останато

Бангкок и Тајланд влегуваат во Формула 1 календарот

Извршниот директор на Формула 1 Стефано Доменикали оствари денеска средба со премиерот на Тајланд на која биле разгледани плановите за вклучување на оваа азиска држава во календарот со трки во Ф1. Доколку двете страни постигнат договор, трката за Големата награда на Тајланд би се одржала на улиците во главниот град Бангкок.

Тајландскиот премиер Паетонгтарн Шинаватра рече дека Владата ќе нарача „физибилити студија“ за можноста трката да се одржи во главниот град од 2028 година. Тајланд веќе има тркачка патека во Бурирам, на североистокот на земјата, а истата е акредитирана од Меѓународната автомобилска федерација (ФИА). Доменикали ги опиша плановите како „импресивни“.

„Верувам дека сите Тајланѓани ќе имаат корист од организацијата на овој настан, без разлика дали тоа е преку големи инвестиции во инфраструктурата, отворање нови работни места, создавање нови приходи и увоз на нови технологии и иновации“, рече тајландскиот премиер. Овогодишниот календар на Светскиот шампионат во Формула 1 содржи 24 трки, од кои четири се лоцирани во азиско-пацифичкиот регион: Големата награда на Австралија во Мелбурн (14 март), Големата награда на Кина во Шангај (21 март), Јапонското ГП во Сузуки (4 април) и ГН на Сингапур (3 октомври).


Германецот Бах избран за доживотен почесен претседател на ИОК

Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет ИОК во заминување, Томас Бах, со акламација беше избран за доживотен почесен претседател, на денешното заседание во грчкиот град Пилос.

Бах (71), германски адвокат и поранешен олимписки првак во мечување, застана на чело на МОК во 2013 година, а официјално ќе ја напушти должноста на 23 јуни. Неговиот наследник ќе биде избран в четврток.

За претседателското место во МОК има седуммина кандидати.Главни претенденти се потпретседателот на МОК, Хуан Антонио Самаранч Јуниор, министерката за спорт на Зимбабве, Кирсти Ковентри и претседателот на Светската атлетика, Британецот Себастијан Коу.

Претседателот на Меѓународната велосипедска федерација Дејвид Лапартиент, шефот на Меѓународната федерација во гимнастика Моринари Ватанабе, јорданскиот принц Фејсал Ал Хусеин и мултимилионерот Јохан Елијаш, кој ја предводи Меѓународната федерација во скијање и сноуборд, го комплетираат составот кандидати за претседател на МОК.


Највисокото олимписко тело ќе добие нов претседател по дванаесет години

COSTA NAVARINO, GREECE – MARCH 17:President of IOC Thomas Bach talks to media during a press conference after the IOC Executive Board meeting on March 17, 2025 in Costa Navarino, Greece. (Photo by Milos Bicanski/Getty Images)

Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) Томас Бах, чиј наследник ќе биде избран за три дена во Грција, во понеделникот призна дека ја напушта функцијата „многу спокојно“, тврдејќи дека е „во мир“ со себе, за се што му дал на олимпиското движење, пренесоа грчките медиуми.

Баварецот официјално ќе ја предаде функцијата на 23 јуни, но неговиот наследник ќе биде познат уште во четврток по изборите, кои се оформуваат како историски. МОК никогаш немал седум кандидати за највисоката функција во своето 130-годишно постоење.

Според многу медиуми, Томас Бах ја поддржува единствената жена што се кандидира за оваа позиција – Кирсти Ковентри од Јужна Африка.

Бах препорача и боксот да остане на програмата на Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година. Голем чекор за МОК е тоа што одобри нова Светска боксерска федерација.

Боксерската препорака ќе биде ставена на гласање за време на Конгресот на МОК во Грција оваа недела и се очекува да биде одобрена без пречки. Боксерските настани во Париз во 2024 година беа водени од МОК откако комитетот ја одзеде лиценцата на Светската боксерска асоцијација поради недостаток на реформи и финансиски проблеми.


Бах: Боксот ќе остане олимписки спорт

PARIS, FRANCE – AUGUST 09: Imane Khelif of Team Algeria competes with Liu Yang of Team People’s Republic of China during the Boxing Women’s 66kg Final match on day fourteen of the Olympic Games Paris 2024 at Roland Garros on August 09, 2024 in Paris, France. (Photo by Maja Hitij/Getty Images)

Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) Томас Бах му препорача на Генералното собрание да го вклучи боксот во програмата на Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година.

Бах изрази „увереност“ дека ќе биде донесена одлука за вклучување на боксот.

„Значи, боксерите од целиот свет ќе имаат сигурност дека можат да учествуваат на Олимписките игри во Лос Анџелес“, додаде тој.

Одлуката следи по привременото признавање на младата меѓународна федерација „World Boxing“ во февруари, со што ја исфрли од олимпиското движење Меѓународната боксерска федерација (ИБА) под руско влијание.

„World Boxing“ е основана во 2023 година, а на крајот на минатиот месец броеше само 78 членови, значително помалку од другите признати спортски организации.


