feature

Игор Стојчевски ќе го суди финалето на Купот на Македонија

Фудбалската федерација на Македонија ги делегираше судиите за финалниот натпревар од Купот на Македонија помеѓу ФК Силекс и ФК Шкендија, кој ќе се одигра на 20. мај (среда) со почеток во 20:00 часот на Национална арена „Тодор Проески“.

Главен судија на финалната пресметка ќе биде Игор Стојчевски, најдобриот македонски судија, интернационален ФИФА судија, дел од ментор програмата за елитни судии на УЕФА. Славниот турски арбитар Џунејт Чакир е ментор во УЕФА програмата на нашиот судија. Стојчевски, воедно е назначен за судија на натпреварите од Европското првенство за фудбалери до 19 години кое оваа година ќе се одржи во Велс.

Во улога на асистент судии за утрешното финале ќе бидат Тоше Ицев, долгогодишен и докажан интернационален асистент судија со искуство на домашната и европската сцена, како и Вјолца Изеири, ФИФА судијка која успешно суди натпревари во УЕФА Конференциска лига и во женската УЕФА Лига на шампиони.

Четврти судија на финалниот натпревар ќе биде Бењамин Керими, млад и перспективен арбитар кој е дел од CORE програмата на УЕФА и зад себе има бројни успешно отсудени натпревари од висок натпреварувачки карактер во домашното првенство.

Александар Грујоски е назначен за ВАР судија, а АВАР судија ќе биде Гоце Петрески.


Силекс и Шкендија во борба за Купот на Македонија на арената „Тодор Проески“

Екипите на Силекс и Шкендија утре од 20:00 часот на Националната арена „Тодор Проески“ ќе се соочат во финалето од Купот на Македонија, натпревар кој ќе го даде последниот трофеј сезонава и место на европската сцена.

За Силекс ова е можност успешната сезона да ја круниса со трофеј, откако шампионатот го заврши на четвртата позиција. Тренерот Александар Васоски очекува тежок и неизвесен дуел против искусниот состав на Шкендија.

„За нас ова е натпревар на сезоната, бидејќи носи излез во Европа. Шкендија е квалитетен и искусен противник, можеби и во мала предност поради европските натпревари што ги има одиграно. Но, ќе се обидеме да ги искористиме сите слабости што ќе ни се понудат. Која би била предноста на Силекс? Според мене, тоа е што Шкендија има одиграно 54 мечеви сезонава. Посакувам добро финале и нека победи подобриот“, изјави Васоски.

Во таборот на Шкендија владее оптимизам пред финалето, а тренерот Јетон Беќири потенцира дека неговиот тим ќе влезе максимално мотивирано во борбата за трофејот.

„Мислам дека Шкендија по 8 години е во финале на Купот и нормално ќе влеземе максимално во овој меч и како екипа која сака да се надигрува. Имаме почит кон Силекс кои последниве две години играат одлично. Лани до последно коло се бореа со нас за титулата. Нијанси ќе одлучуваат. Можеби имаме мала предност од нашето европско искуство, но во еден меч тоа ништо не значи бидејќи секогаш во овие мечеви одлучува еден момент. Ние ќе дадеме се од себе да победиме утре. Пред се сакам фер натпревар и да има коректно судење, па кој ќе е посреќен нека се радува на крај“, рече Беќири.

Капитенот на Шкендија, Арбин Зејнулаи, истакна дека клубот секогаш има највисоки амбиции.

„Шкендија секогаш пред почетокот на сезоната игра за титули дома и добар настап во Европа. Ова е многу важен меч за нас и ако го дадеме максимумот, мислам дека на крајот ќе стигнеме до трофејот“, изјави Зејнулаи.

Дарко Анѓелески, капитенот на Силекс вели дека ќе гледаме одлично финале, предводникот на кратовчани верува во квалитетите на тимот.

„Ова е најважниот натпревар за нас сезонава и подготвени сме да го дадеме максимумот за да го освоиме трофејот. Знаеме дека не очекува тежок противник, но веруваме во нашите квалитети и во тимскиот дух. Се надевам на добро финале, фер игра и радост за нашите навивачи на крајот“, изјави капитенот на Силекс, Дарко Анѓелески.

Шкендија на утрешниот натпревар ќе биде без најдобриот стрелец Бесарт Ибраими, кој поради повреда нема да настапи во финалето и за него сезоната е завршена.


