Дејвид Џонс-Гарсија ќе продолжи да работи со Сан Антонио. Кошаркарот (23 години, 198 см) ја помина првата сезона во развојната лига откако ги заврши активностите во колеџот.
Тој се покажа во светло издание во Летната лига откако направи просек од 21,6 поени, 6,2 скока и 3,8 систенции.
Џонс- Гарсија доби понуда од 2 милиони евра годишно од Олимпијакос но, одлучи да остане во САД. Тој ќе потпише двонасочен договор.
Јуве и Порто ги разменија десните бекови
Екипата на Јувентус ќе го испрати фудбалерот Алберто Коста во Порто за да го добие во обратен правец Жоао Марио, наведува португалското издание – „А Бола“.
„Змејовите“ во целата размена на играчи ќе мора да доплатат 6 милиони евра. Десниот бек на „старата дама“ во претходната сезона имаше 14 натпревари на кои направи 3 асистенции.
Марио кој потекнува од школата на Порто игра на истата позиција. 25-годишниот дефанзивец во претходната сезона беше стандарден во првата постава. Тој се појави на 42 меча.
Наполи ќе понуди 40 милиони за Ндоје
Челниците на фудбалскиот состав Наполи нема да се откажат од трансферот на Дан Ндои иако Болоња засега тактизира и не сака да ги прифати понудите.
Шампионот на Серија A сака првично да плати 9 милиони за фудбалерот и да го ангажира како позајмен во наредната сезона а потоа да му го откупи договорот за 25 милиони евра.
Бидејќи во игра ќе бидат и одредени бонуси, сумата може да ја помине границата од 40 милиони.
Шпанецот Гарабаја е нов тренер на Еурофарм Пелистер
Шпанецот, Рубен Гарабаја Аренас, е нов тренер на ракометарите на Еурофарм Пелистер откако се согласил на договор за една плус една сезона. Тој утре во Битола ќе ја има првата средба со играчите.
Гарабаја има 168 мечеви за Шпанија и постигнато 318 голови. Тој е носител на злато од СП, сребро од Европски шампионат, бронза од Олимписките игри во Пекинг и Мундијалот во Шведска. Гарабаја кариерата како играч ја започна во Адемар Леон а беше дел и од Моразо и Ваљадолид за во 2007 година да го облече дресот на Барселона.
Со Каталонците освои 3 пехари во домашното првенство, два Купа на Кралот а играше и во финалето на Лигата на шампионите во сезоната 2009/10.
Словенецот Чанчар потпиша за Олимпија Милано
Влатко Чанчар, долгогодишен кошаркар на Денвер Нагетс и словенечката репрезентација, ќе игра во Евролигата следната сезона.
Како што беше официјално потврдено во вторникот, крилниот кошаркар ќе биде новиот член на Олимпија од Милано.
Чанчар ја започна својата кариера во Словенија во Олимпија од Љубљана, а во 2016 година се пресели во Белград, каде што играше за Мега две сезони.
Во март 2018 година, замина во Шпанија, каде што играше за Бургос до крајот на сезоната 2018/19. (имаше просек од 10,2 поени и 3,8 скока по натпревар).
На НБА драфтот во 2017 година, тој беше избран од Денвер Нагетс како 49-ти пик, а во НБА пристигна во 2019 година и остана до сезоната 2024/25.
Евертон и Реал Сосиедад преговараат за Кубо
Евертон започна преговори со Реал Сосиедад во врска со потенцијалниот трансфер на јапонскиот интернационалец Такефусе Кубо. Крилниот напаѓач има 24 години, а во Сан Себастијан пристигна како поранешен член на Реал Мадрид.
Кубо постигна седум гола и додаде четири асистенции за Сосиедад минатата сезона, а неговиот договор е до летото 2029 година. Шпанскиот клуб го проценува на вредност помеѓу 30 и 40 милиони евра, а Евертон го гледа како важно засилување пред новата сезона.