Одбојкарските натпревари одложени за следната недела

Одбојкарската федерација на Македонија ги одложува натпреварите од редовните кола предвидени за престојниот викенд (22/23 март) во сите натпреварувачки категории, како и заостанатите натпревари коишто требаше да се одиграат во текот на оваа работна недела, во знак на сочувство и солидарност кон семејствата на загинатите и настраданите во трагедијата во Кочани.

Владата на вчерашната седница донесе одлука за седумдневна жалост на територијата на цела држава по страшната трагедија која се случи во Кочани.

Предвидените натпревари, согласно Календарот за натпреварување, како и заостанатите натпревари ќе се одиграат во средината на следната недела во договор со клубовите, информираат од Федерацијата.


Огура дисквалификуван по трката во Аргентина

Возачот на Трекхаус, Аи Огура, е дисквалификуван од трката за ГН на Аргентина, откако неговиот тим користел софтвер кој претходно не ја поминал хомологацијата.

Јапонскиот возач го зазеде импресивното осмо место на втората трка од сезоната, откако стартуваше од 15-та позиција.

„Огура користеше нехомологирана верзија на софтверот (V21 b102), која не е одобрена во Светскиот шампионат. Ова е спротивно на членот 2.4.3.5.3 за електрониката од правилникот на Светското првенство“, се вели во соопштението на Дирекцијата за трка.

Тимот нешто подоцна излезе со соопштение во кое се наведува дека иако Огура не добил никаква предност од грешката, ја прифатиле казната.

Дисквалификацијата на Огура од втората трка во сезоната му овозможи на неговиот тимски колега Раул Фернандез да освои еден бод, откако се искачи на 15. место.


Ландо Норис победи на Формула 1 трката во Австралија

Возачот на Мекларен, Ландо Норис славеше на трката за ГН на Австралија, со која започна овогодинешниот шампионат во Формула 1.

Британецот го постигна петтиот триумф во кариерата на патеката Алберт Парк, со девет десетинки предност пред Макс Ферстапен во болидот на Ред Бул. На третото скалило на подиумот се најде возачот на Мерцедес, Џорџ Расел, кој заостануваше седум и пол секунди.

Возачите на Ферари, Шарл Леклер и Луис Хамилтон трката ја завршија на осмото односно десеттото место. Меѓу нив се пласира Пјастри.


Марк Маркез победи на ГН на Аргентина

Возачот на Дукати, Марк Маркез триумфираше на вечерашната спринт трка која се одржа во пресрет на трката за големата награда на Аргентина.

Шпанскиот возач забележа нов сезонски триумф на патеката Тримас Де Рио Ондо, откако тој триумфираше и на предходната трка во Тајланд .

Марк Маркез, исто како и пред две недели во Тајланд, славеше пред својот помлад брат Алекс, кој заврши на втората позиција со задоцнување од девет десетинки.

Франческо Бањаја ја заврши трката на третото место, заостанувајќи три секунди зад шпанците.


Маркез ќе тргне од пол-позицијата во Аргентина

Возачот на Дукати, Марк Маркез, ја освои пол-позицијата пред ГН на Аргентина, втората трка од овогодинешниот шампионат во Мото ГП.

Осумкратниот светски првак уште од почетокот на акцијата ги поместуваше границите на патеката „Термас де Рио Ондо“, а на пат до втората пол-позиција сезонава, постави нов рекорд, 1:36.917 минути.

Исто како и пред две недели во Тајланд, најблиску до него беше неговиот помлад брат, Алекс, возач на Гресини Дукати, кој заостануваше 246 илјадитинки. На браќата Маркез во првиот стартен ред им се приклучи сензационалниот Жоан Зарко на ЛЦР Хонда.

Вториот стартен ред го заврши Фабио ди Џанантонио од тимот БР46, следен од Фабио Квартаро на Јамаха и тимскиот колега Франко Морбидели. Меѓу првите десет се најдоа Марко Бецеки од Априлија и фабричкиот возач на Хонда Жоан Мир.

Спринт трката во Аргентина е закажана за 19 часот, додека Големата награда е закажана за во недела во истиот термин.


Ника Превц го сруши светскиот рекорд во ски-скокови

Двократната светска шампионка Словенката Ника Превц постави светски рекорд во ски скокови.

Во Викерсунд, Ника леташе 236 метри, 45,5 метри подолго од нејзиниот личен рекорд. Оваа 19-годишна Словенка двапати постави нов светски рекорд на тренингот во петокот.

Ника потекнува од многу успешно спортско семејство. Има тројца браќа: Петер, Цене и Домен, исто така ски-скокачи. Петер Превц е поранешен светски шампион и има четири медали на Зимските олимписки игри.

Таа го подобри претходниот рекорд на Норвежанката Силја Опсет од минатата година на истата скокалница за цели 5,5 метри.

Дамите во сабота и недела во Викерсунд ќе се натпреваруваат во единствените две натпреварувања на леталниците, оваа сезона на Светскиот куп.