feature

Чупиќ: Посакувам гостинска победа против Мелсунген

По петгодишна пауза, Вардар повторно ќе настапи во Лигата на шампионите. Новата европска сезона за црвено-црните почнува во четврток со гостување кај германскиот Мелсунген.

Натпреварот ќе се одигра во салата во Касел, со почеток во 20,45 часот. Ова ќе биде првото коло од групата Б во новата сезона на најквалитетното европско клупско натпреварување.

Вардар и Мелсунген добро се познаваат од минатата сезона, кога одиграа два меѓусебни натпревари во Европската лига. Сега следува нова пресметка, во различни околности и на повисоко натпреварувачко ниво.

Тренерот на Вардар, Иван Чупиќ, очекува сосема поинаков натпревар и нагласува дека германскиот тим ќе треба да ја потврди фаворитската улога на теренот.

„Нормално е дека сега ќе биде различно. Ова е сосема друго натпреварување и друг дел од сезоната. Кога игравме против нив минатата сезона, тие веќе имаа доволно бодови, а во тој период имаа и многу повредени ракометари. Сега се комплетни, а станува збор и за отворање на Лигата на шампионите. Затоа очекувам сосема поинаков натпревар. Ние во моментов сме во малку незгодна ситуација. Не се сите ракометари здрави и имаме одредени проблеми. Тешко дека на почетокот ќе можеме да настапиме со поширок состав. Го имаме тоа што го имаме, а потоа ќе видиме како ќе се развиваат работите.
Секако дека би бил задоволен со победа. Со што друго би можел да бидам задоволен?

Тешко е да се зборува пред почетокот и пред првиот натпревар. Вардар е млада екипа, условно кажано. Во сегашниот состав нема многу ракометари со искуство од настапи во Лигата на шампионите. Можеби само двајца или тројца имаат такво искуство, но не треба премногу да зборуваме за тоа.

Имаме уште три-четири дена за да го подготвиме натпреварот. Се надевам дека добро ќе се подготвиме и дека ќе отпатуваме подготвени да се докажуваме. Нормално е Мелсунген да ја има фаворитската улога, но тие ќе треба да го покажат тоа на теренот. Ние, пак, треба да покажеме дека сме подготвени за Лигата на шампионите и за еден сериозен натпревар“, изјави Чупиќ.


Паоло Ваноли се врати на клупата на Фиорентина

Паоло Ваноли и официјално се врати на клупата на Фиорентина, само три месеци откако клубот од Фиренца одлучи да не ја продолжи соработката со него по завршувањето на минатата сезона.

Италијанскиот стручњак доаѓа како замена за Фабио Гросо, кој доби експресен отказ по катастрофалниот почеток на новата сезона во Серија А, каде тимот претрпе три порази во првите три кола и се најде на последното место на табелата без ниту еден освоен бод. Раководството на клубот реши да ја поправи грешката од јуни и веднаш го врати Ваноли, кој веќе го одработи и првиот тренинг со екипата.

Ова е втор пат Ваноли да ја презема Фиорентина во тешка ситуација, откако минатата сезона успеа да го стабилизира тимот и да обезбеди опстанок во елитата.


Локатели се повреди, нов проблем за Спалети

Јувентус пред дербито со Милан беше без дури седуммина фудбалери, а сега на листата на повредени е додадено уште едно име.

Поради повредата на коленото која ја заработи во неделниот натпревар, Мануел Локатели можеби ќе треба да биде подложен на операција на менискусот објавија италијанските медиуми.

Искусниот дефанзивен играч за врска во наредните денови ќе биде под постојан надзор на лекарскиот тим, по што ќе биде донесена одлука дали ќе мора да оди на операција или, сепак, повредата ќе може да се санира со мирување и третман.


Дубаи го официјализира трансферот на Вокап

ATHENS, GREECE – MAY 24: Thomas Walkup, #0 of Olympiacos Piraeus reacts during 2026 EuroLeague Championship Game Olympiacos Piraeus vs Real Madrid at Telekom Center Athens on May 24, 2026 in Athens, Greece. (Photo by Tolga Adanali/Euroleague Basketball via Getty Images)

Олимпијакос и официјално потврди дека Томас Вокап ја продолжува кариерата во Дубаи, откако двата клуба постигнале договор за негов трансфер.

„Томас Вокап ќе ја продолжи кариерата во Дубаи, откако двата клуба постигнаа договор“, објави грчкиот клуб на своите социјални мрежи, упатувајќи му благодарност на кошаркарот за придонесот во изминатите пет години.

Со ова завршува една од најголемите трансфер-саги летово во Евролигата. Сè започна кога Вокап побара да ја продолжи кариерата во Обединетите Арапски Емирати, на што Олимпијакос остро реагираше и ја обвини управата на Дубаи за неовластени преговори со играч кој имал важечки договор.


Швјонтек од добиен меч, до сензационална елиминација на УС Опен

Ига Швјонтек доживеа шокантна елиминација во осминафиналето на УС Опен, откако загуби од Кинезинката Женг Чинвен со 7-5, 6-3.