Земјотрес на Етихад: Гвардиола си оди, Енцо Мареска е новиот менаџер на Манчестер Сити

Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, и поранешниот менаџер на Челси, Енцо Мареска

Во потег што предизвика вистински земјотрес во фудбалскиот свет, Пеп Гвардиола официјално ја извести управата на Манчестер Сити дека си оди од клубот. По историската и со трофеи исполнета ера во која го редефинираше модерниот фудбал, каталонскиот стратег одлучи дека неговата авантура на Етихад е завршена.

Одлуката е конечна и веќе им е соопштена на клупските челници, а набрзо се очекува и официјално соопштение од Сити. Заминувањето на Гвардиола означува крај на еден од најдоминантните периоди во историјата на Премиер лигата, оставајќи зад себе наследство изградено врз немилосрден перфекционизам, тактичка еволуција и импресивна колекција на пехари.

Раководството на Манчестер Сити не беше затечено неспремно. Во брза и одлучна транзиција, поранешниот менаџер на Челси, Енцо Мареска, е избран за човек кој ќе го наследи Гвардиола, а сите детали од договорот со италијанскиот тактичар се веќе комплетирани.

Клупските егзекутивци веќе подолго време гледаа на Мареска како на идеален кандидат за преземање на тронот. Наместо радикални тактички промени, Сити се одлучи за континуитет. Фудбалската филозофија на Мареска совршено се поклопува со препознатливиот стил на игра заснован на посед на топката и висок пресинг што го всади неговиот претходник, што го прави природен избор за одржување на династијата.

За Мареска ова именување претставува големо враќање дома. Италијанецот одлично ги познава внатрешните работи во клубот, со оглед на тоа што претходно го предводеше развојниот тим на Манчестер Сити, пред да стане десна рака на Пеп во стручниот штаб за време на историската сезона 2022/23, кога беше освоена триплетата.

Бидејќи учеше директно од Гвардиола, неговото разбирање за клупската култура, динамиката во соблекувалната и тактичкиот план е на највисоко ниво. По докажувањето на менаџерската сцена надвор од Манчестер, тој сега се враќа на голема врата, целосно подготвен да ги преземе уздите на една од најмоќните фудбалски машинерии во светот.


Ѓоковиќ со честитка за Синер: Добредојде во клубот

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ му честиташна светскиот рекет број еден Јаник Синер за комплетирање на трофеите од сите мастерс-турнири.

Италијанецот стана вториот играч во историјата на Здружението на тениските професионалци (АТП) што победил на секој АТП 1000-турнир во календарот.

Синер го постигна овој подвиг по победата над Норвежанецот Каспер Руд (6-4, 6-4) во финалето на АТП 1000-турнирот во Рим.

  • Честитки, Јаник! Импресивно. Добредојде во ексклузивниот клуб – напиша Ѓоковиќ на социјалните мрежи.

Синер освои шест последователни мастерс-титули продолжувајќи ја својата победничка серија на овие турнири на 34 натпревари.


Флик и Барса заедно до 2028 година

Тренерот на Барселона, Ханс-Дитер Флик, доби продолжување на договор до 2028 година, објави прес-службата на каталонскиот клуб.

Договорот, исто така, вклучува опција за дополнителна една сезона.

Шеесет и едногодишниот Германец ја презеде Барселона во мај 2024 година. Под негово водство, тимот освои две титули во шпанското првенство и шпанскиот Суперкуп, како и еден шпански куп.

Од август 2021 до септември 2023 година, Флик беше селектор на германската репрезентација.

Тој исто така ги тренираше Баерн Минхен, Баментал и Хофенхајм.


Дембеле се повреди непосредно пред финалето на ЛШ со Арсенал

Пари Сен Жермен е во големи проблеми пред финалето на Лигата на шампионите против Арсенал, откако Усман Дембеле беше принуден да го напушти теренот, во последниот натпревар од Лига 1.

Актуелниот освојувач на „Златната топка“ се чини дека заработил повреда на листот на ногата во поразот од 2-1 против Париз во градската пресметка. Тој мораше да го напушти теренот по само 27 минути игра.

Времето на повредата не можеше да биде полошо за тимот на Луис Енрике, бидејќи финалето на Лигата на шампионите против Арсенал е закажано за сабота, 30 мај.

Дембеле е клучен играч на „светците“ оваа сезона, а неговото отсуство од финалниот натпревар би бил сериозен удар за тимот.

Луис Енрике изгледаше оптимистички по натпреварот.

„Добро е. Се надевам дека не е ништо сериозно“, рече стратегот на ПСЖ.

Додека клубот не го објави официјалниот медицински извештај, раководството на ПСЖ нема намера да крева паника.