Кубо наводно е отворен за премин во Премиер лигата, и доколку преговорите бидат успешни, трансферот би можел да биде заклучен во наредните денови.
Србинот Петрушев пред потпис со Дубаи
Српскиот репрезентативец Филип Петрушев ќе стане нов играч на Дубаи.
Според српските и грчките медиуми, Петрушев ќе потпише тригодишен договор со тимот од Обединетите Арапски Емирати.
Неговиот тим Олимпијакос ќе добие околу 500.000 евра за предвремено раскинување на соработката, а тие пари ќе ги плаќа Петрушев во период од две години.
Многу се пишуваше и зборуваше за Петрушев по завршувањето на сезоната. Се чинеше дека можеби ќе може да остане во Црвена звезда, која за раскин на договорот беше подготвена да му плати на Олимпијакос 1,2 милиони евра.
Неколку Евролиги беа заинтересирани, пред сè Фенербахче и Монако, на крајот кошаркарот изненади со одлуката да замине во Дубаи.
Во својата професионална кариера, Петрушев играше за Мега, Анадолу Ефес, Црвена звезда двапати, а беше и во НБА, каде не доби шанса. за кратко време смени два клуба: Филаделфија, Сакраменто, па реши да се врати во Европа, во Олимпијакос.
Минатата сезона, тој забележа 14,1 поен со 4,9 скока и 1,7 асистенции во 28 натпревари од Евролигата во дресот на Црвена Звезда.
Атлетико Мадрид се засили со Марк Пубиљ
Марк Пубиљ, 21-годишениот шпански десен бек, е нов играч на Атлетико Мадрид. Клубот од главниот град на Шпанија го потврди неговото пристигнување доцна синоќа. Интерес за Пубил имаше кај Вулверхемптон, но и неколку италијански клубови, вклучувајќи ги Милан, Јувентус и Рома.
Милан отиде најдалеку во обидот да го доведе Пубиљ минатата недела, при што клубот испрати медицински тим во Барселона за да изврши прелиминарни медицински прегледи.
„Росонерите“ сакаа потврда за состојбата на неговото колено пред да испратат официјална понуда до Алмерија. Откако ги разгледаа наодите и се консултираа со тренерот Макс Алегри, тие одлучија да ги напуштат преговорите и да го насочат фокусот кон Гуела Дуе од Стразбур.
Се очекуваше дека Вулверхемптон ќе има отворен пат да го потпише младиот шпански репрезентативец, но доцна синоќа се случи пресврт. Како што пишуваат „Марка“ и новинарот Фабрицио Романо, Атлетико ја искористи можноста и брзо обезбеди договор со играчот и Алмерија.
Трансферот треба да изнесува околу 16 милиони евра со дополнителни 4 милиони преку бонуси и процент од идните продажби.
Родриго сака да остане во Мадрид, одлуката префрлена кај Алонсо
Бразилскиот фудбалер на Реал Мадрид, Родриго, има намера да остане кај „белите“ иако се погласни се шпекулациите дека ќе мора да бара нова средина.
Тој во изминатата сезона одигра 30 средби со ефект од 6 голови и пет асистенции. Според непотврдени информации, за неговиот потпис фигурираат англиските состави Арсенал, Ливерпул и Тотенхем како и германскиот гигант, Баерн Минхен.
Според весникот „АС“ , Тотенхем може да испрати понуда за трансфер доколку „кралевите“ ја спуштат сумата под 90 милиони евра.
Бенфика го претстави Колумбиецот Риос
Колумбискиот фудбалер, Ричард Риос, потпиша договор со Бенфика до 2030 година, потврди португалскиот состав на социјалните мрежи.
Неговиот досегашен клуб Палмерирас заработи 27 милиони евра. 25-годишниот играч кој во изминатата сезона имаше 4 голови и исто толку асистенции, треба да биде големо засилување во средниот ред на Бенфика.
„Огромна радост за мене и целото мое семејство. Доаѓањето во Бенфика е голем чекор напред во мојата кариера. „Сонував да дојдам во Европа“ – рече Риос.