Швјонтек имаше предност од неверојатни 5-0 во првиот сет, но потоа следуваше целосен колапс.

Женг освои седум гема во низа, спаси три сет-топки и направи огромен пресврт. Во вториот сет Швјонтек имаше и две брејк-топки при 3-2, но не ги искористи, по што не освои ниту еден гем до крајот.

Во четвртфиналето Женг ќе игра против подобрата од дуелот меѓу Наоми Осака и Елена Рибакина.


Кејн: Оваа сезона ќе биде наша сезона

Напаѓачот на Баерн Минхен, Хари Кејн, верува дека неговиот тим е подготвен за нов напад на трофејот во Лигата на шампионите.

Баварците минатата сезона беа елиминирани во полуфиналето од ПСЖ, кој потоа ја освои титулата.

„Навистина сме блиску. Минатата сезона деталите решија сè. Сега влегуваме со став дека ова мора да биде наша сезона. Мора да најдеме начин да успееме“, изјави Кејн.

Баерн новата сезона во Лигата на шампионите ја започнува со големи амбиции, а Кејн неодамна истакна дека европската титула е една од главните цели на тимот.


Вимблдон воведува строги правила за инфлуенсерите

Вимблдон нема да воведува посебни акредитации за инфлуенсери, за разлика од УС Опен, каде што годинава беа акредитирани 100 креатори на содржина.

Организаторите на лондонскиот гренд слем најавија и построги мерки на влезот. На посетителите ќе им биде одземана дополнителна опрема, како „ринг ламби“ и други светла, кои може да им пречат на тенисерите за време на натпреварите.

Одлуката доаѓа по критиките за атмосферата на овогодишниот УС Опен, каде што блицевите и непристојно однесување од трибините неколкупати ги прекинуваа тениските мечеви.

Вимблдон, со тоа, останува цврсто посветен на традиционалниот тениски бон-тон, со јасна порака дека играчите и спортот се пред социјалните мрежи.


Артета: Уживав во секоја минута од дербито со Челзи

Менаџерот на Арсенал, Микел Артета, беше воодушевен од настапот на својот тим во победата од 2-1 против Челзи во лондонското дерби.

„Уживав во секоја минута, од почетокот до крајот. Почетокот беше тежок, но реакцијата на тимот беше спектакуларна – со самодоверба, решителност и квалитет“, изјави Артета.

Шпанецот смета дека Арсенал има потенцијал да биде уште подобар во продолжението од сезоната. Посебно го пофали капитенот Мартин Одегард, кој постигна гол и според него е на едно од највисоките нивоа во кариерата.

Артета го истакна и Каи Хаверц, кој исто така погоди против Челзи и, според менаџерот, изгледа физички подготвен, расположен и самоуверен.

„Сè уште имаме многу простор за напредок. Амбицијата на тимот е секојдневно да станува подобар“, додаде Артета.


Шелтон е противникот на Алкараз во четвртфиналето во Њујорк

Деветторангираниот тенисер на АТП листата, Американецот Бен Шелтон, се пласираше во четвртфиналето на УС Опен, откако во синоќешното осминафинале во Њујорк беше поуспешен од Гркот Стефанос Циципас (АТП – 53) со 3-0 во сетови (6-2, 6-3, 6-4).

Во четвртфиналето, Шелтон ќе игра против бранителот на титулата, третиот тенисер во светот, Карлос Алкараз од Шпанија.

Пласман во четвртфиналето на грен слем турнирот во Њујорк обезбеди и 12-от тенисер во светот, Американецот Франсис Тиафо, кој го победи Русин Данило Медведев во осминафиналето по три сета, 7-6, 6-4, 7-6.

Тиафо ќе игра во четвртфиналето против својот сонародник, 46-тиот тенисер на светот, Алекс Микелсен, кој во осминафиналето триумфираше над Аргентинецот Томас Мартин Ечевери (АТП – 32) со 7-6, 6-4, 6-4.


Ласана е човекот на одлука, Струга го доби дербито со Силекс

Во рамките на шестото коло од ПМФЛ, екипата на Струга Трим Лум забележа минимална, но исклучително важна победа од 1–0 против Силекс на домашен терен, во натпревар каде гостите од Кратово први се заканија преку Манојлов чиј проектил го одбрани Василев.

Набрзо потоа Донов пропушти голема шанса, за потоа Шеро од десната страна да ја погоди само надворешната мрежа, по што домашните го имаа најсериозниот одговор во 28-та минута кога Радески испрати вистински проектил во казнетиот простор, но голманот Џеков со крајни напори успеа да ја пренасочи топката во стативата.

Потоа Манојлов повторно беше непрецизен во завршницата од првиот дел.

Bо вториот дел, по еден корнер, Радески биеше со глава, а Ласана Диако вешто ја искористи одбиената топка од противничката одбрана и ја закова во мрежата за 1–0.

Силекс се закани во 73-та минута кога Пауновски од слободен удар биеше над пречката, со што резултатот остана непроменет до самиот крај за голема радост на стружани.

Во седмото коло Струга ТЛ гостува кај Тиквеш, додека Силекс ќе ја пречека Брегалница во Кратово.