feature

Пелистер првпат ќе игра во ЛШ на ФИБА

КК Пелистер и официјално ја потврди. Имено битолчани во следната сезона ќе бидрат учесници во Лигата на Шампионите на ФИБА.

Цел на „зелено-белите“ беше да се биде дел од елитното европско натпреварување, за таа цел беше испратена апликација до ФИБА Европа, на која денеска се доби позитивен одговор.

ФИБА официјално ги објави имињата на учесниците во ЛШ, при што името на Пелистер се наоѓа меѓу 24-те клубови кои ќе играат квалификации за место во ЛШ. Според пропозициите, овие 24 тима ќе бидат поделени во три групи, а само победниците во секоја група ќе обезбедат пласман во главната фаза од Лигата на Шампионите.

Потенцијални ривали на Пелистер во овие квалификации се екипите на: Бакен (Данска), Бурса (Турција), Орадеа (Романија), Шалон (Франција), Фалко (Унгарија), Фрибург (Швајцарија), Ден Борш (Холандија), Јувентус (Литванија), Калев (Естонија), Карху (Финска), Кутаиси (Грузија), Левен Брауншвајг (Германија), ПАОК (Грција), Патриоти Левице (Словачка), АЕК Ларнака (Кипар), Порто (Португалија), Реџана (Италија), Студентски Центар (Црна Гора), Рилски Спортист (Бугарија), Трепча (Косово), Мурсија (Шпанија), Антверпен (Белгија) и вицешампионот на Полска.


Саутгејт фаворит за селекторското место во Полска

Поранешниот селектор на Англија, Герет Саутгејт, е еден од можните кандидати за селекторското место на националниот тим на Полска, пренесуваат локалните медиуми.

Стручњакот е без ангажман од јули минатата година, откако се раздели со селекцијата на Гордиот Албион.

По заминувањето на Михај Пробиеж, Саутгејт самиот изразил интерес за функцијата.Пробиеж си замина од репрезентацијата по конфликт со големата ѕвезда Роберт Левандовски.

Селекторот му ја одзеде капитенската лента на лидерот на тимот, по што фудбалерот објави дека ќе бојкотира сѐ додека Пробиеж не биде сменет. Само два дена подоцна селекторот си поднесе оставка.


Кокошков ја напушти НБА лигата за да се врати во Европа

Поранешниот селектор на српската репрезентација, Игор Кокошков, ја отфрли понудата од НБА за враќање во Евролигата. Според информациите тој имал можност да биде дел од неколку професионални штабови во НБА, но одлучил да се врати во Евролигата.

Тој е речиси сигурно новиот тренер на Анадолу Ефес. Кокошков е дел од тренерскиот штаб во НБА во последните две години под водство на Квин Синдер во Атланта Хокс.

Сепак, овој тренер од српско потекло имаше можност да остане во НБА бидејќи Чонси Билапс го сакаше во својот штаб во Портланд Треил Блејзерс. 53-годишникот ја отфрли таа, како и некои други непознати понуди, и по секоја цена одлучи да се пресели во Ефес.


Диего Копола од Верона се пресели во Брајтон

Италијанскиот фудбалер Диего Копола е нов играч на Брајтон, објави англискиот клуб.

21-годишниот дефанзивец потпиша петгодишен договор, клубот не објави други детали од договорот.

Копола кариерата ја започна во младинската академија на Верона, за која дебитираше во 2021 година, и досега има 81 настап и постигнато четири гола, два во претходната сезона во која запиша 35 натпревари.

„Диего е големо засилување за клубот. Иако е млад, тој е многу висок, силен и подвижен, и ќе ни донесе значителна физичка стабилност. Тој напредуваше во Серија А и заслужено се најде на списокот на италијанската репрезентација“, изјави тренерот на Брајтон, Фабијан Хурцелер.

Копола моментално игра за италијанската репрезентација до 21 година на Европското првенство во Словачка.

Ова е второ летно засилување на Брајтон, по доаѓањето на младиот напаѓач Хараламбос Костулас од Олимпијакос за 29,8 милиони фунти.


Флорида Пантерс е освојувач на „Стенли Купот“ во хокеј на мраз

Флорида Пантерс се старо-новите шампиони на Националната хокеарска лига на САД и Канада. Флорида ги победија Едмонтон со 5-1 и ја затворија финалната серија со 4-2 во победи.

На овој начин, Флорида стана десеттиот тим со последователни титули во НХЛ и првиот по Тампа Беј во сезоната 2020/21.

Повторувањето на минатогодишното финале им понуди многу емоции на навивачите, но во последните два натпревари, хокеарите на Флорида ја покажаа својата супериорност. Синоќа Флорида ги доби сите периоди и заслужено го освоија Стенли Купот по втор пат во својата историја.

Сем Бенет од Флорида беше избран за најкорисен играч во плејофот, откако постигна 15 гола по завршувањето на регуларната сезона.