Тео Симиќ потпиша во НЦАА 1 лигата

Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Теодор Симиќ, има нов клуб и кариерата ќе ја продолжи во Соединетите Американски Држави каде потпиша за еден од клубовите во НЦАА 1 лигата.

Симиќ последната сезона ја мина во редовите на Кожув, со кого настапи во Суперлигата на Македонија

Следен предизвик ќе му биде во странство, каде ќе игра „зад барата“ за екипата на УТ Арлингтон од Тексас.


Чави Пасквал ја менува Барса со Дубаи

Според шпанскиот весник Марка, тренерот на Барселона, Чави Пасквал ќе напушти каталонскиот клуб ова лето, откако ќе ја плати клаузулата од 300.000 евра и ќе го прифати предизвикот во Дубаи.

Тимот од Обединетите Арапски Емирати му нуди најголем договор во историјата на европската кошарка, а целта е влез во Фајнал-фор турнирот во Абу Даби.

Дубаи веќе обезбеди неколку клучни засилувања, а Пасквал се очекува да ја предводи амбициозната екипа на Истокот.


Жељко Обрдовиќ се враќа во Панатинаикос

Додека иднината на тренерот Ергин Атаман е под знак прашалник поради неуспехот во четвртфиналето, клубот наводно размислува за сензационално враќање на легендарниот Жељко Обрадовиќ, кој ја дефинираше златната ера на овој грчки кошаркарски гигант.

Кошаркарскиот клуб Панатинаикос се наоѓа во тешка ситуација по елиминацијата во четвртфиналето на Евролигата од страна на Валенсија.

И покрај тоа што тимот имаше предност од 2-0 во серијата, неуспехот да се пласираат на завршниот турнир во својата арена ОАКА предизвика огромно незадоволство кај навивачите и раководството.

Сопственикот Димитрис Јанакопулос вложи значителни финансиски средства во создавањето на најскапиот состав во историјата на клубот, што дополнително го зголемува притисокот врз сите инволвирани страни.


Далиќ го објави списокот, Модриќ ги предводи Хрватите

Златко Далиќ, селекторот на Хрватска, го објави списокот за претстојното Светско првенство.

Како што се очекуваше, националниот тим го предводи Лука Модриќ, кој веројатно ќе игра со маска на Светското првенство, по повреда на лицето што ја доби во Серија А. На спиското е и суперталентираниот дефанзивец Лука Вушковиќ, кој би можел да направи голем трансфер на лето.

Далиќ објави список од 26 играчи, како и список на резерви, од кои некои ќе влезат доколку има повреди до први јуни, кога треба да се испратат конечните списоци.

Хрватите ги зголемија очекувањата на претходните две Светски првенства, бидејќи освоија сребро во Русија, а беа трети во Катар во 2022 година.

Голмани: Доминик Ливаковиќ (Динамо Загреб), Ивор Пандур (Хал), Доминик Котарски (Копенхаген),

Дефанзивци: Јосип Станишиќ (Баерн), Јошко Гвардиол (Манчестер Сити), Јосип Шутало (Ајакс), Лука Вушковиќ (Хамбург), Дује Челета-Цар (Реал Сосиедад), Мартин Ерлиќ (Митјиланд), Кристијан Јакиќ (Аугсбург), Мартин Понграчиќ )Фиорентина)

Играчи од средниот ред: Лука Модриќ (Милан), Матео Ковачиќ (Манчестер Сити), Мартин Батурина (Комо), Петар Сучиќ (Интер), Лука Сучиќ (Реал Сосиедад), Марио Пашалиќ (Аталанта), Тони Фрук (Риека), Ловро Мајер (Волфсбург), Никола Влашиќ (Торино), Никола Моро (Болоња),

Напаѓачи: Иван Перишиќ (ПСВ Ајндховен), Андреј Крамариќ (Хофенхајм), Анте Будимир (Осасуна), Игор Матановиќ (Фрајбург), Петар Муса (Далас).

Резерви: Ловро Мајер (Волфсбург), Фрањо Ивановиќ (Бенфика), Дион Дрена Бељо (Динамо Загреб), Иван Смолчиќ (Комо), Карло Летица (Лозана), Адријан Сегечиќ (Портсмут), Лука Стојковиќ (Динамо Загреб).

Хрватска ќе се подготвува во Риека, а потоа ќе одигра пријателски натпревари со Белгија и Словенија пред да отпатува за САД.

На Мундијалот, Хрватска ќе игра во група со Англија, Панама и Гана.