест недели ако станува збор за делумно кинење на лигаментот.

Во секој случај, мали се шансите Таварес да се врати на теренот за крајот на сезоната.

Тој имаше просек од 9,6 поени и 6,6 скока по натпревар во 39 натпревари оваа сезона.


Клоп одби да го преземе Реал Мадрид

Последните информации од Шпанија велат дека Јирген Клоп нема намера да прифати да биде тренер на Реал Мадрид.

Наводно, Германецот не планира да се врати на тренерската работа, тој не е заинтересиран за понуда од Реал Мадрид.

Јирген Клоп беше посочен како фаворит меѓу фудбалерите на кралскиот клуб и дел од раководството на клубот, но тој нема намера да прифати тренерски ангажман.

Останатите тренери кои се поврзуваат со Реал Мадрид се Жозе Мурињо, Дидие Дешам, Маурисио Покетино…


Кристал Палас и Рајо со предност пред реваншите од полуфиналето на КЛ

Кристал Палас со 3-1 победи на гостувањето кај Шахтар, Рајо Ваљекано со 1-0 го совлада Стразбур во првите полуфинални натпревари во Конеренциската лига.

На мечот кој се играше во Полска, Кристал Палас победи со два гола разлика и заврши голем дел од работата за пласман во финалето.

Англискиот тим поведе со гол на Сар по неколку секунди игра на мечот, тоа беше и резултатот по првиот дел.

Во втората минута од второто полувреме Очеретко израмни на 1-1.

Течеше 58. минута кога Камада го врати водството на Кристал Палас, а во 84. минута Ларсен ги постави конечните 3-1.

Рајо Ваљекано со гол на Алемао во 54. минута дојде до победа од 1-0 над Стразбур.


ФФМ на Конгрес на ФИФА: Активно учествуваме во креирањето на иднината на фудбалот

Првиот човек на Фудбалска федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, присуствува на 76. Конгрес на ФИФА кој се одржува во Ванкувер, каде заедно со генералниот секретар Леонид Јандреоски и македонската фудбалска легенда Горан Пандев активно учествуваат во носењето на важни одлуки за иднината на светскиот фудбал.

Претседателот Масар Омерагиќ истакна дека на Конгресот главен фокус е ставен на финансиската стабилност и развојните политики, како и на усвојување на извештаите за изминатата година. Дополнително, се дискутира и за дефинирање на буџетите за циклусот 2027-2030, што претставува клучен период за глобалниот развој на фудбалот.

„На 76. Конгрес на ФИФА во Ванкувер, заедно со генералниот секретар, Леонид Јандреоски и Горан Пандев, активно учествуваме во носењето одлуки кои директно влијаат врз иднината на светскиот фудбал. Во фокусот се финансиската стабилност и развојните политики, усвојување на извештаите за минатата година, дефинирање на буџетите за циклусот 2027-2030, како и клучни прашања за управувањето и интегритетот на фудбалот. Нашето присуство значи активно учество во креирањето на иднината на фудбалот и зајакнување на соработката на меѓународно ниво“, напиша првиот човек на ФФМ, Масар Омерагиќ.

На Конгресот се разгледуваат и прашања поврзани со управувањето и интегритетот на фудбалот, што дополнително ја нагласува важноста на настанот, на кој претставниците на националните федерации имаат можност директно да влијаат врз насоката во која ќе се движи светскиот фудбал во наредните години.