Челзи и Лион преговараат за Фофана

Премиерлигашот Челзи упати вербално барање до Лион во врска со трансферот на крилниот напаѓач Малик Фофана, објави „The Athletic“.

Раководството на англискиот клуб стапило во контакт со претставници на францускиот тим, но Челзи се уште нема дадено конкретна понуда за 20-годишниот Белгиец.

Фофана минатата сезона за Лион постигна 11 гола и направи шест асистенции на 41 натпревар.

Актуелниот договор на Фофана со Лион е до летото 2028.

Трансфермаркт ја проценува вредноста на играчот на 30 милиони евра.


Канада останува во календарот на Формула 1 Мундијалот

Трката за Големата награда на Канада ќе остане во календарот на Формула 1 до 2035 година, откако денес беше објавено продолжување на договорот за уште четири години.

Патеката „Жил Вилнев“ во Монтреал е позната по своите возбудливи трки, а овогодинешното издание донесе судир меѓу возачите на Мекларен, Ландо Норис, и Оскар Пјастри.

Патеката во Монтреал прв пат беше домаќин на трка од Формула 1 во 1978 година, а претходниот договор предвидуваше да остане во календарот до 2031 година.

„Додека Формула 1 слави 75 години постоење, симболично е што ја продолжуваме нашата соработка со Големата награда на Канада, трка богата со историја и големо значење, именувана по вистинска легенда, Жил Вилнев“, рече претседателот и извршен директор на Формула 1, Стефано Доменикали. /МИА


Пелистерци добија златници за одличната сезона во младинската ЛШ

Со официјална вечера на младинската екипа која го претставуваше клубот, градот и Македонија во ЕХФ Лигата на шампиони за млади, шампионот Еурофарм Пелистер, означи крај на уште една успешна сезона.

По повод големиот успех и пласманот на завршниот турнир на ЕХФ Лигата на шампиони за млади, сите ракометари, членови на стручниот штаб и организацијата на клубот добија златници со логото на клубот и на натпреварувањето.

Овој златник претставува уникатен спомен и награда за импресивниот успех. На ракометарите им се обрати спортскиот директор Звонко Шундовски и техничкиот директор Горан Петровски.

Младинците на битолскиот тим со победите над Динамо Букурешт и Киелце обезбедија пласман меѓу четирите најдобри во Лигата на шампионите, каде забележаа порази од ГОГ Гудме и Барселона.


Непопуларно реми на Борусија и Флуминензе во Њу Џерси

Фудбалерите на Борусија Дортмунд и Флуминензе одираа натпревар без голови на Светското клупско првенство во САД.

Дерби натпреварот од првото коло од групата Ф на стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси заврши со најнепопуларниот резултат, 0-0. Секогаш е интересно и неизвесно кога се натпреваруваат Германците и Бразилците, но овој пат играчите на им двата тима останаа должни на фудбалските фанови.

И за овој натпревар немаше голем интерес кај навивачите, на стадионот со капацитет од малку повеќе од 80.000 седишта, имаше точно 29.755 гледачи.

Фудбалерите на Флуминензе, шампионот на Јужна Америка од 2023 година, беа нешто поопасни, особено во второто полувреме кога голманот на Борусија, Грегор Кобел, се истакна во неколку ситуации. Особено во 70-та минута кога Евералдо имаше добра шанса.

Капитен на тимот од Рио де Жанеиро беше легендарниот бразилски репрезентативец и поранешен дефанзивец на Милан, Пари Сен Жермен и Челзи, 40-годишниот Тиаго Силва.

19-годишниот Џоуб, помладиот брат на англискиот репрезентативец и фудбалер на Реал Мадрид, Џуд Белингам, дебитираше за тимот на Нике Ковач. Тој пристигна од Сандерленд за околу 30 милиони евра. Влезе во игра во 59-та минута наместо Паскал Грос.

Јужнокорејскиот Улсан ХД и Мамелоди Сандаунс од Јужна Африка играат во истата група вечерва на полноќ.


Мирче Калајџиевски од Еурофарм Пелистер 2 се сели во Еурофарм Пелистер!

Како и претходните години и ова лето најдобрите млади ракометари од развојната екипа ќе бидат прекомандувани во шампионскиот тим на Еурофарм Пелистер. „Мозокот“ на Еурофарм Пелистер 2, екипа која без пораз се промовира во суперлигаш, Мирче Калајџиевски е нов член на Еурофарм Пелистер.

Мирче Калајџиески има 21 години, роден во Струга, а во Битола дојде од словенечкиот клуб Слован Гросист. Висок 180 сантиметри, а тежок 80 килограми.

Калајџиевски на крајот од јуни ќе му се стави на располагање на стручниот штаб на Еурофарм Пелистер за подготовките за сезоната 2025/26.